Свет
Правобранителството ќе чека уште една контрола во „Фершпед“
Јавното правобранителство, и покрај барањата на Антикорупциската комисија, нема да побара да почне судски процес за поништување на приватизацијата на скопската компанија „Фершпед“.
Александра К. Мишовска
Јавното правобранителство, и покрај барањата на Антикорупциската комисија, нема да побара да почне судски процес за поништување на приватизацијата на скопската компанија „Фершпед“. Од јавното правобранителство се децидни дека Управата за јавни приходи мора да направи нова контрола во „Фершпед“, па потоа да се преземаат какви било мерки. Оттаму велат дека таква контрола побарале, но не кажуваат кога се случило тоа. Од Правобранителството одбиваат да кажат кој е одговорен за случајот „Фершпед“.
-Јавното правобранителство побара од Управата за јавни приходи да направи нова контрола во „Фершпед“ за да се утврди каква било приватизација. Претходните две контроли што ги изврши Управата се направени во време пред избори и затоа е неопходна уште една контрола – вели Зоја Лега-Станоевска, јавен правобранител.
Во Правобранителството не го коментираат ставот на Драган Малиновски, претседател на Антикорупциската комисија, според кого нема потреба од одолжување на почнувањето на судскиот процес, бидејќи веќе има две контроли што покажуваат дека приватизацијата на „Фершпед“ не била правилна. Антикорупциската комисија уште во минатата недела вторпат доставила барање до Јавното правобранителство да иницира судски процес за евентуално поништување на приватизацијата на оваа скопска компанија. Нема информации дали барањето стигнало до Правобранителството.
-Ние уште пред година и пол побаравме Правобранителството да го почне судскиот процес и да се поништи приватизацијата. Правобранителството сега бара повторна контрола, а одложувањето е сосема непотребно. Неправилностите се веќе утврдени – изјави завчера Малиновски.
Од увидот во документите за приватизацијата на „Фершпед“, кои до Антикорупциската се доставени од Управата за јавни приходи, утврдено е дека менаџерскиот тим во времето на склучувањето на договорот за продажба на претпријатието, наместо 10, поседувал акции во вредност од само нешто повеќе од 3 отсто од проценетата вредност. Тоа е спротивно на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Дополнителните интерни акции искористени за продажбата на претпријатието биле покриени со пари на „Фершпед“. По извршените контроли било утврдено и дека при приватизацијата на компанијата не биле земени предвид оние 51 отсто од акциите што му припаѓале на ЈП ЖТП „Скопје“, дел од „Македонски железници“. Овој влог не бил искажан во книгите за евиденција.
За овој капитал веќе имаше судски процес, но железничарите го загубија бидејќи тие немале право да тужат, туку тоа требало да го прави Јавното правобранителство. Пред една година Врховниот суд поништи уште едно решение што требаше да ја поништи приватизацијата на „Фершпед“. Тужбата ја поднесе Владата кога на власт беше ВМРО- ДПМНЕ, а образложението за поништувањето било дека не може Владата да поништува приватизација што сама ја иницирала, туку тоа требало повторно да го стори Јавното правобранителство.
„Фершпед“ се приватизира уште во 1995 година, а сега е една од најуспешните домашни компании и една од ретките во Македонија што се уште нема странски капитал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: Најмалку 127 цивили убиени во израелски напади во Либан и покрај прекинот на огнот
Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права денес објави дека најмалку 127 цивили се убиени во Либан во израелски напади откако беше постигнат прекин на огнот пред речиси една година.
ОН повика на итна истрага и строго почитување на прекинот на огнот, објави Ројтерс.
„Речиси една година по договорениот прекин на огнот меѓу Либан и Израел, продолжуваме да бидеме сведоци на интензивирање на израелските напади што резултираат со цивилни жртви и уништување на цивилни објекти во Либан, со алармантни индикации за поширока офанзива“, изјави портпаролот на канцеларијата, Тамин Ал-Китан, на прес-конференција во Женева.
Тој додаде дека податоците се базираат на методологијата на ОН, но дека вистинскиот број на загинати цивили може да биде поголем.
Фото: принтскрин
Свет
Калас: Европа бара разоружување на Русија
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека конечниот мировен план за Украина мора да содржи јасни механизми што би спречиле каква било повторна инвазија на Русија. Зборувајќи на BBC Radio 4, таа нагласи дека е потребно Москва да прифати отстапки и да преземе целосна одговорност за војната.
Калас подвлече дека конфликтот не може да се заврши без структурни промени во пристапот на Русија кон меѓународните обврски.
„Ако сакаме ова да заврши засекогаш, навистина ни требаат отстапки од Русија. Не можете само да нападнете друга земја и да не преземете никаква одговорност“, нагласи таа.
Според неа, идниот мировен договор мора да ја вклучува обврската на Русија да ги почитува меѓународните договори, како и намалувањето на бројот на нејзините вооружени сили. Ова, според Калас, е клучот за одржлива безбедност на Украина и Европа.
Осврнувајќи се на можноста за враќање на Русија во Г8, Калас беше недвосмислена:
„Тоа е дефинитивно неприфатливо. Не можеме да се вратиме на вообичаеното работење, како би можеле да го замислите тоа?“
Шефицата на европската дипломатија претходно изјави дека Москва „нема право“ да поставува услови за Киев за време на мировните преговори и дека Европската Унија има „јасен план“ за Украина – во време кога американскиот претседател Доналд Трамп предлага нов модел за решавање на конфликти.
Според Калас, европската политика останува конзистентна: мирот мора да се постигне за Украина да биде трајно заштитена, а Русија да биде спречена да ја повтори агресијата.
Фото: принтскрин
Регион
Вучиќ: Ние сме воено неутрална земја и ќе соработуваме со кого сакаме
Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека Србија е воено неутрална земја која сама избира со кого ќе соработува.
Тој го кажа ова во Претседателството, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој рече дека Србија има суверено право да учествува во вежби со кинеската армија, но дека ќе „се дистанцира од соработката на Вучиќ со Кина“.
„Ние сме воено неутрална земја и ќе соработуваме со кого сакаме“, изјави Вучиќ во врска со изјавата на Руте.
Како што вели, се дистанцира од НАТО и од сè што НАТО направи во 1999 година, додавајќи дека и српскиот народ се дистанцирал од него.
„Затоа што сакаме добро да соработуваме со нив. Тоа го направивме особено преку КФОР. Среќни сме поради многу професионалниот однос што го имаме со КФОР. Имаме добри односи со НАТО, ќе продолжиме да имаме добри односи со НАТО. Затоа му се заблагодарувам на г-дин Руте што се дистанцира од мене. Немам проблем со тоа, ми направи услуга. Србија е слободна земја и суверена земја и ќе остане таква“, рече Вучиќ, објави Танјуг.
Фото: принтскрин

