Свет
Градоначалниците се жалат дека Положани и Поповски не ја даваат власта
Три месеци по стартот на децентрализацијата, централната власт не се откажува од надлежностите
Три месеци по стартот на децентрализацијата, централната власт не се откажува од надлежностите
Петров: Проблемите во образованието може да го компромитираат процесот на децентрализација.Не смее во почетокот на годината да се укинува целодневната настава
Три месеци по официјалниот старт на процесот за децентрализација, градоначалниците се жалат дека централната власт не се откажува од надлежностите што треба да поминат под капата на општините. Првите луѓе на општините најмногу забелешки имаат за министрите за образование и за финансии, Азис Положани и Никола Поповски, за кои велат дека тешко им паѓа дел од власта, но и од парите, да преминат на локално ниво. На адресата на Положани и на Поповски беа упатени најмногу критики на вчерашната трибина посветена на предизвиците на децентрализацијата, во организација на Македонскиот институт за медиуми. Министерот за локална самоуправа, Ризван Сулејмани, трпеливо ги ислуша градоначалниците, повика на внимателен пристап и порача да не се праќаат погрешни сигнали дека несовесното и недомаќинско работење ќе се наградува.
Градоначалникот на Гази Баба, Коце Трајановски, ја критикуваше власта дека заборавила на даденото ветување дека ќе ги растовари општините од старите долгови. „ Со наследениот долг од 80 милиони денари јас сум влезен во Буџетот за наредните три години”, рече тој и се пожали дека Владата имала различни аршини за општините од опозиција и од власта. Трајановски забележа дека Положани и Поповски не се откажуваат од довчерашните ингеренции. „Министерот за образование никако не сака да се развласти, а министерот за финансии се затскрива зад правилници за да им ги ускрати парите што им следуваат на општините”, се пожали Трајановски.
Претседателот на ЗЕЛС, Андреј Петров, сугерираше да не се штеди на децентрализацијата, а градоначалниците да не се третираат како луѓе, кои купуваат луксузни возила, туку решаваат практични, секојдневни проблеми на луѓето. И Петров не е задоволен од односот на министерот Положани и искажа забелешки за трансферот на надлежностите во образованието.
„Проблемите што се јавија во образованието се сериозни и може да го компромитираат целиот процес на децентрализација. Некогаш сме соочени со ад хок решенија за исклучително важни прашања. Не може да се дозволи во почетокот на учебната година да се укинува целодневната настава. Се јавија и проблеми со смените на директорите во некои основни училишта, а на тоа кумуваше и министерот за образование. Кога се носеше Законот за основно образование, требаше да се предвиди соодветна одредба за да се избегне проблематична ситуација. Меѓутоа, со намера да се спречи политизацијата во образованието, се предизвика контраефект, па сега преку пратениците ќе иницираме измена на Законот. Градоначалниците не смеат да бидат технички служби на училиштата, директорите на училиштата, кои се со несоодветно образование треба да бидат сменети, но тоа треба да се направи по пат на процедура”, рече Петров.
Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, исто така, забележа дека луѓето што биле на високи позиции во подрачните единици на Министерството за образование, не се одлепуваат од функциите. „Началниците за образование не можат да разберат дека веќе не се началници, туку советници”, рече Заев.
Министерот Сулејмани информираше за последната владина одлука на општините да им се префрлат вкупно над една милијарда денари, за покривање на наменски дотации во образованието, културата, социјалата, како и по основ на ДДВ. Тој изрази надеж дека децентрализацијата ќе заживее, дека во иднина градоначалничката функција ќе се деполитизира, а градоначалниците нема да бидат партиски луѓе. Сулејмани рече дека работите несмеат да се генерализираат, дека успешни градоначалници има и од редовите на опозицијата , и од редовите на власта.“ Сепак, тоа зависи од индивидуалните способности на луѓето и од способноста да се фатат во костец со проблемите”, додаде Сулејмани.
(О.В.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

