Македонија
Потпишаан Меморандум за соработка на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Кристофер Ивон, во вторник го потпишаа Меморандумот за соработка за финансирање на проектот „Поддршка за реформите во јавната администрација“.
Целта на проектот е да се поддржи воспоставување и менаџирање на процесот на управувањето со човечки ресурси базиран на компетенции во администрацијата на Република Македонија.
Министерот Ивановски истакна дека досега се преземени и остварени повеќе иницијативи за соработка со Обединетото Кралство, кои помогнаа во создавањето и развојот на сервисно ориентирана професионална администрација.
„Воведовме признати меѓународни методи за оценка и подобрување на квалитетот на работата и управувањето во администрацијата, како што е CAF програмата. Остваривме подготовки и обуки на средното раководство за примена на системот темелен на компетенции во уредувањето на систематизациите, постапките на вработување, стручно усовршување и развој на вработените. Во тие рамки спроведени се 22 обуки на централно и на локално ниво, со преку 440 обучени вработени лица од средното раководство“, рече министерот Ивановски.
Тој додаде дека новите програми во наредниот период, преку експертска и техничка помош, ќе придонесат кон професионален развој на вработените и унапредување на нивните компетенции за да обезбедат ефективен сервис за граѓаните, преку обуки, менторство, дебати и работилници, прирачници и сл.
„Во наредната година, програмата ќе биде насочена и кон подготовка на кандидатите за вработување и интервјуирање темелено на компетенции, кое има за цел да придонесе кон понатамошна професионализација на администрацијата во Република Македонија“, додаде Ивановски.
Британскиот амбасадор, Кристофер Ивон, од своја страна истакна дека резултатите од овој проект ќе бидат видливи за неколку месеци, што ќе придонесе за поголема професионализација на администрацијата и поголема услужност за македонските граѓани.
Според него, тоа е уште еден чекор на Обединетото Кралство во поддршката за Република Македонија на патот кон членството во ЕУ. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.
Македонија
Ѓорѓиевски најави: Вечерва почнуваат 72 часа за чистење на секој агол на Скопје
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска ја презеде функцијата од неговата претходничка, Данела Арсовска, најави дека вечерва во 20 и 30 часот почнува големата акција за чистење на градот.
„Од овој ден испишуваме ново поглавје во историјата на нашиот град. Поглавје исполнето со работа, посветеност и резултати. Ветивме дека ќе работиме чесно, одговорно и без одлагање и тоа започнува веднаш! Во 20:30 часот започнува големата акција за чистење на градот. Во следните 72 часа ќе го исчистиме секој агол, секоја улица, секој запуштен простор. Скопјани повеќе нема да живеат во запуштеност ќе живеат во град достоен за нив. Тоа е она што го ветив пред вас и за што цврсто стојам!“, објави Ѓорѓиевски.
Тој, исто така, кажа дека ги отстранил и рампите кај Град Скопје.

„Ги отстранивме и рампите. Скопје повеќе нема да биде затворен град, сега е отворен и за медиумите и за сите граѓани“, објави новиот градоначалник.
Ѓорѓиевски најави и целосна ревизија на работата на градската администрација и ветува дека секој кој не ја извршувал својата работа, ќе си замине, а секој чесен, вреден и одговорен работник ќе биде награден и почитуван.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Швајцарија, Кристоф Зомер
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер.
Соговорниците ја оценија тридецениската соработка како пријателска и плодна, изразувајќи решеност и подготвеност за нејзино проширување и продлабочување.
Претседателката му се заблагодари на швајцарскиот амбасадор за континуираната поддршка на македонската евроинтеграција. Исто така, таа и оддаде признание на Швајцарија за бројните и вредни донации во областа на заштитата на младите и жените, животната средина, како и во зајакнувањето на инклузивноста и одговорноста.
За швајцарскиот амбасадор, стоилјадната македонска дијаспора е вреден и почитуван актер во швајцарското општество.
Мултилатералната соработка, особено врзана за кандидирањето на престижни позиции двајцата ја сметаат за корисна, конструктивна и успешна.

