Македонија
Тодоров: Образовниот систем има свои недостатоци кои треба да се унапредуваат
Македонскиот образовен систем има свои недостатоци кои што треба да се унапредуваат. Кај нас, за жал, има постојана потреба да се инвестира во образовната инфраструктура зашто тоа не се правело многу години наназад.
Македонскиот образовен систем има свои недостатоци кои што треба да се унапредуваат. Кај нас, за жал, има постојана потреба да се инвестира во образовната инфраструктура зашто тоа не се правело многу години наназад.
Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Никола Тодоров кој присуствуваше на тркалезната маса „Предизвици на образовната политика“ .
На тркалезната маса организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ беше промовиран и 33-тиот број на изданието „Политичка мисла“.
Министерот Тодоров посочи дека се потребни разни дообучувања, преквалификации, доквалификации, кратки циклуси на образование, особено во високото, и други форми што ги користат многу земји за да се одговори на потребите на брзодвижечкиот пазар на трудот.
„Образованието е еден од клучните столбови на државата, особено на држава како што е Република Македонија, каде што еден од најголемите проблеми е токму образовната структура. За таа цел во образованието и во креирањето на образовните политики треба да се води сметка на неколку нивоа. Правата работа е да се најде начин како да се образуваат оние кои што се во категоријата на возрасни лица, а имаат основно или помалку од основно образование. Другата е како да се овозможи масовно образование за сите средношколци. Тоа е единствениот начин Македонија да добие подобра образовна структура“, рече Тодоров.
Проф. Владимир Петрушевски, автор на статијата „Измените во Законот за високо образование во Македонија: промена или предизвик во образовната политика?“, што е објавена во изданието „Политичка мисла“, рече дека во неа укажува на забелешките за начинот на кој биле донесени измените во законот, зошто била потребна скратена постапка и за „осакатената автономија на Универзитетот и она што изгледа како кршење на Уставот“.
„Членот 12 на Законот ја детализира автономијата која е гарантирана со Уставот и кажува дека тоа значи академска слобода, неповредливост на просторот и самостојност во управувањето. Но, натаму е извршен упад во академската слобода. Она што е гарантирано во член 12 се гази со друг член. Тоа е, најблаго кажано, неконзистентен, внатрешно противречен закон“, рече Петрушевски.
Петрушевски кој е во одборот на професори што најавија доставување на иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на новиот закон, информираше дека таа е готова, а тоа што доцни со поднесувањето, како што рече, е поради што се работи педантно за да не може да и се стави никаква забелешка на иницијативата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Александар Спасеновски го негираше ставот на Петрушевски дека измените биле паушални.
„Не беше донесен набрзина. Законот е европски, сериозен и напреден, кој конечно треба да стави ред во македонското високо образование. Ако суштината во минатото беше како да го подигнеме квантитетот, во смисла на учеството на граѓаните во образовниот процес, а тоа го постигнавме со 98-те отсто запишани средношколци на факултети, во овој момент главната битка ќе се води за квалитетот на високото образование. Со законот се постигнува квалитет во наставно-образовниот процес во РМ и мислам дека сериозните професори, фелата, во поголем дел го поддржува отколку што се противи на законот“, рече Спасеновски. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.
Македонија
ЦУК: Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизра
Состојбата по поплавите во Струмица се стабилизира, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму, исто така, наведуваат дека до овој момент во РЦУК Скопје нема пристигнато пријави за штети предизвикани од врнежите од дожд. Состојбата е редовна и континуирано се следи.
Струмички регион
Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.
Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.
Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
Штипски регион
Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.
Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента. По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.
Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.
Македонија
Скопското Кале ќе прерасне во жива културна сцена на градот, најави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши работна посета и детален увид на локалитетот Скопско Кале, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, со цел целосно согледување на актуелната состојба и утврдување на реалните можности за негово понатамошно отворање и ставање во активна културна функција.
Во рамки на посетата беше нагласена јасната определба на Град Скопје за внимателно, стручно и одговорно приспособување на просторот, со цел Скопското Кале да прерасне во жива културна сцена достапна за граѓаните, уметниците и посетителите, при целосно почитување на историските слоеви, автентичноста и културното наследство.

„Скопското Кале ќе биде жива културна сцена на градот. Како градоначалник на Град Скопје, имам јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство“, вели Ѓорѓиевски.
Низ светот, додава тој, постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси.
„Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази. Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство. Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град. Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија.
Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, вели градоначалникот.

