Македонија
Четири седници на Комисии во Собранието на Р.М.

Комисиите за финансирање и буџет, за надворешна политика, за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија денеска ќе одржат седници во Собранието на Република Македонија.
Предвидено е Комисијата за надворешни работи да ги разгледа платформите на четворица македонски амбасадори Кире Илиоски, амбасадор во Кралството Шведска и Република Финска со платформа за постојаната мисија при меѓународните организации во Виена, Пајо Авировиќ, амбасадор и постојан претставник на Република Македонија во ОН со платформа за амбасадорската функција во Државата Израел, Илија Исајловски, амбасадор во Руската Федерација и платформа за НР Кина, Зоран Дабиќ постојан претставник на РМ при меѓународните организации во Виена и платформа за новата функција – амбасадор и шеф на Постојаната мисија на Република Македонија при НАТО во Брисел, а тие пред комисијата ќе дадат отчет за сработеното до сега.
Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе расправа за Предлог-закон за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај (прво читање); Предлог-национална програма за железничка инфраструктура 2014 – 2016; Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење (второ читање) и за Годишната програма за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2014 година.
Пред Комисијата за финансирање и буџет на дневен ред ќе се најдат шест предлог закони во второ читање – за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, Законот за експропријација, Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Законот за вршење на сметководствени работи, Законот за игрите на среќа и за забавните игри и на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.
Законодавно-правната комисија ќе расправа за Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини (прво читање); Предлог-закон за изменување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај (прво читање); Предлог-национална програма за железничка инфраструктура 2014 – 2016 и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за градење (второ читање)./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.