Свет
Три фирми добиваат 30 милиони евра за лекови

Фармацевтските компании „Реплек“, „Д-р Пановски“ и „Промедика“ се први на листата на веледрогерии според парите што им биле исплатени од Фондот за здравство за набавка на лекови од позитивната листа, велат од Фондот.
КАКО СЕ ДЕЛИ КОЛАЧОТ ОД ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА
Адријана Георгиев
Фармацевтските компании „Реплек“, „Д-р Пановски“ и „Промедика“ се први на листата на веледрогерии според парите што им биле исплатени од Фондот за здравство за набавка на лекови од позитивната листа, велат од Фондот.
Во 2005 година, по тендери распишани од Фондот за здравствено осигурување, набавени се лекови од позитивната листа во вредност од приближно 61 милион евра. Од овие пари, кај „Реплек“ отишле 11, 5 милиони евра, „Д-р Пановски“ добила околу 11 милиони евра, а „Промедика“ 8,5 милиони евра. Следни на листата се „Алкалоид“ и „Алкалоид конс“ со 5,4 милиони, односно 1,4 милиони евра. Во поделбата на колачот од позитивната листа учествувале и фирмите „Зегин“ со 4,7 милиони евра, „Кемофарм“ со 4,3 милиони евра, „Крка фарма“ со 3,2 и „Фарматрејд“ со 2,4 милиони евра. Со помалку од 16 милиони евра учествувале фирмите „Хемофарм комерц“, „Макимпорт“, „Ветфарм“, „Варус“ и уште 15 помали веледрогерии.
Новата позитивна листа, која се уште се наоѓа на процена во Фондот за здравствено осигурување ќе биде проширена за околу 130 нови генерики на лекови. Предложени биле препарати што се продаваат и по цена од 2.000 до 3.000 евра. Ова значи дека борбата да се земе што поголем дел од колачот, овој пат ќе биде уште поголема.
Лани трошоците на Фондот за здравствено осигурување биле околу 247 милиони евра. Од нив, 98 отсто се трошоци за здравствената дејност и осигурување, а само 5 милиони евра биле одделени за администрација и за функционирање на Фондот.
Во трошоците за здравствена дејност се вклучени здравствените услуги, на кои минатата година се потрошени 223 милиони евра, надоместоци за осигурениците и капитални расходи во јавните здравствени установи. Околу 216 милиони евра мината година биле префрлени во здравствените установи и од нив најмногу добиле болниците. Во распределбата на парите, Клиничкиот центар добил најмногу.
Според извештаите на Фондот, болниците во 2005 година трошеле многу повеќе пари за плати и надоместоци, отколку за лекови за болните.
За лекување во клиниките во странство, Фондот лани рефундирал само 2,6 милиони евра.
Покрај лекови за примарната здравствена заштита, за болници, за импланти, за потрошен материјал и за реагенси, Фондот одделил високи суми пари и за набавка на цитостатици, за лекови за дијабетес, за интерфероните и за лекови и материјали за дијализа.
Заради парите со кои располага Фондот за здравство, директорската функција во оваа институција е исто толку посакувана колку и министерската. Фондот раководи со здравствените пари, па оттаму не е чудно што досега речиси сите директори од оваа функција заминуваа со некаков скандал. Војо Михаловски заради злоупотреба на службената дејност заврши на суд, а Рубинчо Заревски беше сменет само неколку месеци по назначувањето.
Контролата во работењето на Фондот ја прават комисии од Министерството за здравство и од Министерството за финансии. Независно од нив контроли еднаш годишно прави и Државниот завод за ревизија. На прашањето колкава е моќта на првиот фондовец, експертите велат дека се зависи од политиката и од личноста која е на функција.
– Директорот ја раководи здравствената каса, но не е комплетно независен бидејќи министерот има право да стави вето на секоја негова одлука. Тоа значи дека овие две функции се меѓусебно поврзани – велат експертите.
За да се спречат идните скандали, новата влада најави дека со Фондот во наредните четири години ќе раководи менаџер од странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин