Македонија
Аеродромци ќе тргнуваат од „Мајчин дом“ и од поштата во Ново Лисиче
По повод „Ден на дрвото“ на 13.11.2009 година (петок), за граѓаните на Општина Аеродром, кои сакаат да се вклучат во програмата „Засади ја својата иднина“, јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ обезбеди организиран превоз
Автобусите ќе тргнуваат од два пункта и тоа кај ортопедската клиника позната како „Мајчин дом“ и кај поштата во населбата Ново Лисиче. Организираниот превоз на граѓаните од двата пункта ќе стартува во 08:00 часот и ќе ротира на секои 2 часа. Во секоја тура ќе тргнуваат по три автобуси.Во акцијата на садење дрвца, која ќе се одвива на локациите Мршевци и Ајватовски рид покрај граѓаните, ќе се приклучат и градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, вработените во општинската администрација, како и ученици од основните и средните училишта на територијата на општината.Учениците од основните училишта ќе поаѓаат во 12:00 часот, додека учениците во средните училишта кои одат во прва смена ќе тргнуваат во 08:00 часот, а пак, втората смена ќе тргнува во 10:00 часот.Како што порачуваат организаторите, за правилно садење на шумските дрвца граѓаните треба да знаат дека садницата треба правилно да се стави и да се зацврсти во почвата. Притоа, коренот треба да ја задржи својата природна форма, да не се тутка или кине. Коренот не треба да се засади предлабоко или многу плитко, поточно гранките и игличките да не се затрупуваат, ниту пак корените да излегуваат над земјата. На крај, земјата околу садницата треба да се нагази темелно.Единствената цел на оваа акција е сите заедно да создадеме подобар и поздрав амбиент за живеење на сите граѓани во Република Македонија!Општина Аеродром ги повикува граѓаните активно да се вклучат во акцијата „Ден на дрвото“, со цел да се добие масовност и да се насадат што повеќе дрвца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Стратегиската линија на ВМРО-ДПМНЕ е дека националниот идентитет не е предмет на преговори
„Македонија може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет. Во европската традиција на народните партии, националното не е етноцентричен инструмент, туку демократски израз на заедничка историја, култура и политичка волја. За Македонија ова е особено важно: државата е млада, изложена на историски искушенија и често соочена со обиди за релативизирање на нејзиното постоење“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на отворањето на XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека Македонија може да чекори сигурно кон Европа само доколку е стабилна во сопствената самосвест и цврста во заштитата на својот идентитет. Во таа насока, претседателот Мицкоски ја презентираше стратегиската рамка на ВМРО-ДПМНЕ:
„Националниот идентитет не е предмет на преговори; почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот.
Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови.
Компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не смеат да бидат суштински.
Државното достоинство не е реторика, туку практична политика“, вели Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Историското наследство на Македонија е обврска, а не украс или сентимент
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на отворањето на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс ,,Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање и се осврна на темата за државноста. Тој истакна дека наследството за јазик, државност и културната самобитност создаваат три обврски за денешната генерација, а самото историско наследство е најсилен мотив државата да биде поефикасна и поорганизирана.
,,Историското наследство на македонската државност не е сентимент или украс. Тоа е обврска. Од Илинденската идеја, преку АСНОМ, до независноста во 1991 година, секоја генерација ја има истата должност: да ја штити државата институционално, безбедносно, економски и културно. Историјата не е товар, туку темел врз кој се гради современата национална самодоверба“, рече Мицкоски.
Мицкоски трите обврски на денешната генерација се континуитет, модернизирање и достоинството на македонската државност и идентитет.
,,Наследството на борбата за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација: прво, да се зачува континуитетот и достоинството на државноста и идентитетот , да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости, и трето да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви“.
Македонија
Мицкоски: Денес не зборуваме за бројки, зборуваме за обнова на македонската самодоверба
ВМРО-ДПМНЕ денеска го одржува 18-ти конгрес во Кавадарци, каде што претседателот, Христијан Мицкоски, во отворениот дел имаше воведно обраќање.
Во својот говор, Мицкоски истакна дека државата не се гради со зборови, туку со карактер, дека иднината не ја носат храбрите говори, туку храбрите одлуки и дека во животот на секоја генерација постои момент кога историјата престанува да биде учебник и станува обврска, а пред нас е точно тој момент.
„Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши“, рече Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, денес ја обновуваме големата идеја, дека државата е заеднички дом на сите, но обврска пред секого, дека слободата не е подарок, туку дисциплина, дека модерната Европа не е географија, туку вредност и дека напредокот не доаѓа од оние што чекаат, туку од оние што тргнуваат да го создадат.
„Ние сме тие што мора да тргнат. Затоа што никој од надвор нема да ни ја изгради државата, ниту ќе ни ја заштити историјата, ниту ќе ни ја напише визијата. Тоа е наша чест, наша должност и наша генерациска мисија. А ако нешто научивме во сите овие години, тоа е дека Македонија не паѓа кога е тешко, паѓа кога се откажува. Денес одбиваме да се откажеме. Одбиваме да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Одбиваме да веруваме дека нашите деца треба да си заминат од овде за да успеат, одбиваме да ја прифатиме приказната дека Македонија е премногу мала за големи работи. Напротив. Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. И денес таа волја постои. Зрела е. Посилна од било кога. Затоа што денес не почнуваме нешто ново, денес продолжуваме нешто започнато пред генерации. Го продолжуваме стремежот за државност, за достоинство, за место под сонцето што никој не може да ни го одземе“, истакна Мицкоски.
Нека се слушне од оваа сала, посочи Мицкоски до секој дом во земјава, дека ова е времето на создавање не на чекање, на визија не на страв, на обединување не на пресметки, на изградба не на извинување.
„Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија, дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее. Ова е нашето ветување. Ова е нашиот завет и ова е нашата мисија“, порача Мицкоски.

