Македонија
Паљурчани: Сега и СДСМ не’ навреди!
СДСМ наместо да се извини од името на Бранко Црвенковски, повторно го навреди селото Паљурци и сите селани во државата, велат од Координативното тело од Паљурци како реакција на вчерашното соопштение од СДСМ дека Паљурци било спомнато само симболично
„По вчерашната реакција од село Паљурци, а по повод навредите од страна на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, претседател на сите граѓани, упатени до Паљурци, добивме само повторување на неговите зборови од неговата партија, а ни кажуваат дека ние нешто не сме разбрале. Не. Ние многу добро слушнавме како Бранко Црвенковски ги навреди македонските села преку спомнувањето на Паљурци“, велат од Координативното тело.Тие и понатаму стојат на ставот Црвенковски лично и јавно да се извини за упатените навреди до македонските села преку потсмевањето со село Паљурци.Преписката помеѓу СДСМ и паљурчани почна вчера, кога Координативното тело од ова село реагираше на говорот што Црвенковски го имаше на 11. Конгрес на партијата во саботата. Тој тогаш рече дека државата повеќе не треба да биде свртена кон Пела и Паљурци, ами кон Брисел и Европа.Откако Координативното тело на селото побара извинување од Црвенковски, СДСМ преку соопштение проба да го оправда својот лидер со тоа што тврдат дека станало збор за недоразбирање и дека селото било споменато само симболично.„Навредите упатени до село Паљурци и сите нас, за Црвенковски биле само симболика со која сакал да ја искаже евроатлантската аспирација на Македонија. Македонија не може да оди во Европа без селата кои Црвенковски ги навредува и понижува. Уште еднаш го потсетуваме дека патот до Брисел не се оди со навреди на македонските села, туку со почит кон своето. Тој пат до Брисел го гради целокупниот македонски народ, и од градовите, и од селата“, велат паљурчани на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

