Македонија
Се уште се расветлува убиството во кумановско Липково
МВР се уште трага по лицата кои вчера го убија триесет и седумгодишниот Муамед Салији и го повредија неговиот братучед триесет и тригодишниот Бурим Салији.
МВР се уште трага по лицата кои вчера го убија триесет и седумгодишниот Муамед Салији и го повредија неговиот братучед триесет и тригодишниот Бурим Салији. Не се познати ниту мотивите за убиството во кумановско Липково.
Повредениот Бурим Салији синоќа беше префрлен во Ургентниот центар во Скопје, со повреди во левиот препон и левата надколеница. Неговата состојба е стабилна и моментално се наоѓа на КАРИЛ.
Убиството се случи во среда пред продавницата, која се наоѓа во центарот на селото.
Бурим отишол во локалната продавница, најверојатно да купи нешто. Пред продавницата се паркирала „Мазда“ со скопски регистарски таблици.
Од автомобилот излегло едно лице, а уште тројца го чекале внатре.
Лицето влегло во продавницата и почнало да се расправа со Бурим Салији, по што се вратил во автомобилот и заминале од пред продавницата.
Во меѓувреме пред продавницата дошол и Муарем, братучед на Бурим, со своите две малолетни деца.
Додека двајцата братучеди разговарале, Маздата се вратила и повторно започнала расправија.
Првично, кон братучедите пукало едно лице од Маздта, најверојатно со пиштол. По пукањето избегале со автомобилот во непознат правец.
Триесет и седумгодишниот Муарем починал на пат кон кумановската болница, а Бурим и пренесен во Скопје. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Магла на Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 50 метри има на планинските превои Ѓавато, Плетвар, Стража и Крушево, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Фатена во криминал до гуша, власта на Мицкоски посегнува по политички прогон, џабе ви е, сите ќе одговарате, порачуваат од СДСМ
Новите бомби ја стресоа Власта на Христијан Мицкоски. Фатена во криминал до гуша за испумпување на парите на граѓаните власта посегнува по политички прогон, велат од СДСМ.
„Како што се зголемува бројот на скандали за криминалот на власта така се зголемува нервозата, а со тоа и монтираните процеси, како последниот случај со електричните автобуси во Струмица.
Истата криминална матрица на Никола Груевски ги спроведува истите методи. Тоа е истата стара банда која повторно ќе биде поразена.
Џабе ви се заканите, џабе ви се монтираните процеси, се ви е џабе.
Не ви се плашиме.
Допрва ќе се чешате, допрва ќе ви станува непријатно, допрва ќе ве болат главите“.
Од СДСМ најавуваат дека новите бомби се спремни. Велат дека имаат докази за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и дека се ќе објават.
„А на крај ќе одговарате.
Работата се уште не е завршена“.

