Македонија
Свеченост по повод денот на Полкот за специјални операции
Свеченост по повод денот на Полкот за специјални операции в четврток ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје.
Свеченост по повод денот на Полкот за специјални операции в четврток ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје.Предвидено е присуство на министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, високи претставници од Министерството за одбрана, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа од општините и градот Скопје и други високи гости.На 1-ви март 1994 година е формиран баталјонот за специјални намени, кој беше основното јадро при формирањето на одредот за специјални намени, за подоцна да се трансформира во пСО. Пред точно 18 години, со формирањето на оваа единица, АРМ го започна процесот на професионализација, со оглед на фактот дека во составот на пСО од неговото формирање до денес, се наоѓаат само професионални војници. Кандидатите за прием во пСО, од самиот почеток на постоењето на баталјонот за специјални намени, подлегнуваат на исклучително ригорозни критериуми на селекција, со кои од нив се бара висок степен на психофизичка подготвеност, како за старешините, така и за професионалните војници. „Во изминативе 18 години, припадниците на најелитната единица на АРМ, го создаваа нејзиниот препознатлив имиџ и висок рејтинг, како во Република Македонија, така и во рамките на НАТО и ПзМ. Тоа се должи пред се на постигнувањето на врвни резултати на полето на стручно-специјалистичката обука во подолг период, како и високите оценки добиени низ петгодишното учество во мисијата ,,Слобода за Ирак“ во Ирак и во рамките на наменските сили ,,Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан“, велат од Генералштабот на АРМ. Основната мисија на пСО е изведување на специјални операции во мирновремени и во услови на конфликт, борба против тероризмот и други дополнителни активности. Покрај ова, една од задачите на пСО како дел од декларираните сили на АРМ, е учество во меѓународни операции за поддршка на мирот, како и превенција и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН и ЕУ. Припадниците на пСО, во чест на денот на единицата, во текот на месецов организираа акција за доброволно дарување на крв, хуманитарна акција за донација на прехранбени артикли на социјално загрозени семејства и натпреварувања во повеќе спортски дисциплини. /крај/со/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

