Македонија
Попладнево се очекува поголем метеж во патниот сообраќај и на граничните премини

Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по суви и чисти коловози.
Сообраќајот на патниот правец Гостивар – Кичево преку мостот на 1,5 км пред Стража е нормализиран и е прооден за сите видови на возила.
Патниот правец Р-504 Ресен – Охрид преку националниот парк Галичица е прооден за сообраќај.
На патниот правец Гостивар-Маврово во близина на Ново Село, поради реконструкција на мост сообраќајот се одвива регулирано со семафори и наизменично по една коловозна лента.
Според известување добиено од инженеринг компанијата Геинг, за потребите за изработка на проектна документација за реконструкција и рехабилитација на патниот правец А3/Р1-312, делница Велес – Кадрифаково како експресен пат, се извршуваат активности на патот кои се поделени во две фази. Првата фаза започна на 27.03.2013 година, при што се врши геодетско снимање и се поставени 2 табли за известување за работа на пат, од кои едната е поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.
Патниот правец Р-103 Неготино – Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот бр.9 преку реката Вардар, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.
Сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е со зголемен интензитет поради празничните денови. Уште поголема фреквенција на движење се очекува денес во попладневните часови, поради што препорачуваме да се користат и други патни правци освен вообичаените.
На граничните премини можни се подолготрајни задржувања од вообичаеното време за влез и за излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.