Македонија
Мијалков: Безбедносната состојба е стабилна и во моментов нема некој нов посериозен ризик
Во ексклузивно интервју за дневниот весник „Дневник“ го директорот на УБК, Сашо Мијалков, вели дека последните насилни инциденти, како оние во автобусите на ЈСП, се „сигнал дека треба многу повеќе да работиме со младите, но и јасно ни кажуваат дека меѓуетничката доверба изминативе 20-ина години не се градела на доволно добра основа, односно изостанувало доволно посветен однос од сите општествени и политички фактори“.
Мијалков смета дека е лошо тоа што овие инциденти, поради контекстот, добиваат посериозно и поинакво значење и испраќаат негативна слика за земјава, а таа порака стигнува и до потенцијалните инвеститори и до нашите партнери од меѓународната заедница, па потоа ни требаат двојно повеќе напори за да ја објасниме ситуацијата и да дојдеме до посакуваната позиција.
Запрашан за состојбата во МВР и УБК, Мијалов вели дека таа во моментов, е во подобра кондиција од кога било.
„МВР и УБК се во подобра кондиција од кога било. Како во однос на опремноста така и во однос на персоналните капацитети. Организациската поставеност и методологија на работење, дисциплината и субординацијата. Тоа што го затекнавме во 2006 година беше во најмала рака срам и вџашувачко. Никаков систем на кариера, застарена организациска поставеност, централизираност и оддалеченост од граѓаните. Како некој намерно да сакал да ги девалвира службите, а преку нив да ја влоши и позицијата на земјава. На ниво на цело МВР имаше помалку 500 компјутери, а се уште се возеа автомобили „застава 101“ и „голф2“. Во овие седум години целосно го обновивме возниот парк, набавивме 4 хеликоптери, реновиравме полициски станици, го имплементиравме проектот „Безбеден град“, воведовме 24 часовен видео надзор на сите гранични премини, го инсталиравме ТЕТРА- системот, инвестиравме милион евра во крим- технички лабаратории и реализиравме уште многу проекти и реформи во системот. Разликата е повеќе од очигледна. Во времето на нашите претходници исчезнуваше кокаин од депото, а ние ја имавме рекордната заплена во регионот и редовно партиципираме во меѓународни акции. Тие не смееа да помислат ниту да влезат во Чаир, а премиер и министер преговараа со кондовската група што ја држеше цела земја во заложништво шест месеци. Сега нејзините членови се во затвор, а ние реализиравме акции како „Планинска бура“. Тие не гледаа криминал ниту во „Бачило“, ниту помислуваа да се справат, на пример, со Франкфуртската мафија или со кочанското подземје и слично, а не пак, да расчистат со урбаната и тутунската мафија. Граѓаните ја препознаа оваа разлика и ја поддржаа. Враќање назад нема“, изјавил Мијалков.
Мијалков и со одговор по обвинувањата од опозицијата дека во земјата има селективна правда, велејќи дека се треба да се базира на докази.
„Доколку опозицијата ги базираше своите обвинувања на докази, верувам дека барем еднаш ќе ги презентираше. По нивната логика, сите се невини, дури и ако судот врз основа на доказите пресуди поинаку. За опозицијата, криминал во Македонија никогаш не постоел. Тоа што бевме на дното на листата на „Транспаренси“ е само тенденциозност кон тогашната власт. Граѓаните може да се жалат дека платиле, а не добиле стан, но за нив афери како „Фиком“, не постојат, обвинетите од „Машинопромет“ ги прогласија за невини, а не објаснија како стока книжена со вредност нула и отуѓена за уништување на отпад се продава во продавници по регуларна цена. Ако прашате кај опозицијата и осудениот претходен градоначалник на општина Аеродром од редовите на владеачката партија, како и актуелни партиски функционери од власта се селективна правда. Да, ние правиме селекција, но селекцијата на оние што го почитуваат законот и на оние што работат спротивно на законите и се богатат на грбот на граѓаните. За нив немаме и нема да имаме милост без разлика на политичката припадност. Опозицијата прави селекција во зависност од тоа дали е некој нивни член или симпатизер. Ако некој нив ги тужи за клевета тогаш тоа е обид за притисок и за замолчување. Кога тие тужат медиуми тогаш се работи за барање правда. Лицемерство и недоследност“, вели Мијалков./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

