Македонија
Гешовски нов претседател на Комисијата за лустрација
Благоја Гешовски во следните шест месеци ќе претседава со Комисијата за лустрација, чие назначување денеска беше изгласано на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Негов заменик ќе биде Даут Даути.
Пратеничката Роза Каревска – Топузовска, од ЛДП, единствената опозициска партија која не ја бојкотира работата на Собранието, како што рече, им порача на новоизбраните претседател и заменик на Комисијата за лустрација доследно да го почитуваат и да работат според постојниот закон, а не да се надгласуваат.
Според неа Комисијата изминатиот период не го почитувала до крај законот.
Претседателот на Комисијата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и пратеникот од ДУИ Рафис Алити на ваквата забелешка од Топузовска вратија дека и Уставниот суд на Република Македонија донесува одлуки со надгласување.
Алити потсети дека се поднесени и измени на Законот за лустрација.
„Поради тоа што не бевме задоволни од Законот за лустрација, поднесовме негови измени. Одлуките не треба да се носат со надгласување, но истото начело треба да го има и во Уставниот суд. Не сме задоволни од работата на Уставниот суд. Законите кои во Собрание се донесени со консензус и со двотретинско мнозинство таму се случи да се надгласуваат“, рече Алити. На Комисијата беше изгласана и смена на два члена на Националниот совет за евроинтеграции.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата изгласа и смена на два члена на Националниот совет за евроинтеграции.На местото на Сашо Стефков, кој ќе ја предводи дипломатската мисија на Македонија во канцеларијата за врски во Атина, ќе биде Андреј Лепавцов, советник за надворешна политика во Кабинетот на претседателот на Владата. А Насер Селмани, новиот претседател на Здружението на новинарите на Македонија ќе ги претставува новинарите на местото на поранешниот претседател Роберт Поповски./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

