Свет
Единаесет Палестинци загинаа во израелските напади

Единаесет Палестинци, меѓу кои и четворица борци на Хамас загинаа во израелските напади врз појасот Газа, што е најсмртоносен напад уште од јануари 2009 година.
Единаесет Палестинци, меѓу кои и четворица борци на Хамас загинаа во израелските напади врз појасот Газа, што е најсмртоносен напад уште од јануари 2009 година. Обединетите нации (ОН) и Европската унија (ЕУ) повикаа на итен прекин на огнот откако во четвртокот од појасот Газа беше испукана против тенковска ракета во школски автобус во Израел, при што тешко беше повреден еден ученик. По овој напад следуваше одмаздата на израелските сили, во која за 24 часа беа убиени 16 лица. Педесетина проектили се испукани изминатите денови од појасот Газа кон Израел, меѓутоа тие не предизвикаа материјална штета ниту човечки жртви. За некои од нападите одговорноста ја презедоа бригадите Езедин ал-Касам, милитантното крило на Хамас, игнорирајќи го повикот на владата на Хамас за почитување на примирјето. Хамас се надева дека ќе може да избегне израелска воена операција од пошироки размери, во операцијата која беше спроведена од декември 2008 до јануари 2009 година загинаа 1.400 лица од палестинска страна и 13 Израелци. Во знак на протест против израелските напади врз појасот Газа, 2.000 демонстранти своето незадоволство го искажаа пред израелската амбасада во Каиро. крај/х/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.