Македонија
За навреда и клевета се тужат 170 новинари
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2010 година има многу забелешки за судството и медиумите, а анкетите покажуваат дека граѓаните немаат доверба ниту во судиите, ниту во новинарите
Ова се двете заеднички работи на судството и медиумите, но соработката меѓу двете страни сè уште е на многу ниско ниво. Судиите и новинарите денеска на заедничка маса се обидоа да ги решат проблемите меѓу нив.Почетниот впечаток и на двете страни беше недоволната соработка меѓу судиите и медиумите. Судиите бараат состојбите во судството да се прикажат пообјективно и пореално, а новинарите поголема отвореност на судовите и решавање на прашањето со тужбите против новинарите за навреда и клевета. Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани 170 новинари се тужат за навреда и клевета.„Нашата соработка треба да се заснова врз проценката која заеднички ќе ја направиме на почитувањето на слободата на говорот, а посебно колку судовите го почитуваат законот за слободен пристап. Во извештајот на ЕК за Македонија за 2010 година има доста забелешки за судството и медиумите и тука сме на исто рамниште и верувам дека ќе соработуваме во интерес на надминување на овие проблеми. На некој начин имаме заеднички интерес да ги поправаме состојбите, а истовремено да го обелиме образот на нашата татковина. Ние како ЗНМ сме многу заинтересирани да го поставиме прашањето на постапувањето на судовите по однос на тужбите за клевета и навреда. Заедно да направиме анализа колку нашите закони содејствуваат со обврските што Македонија ги има преземено во однос на европската конвенција за човекови права, универзалната декларација на ОН и други меѓународни документи. Неопходно ќе биде да направиме анализа колку овие наши закони, а пред се кривичниот законик, ги исполнуваат овие стандарди. Ќе ја побарам поддршката на судиите заеднички да ги детектираме тие слабости и евентуално во иднина да иницираме измени на кривичниот законик“ изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.Претседателот на Здружението на судии Николчо Николовски истакна дека освен право на информирање, новинарите треба да имаат и обврска за правилно информирање.„Секој новинар кој што пристапува во разговор или коментар на судска одлука или за судството или во било кој контекст го коментира судството и судската фела, мора да биде компетентен за тоа. Значи мора да го познава правото за да може во врска со правото да дава изјави или да дава свои коментари. Секое нестручно коментирање или коментирање од ракав и за дневно политички или уредувачки потреби, може да доведе до искривување, значи погрешно интерпретирање на информациите во јавноста“ вели Николовски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.

