Свет
Корупциските случаи се губат на патот од МВР до судот
Откривањето и докажувањето на корупцијата е тежок и компликуван процес, тврдат експертите
Откривањето и докажувањето на корупцијата е тежок и компликуван процес, тврдат експертите
Во синџирот институции најпасивна улога игра Јавното обвинителство што постапува само по сознанија, а не и по сопствена иницијатива
КАТИЦА ЧАНГОВА
Корупциските случаи се губат на патот од Министерството за внатрешни работи до судот. И покрај тоа што во полицијата има кривични пријави за корупција, она што стигнува кај судот како оформено досие, е минимално. Во овој синџир институции најпасивна улога игра Јавното обвинителство што постапува само по сознанија, а не и по сопствена иницијатива. Доволна потврда за ваквата минорна улога е тоа што Обвинителството за криминален настан дознава од кривична пријава на полицијата, а тоа се случува во над 80 отсто случаи", потенцира доцент д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет кој вчера ги претстави резултатите од проектот "Набљудување на постапките за кривична дела од областа на корупцијата во Македонија".
Експертите што истражуваа 511 случаи за корупција во текот на 2003 година велат дека Јавното обвинителство, кое е во комотна ситуација, треба да ја преземе обврската на координатор во преткривичната постапка, а не да се пасивизира, препуштајќи ја иницијативата на МВР и на судовите. Судската истрага треба да се напушти, односно да редуцира само на особено компликуваните случаи, како што е случај во повеќето европски земји. Според познавачите на оваа материја, тоа значи дека истрагата треба да претставува исклучок, но не и правило. Корупцијата треба да се истражува како посебен феномен, а не да се спојува со организиран криминал како што се прави во моментов.
"Корупцијата има опашка, еднаш се влегува и никогаш не се излегува од неа. Ако корупцијата не се открие, тогаш нема да се открие ниту организираниот криминал", тврди професорот Љупчо Арнаудовски, кој вели дека носителот на корупцијата е посебен криминалец. Посебно загрижувачка е темната бројка на овој криминал што е сторен, но не е пријавен, односно не е откриен од надлежните органи. "Таа бројка е висока, бидејќи криминалното дело се случува во четири очи, меѓу двајца што имаат ист интерес и тие прават сў за да не се откријат. Носителите на коруптивните кривични дела, по правило, се луѓе од доверба, на положба, со моќ, власт и влијание што им овозможува да го прикријат казненото дело и да го намалат ризикот да бидат откриени и казнети", нагласува Арнаудовски.
Експертите тврдат дека е проблематичен и начинот на работа на судот. Во просек, предметите се одложуваат по една година, а нема никакви причини за тоа бидејќи се едноставни. Останува отворено прашањето дали судот бил непристрасен затоа што нема јасна регулатива како се распоредуваат предметите по делители на правдата. Тоа обично оди по автоматизам, но се случува одредени предмети да бидат наместени. Често пати, неосновано долго се одлагаат претресите, а улога во тоа имаат бранителите. Поентата е во тоа што на бранителите веројатно им е поважно да ги наплатат рочиштата, а не интересите на странката. Неопходни се порадикални мерки за да се измени моменталната состојба со судиите – поротници и нивната улога во главниот претрес. Тие треба да се поттикнат на активност и во работата и во одлучувањето, а не да бидат неми набљудувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан до Зеленски: Ми ласкаш, но не можам да ги поддржам твоите воени напори
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија не може да ги поддржи украинските воени напори, иако, како што наведе, ќе продолжи да му помага на украинското население.
„Ми се чини дека нема да можеме да се разбереме. Јас сум слободен човек кој му служи на унгарскиот народ. Ти си човек во очајна ситуација кој веќе четврта година не може или не сака да ја приведе војната кон крај, и покрај фактот дека американскиот претседател обезбеди сè што беше можно за тоа“, му порача Орбан на Зеленски.
Во објава на социјалните мрежи, Орбан напиша:
„Затоа, колку и да ми ласкаш, не можеме да ги поддржиме твоите воени напори. Украинскиот народ, секако, и покрај твоите внимателно одбрани навреди, и понатаму може да смета на тоа дека ќе продолжиме да ја снабдуваме вашата земја со електрична енергија и гориво, како и дека ќе продолжиме да им помагаме на бегалците кои доаѓаат од Украина.“
Пораката ја заврши со зборовите: „Останатото ќе го реши самиот живот и секој ќе го добие она што го заслужува.“
Објавата на Орбан уследи по говорот на Володимир Зеленски на Светски економски форум, каде што украинскиот претседател критикуваше дел од европските сојузници, меѓу кои и Унгарија.
Во својот говор, Зеленски порача дека „силите кои сакаат да ја уништат Европа не губат ниту еден ден“ и дека тие можат да дејствуваат и внатре во Европска унија.
„Мора јасно да се каже: секој Виктор што живее од европските пари, а притоа ги распродава европските интереси, заслужува шлаканица по шеширот. И дури и ако некој се чувствува удобно во Москва, не би смееле да дозволиме европските престолнини да станат мали Москви“, рече Зеленски, алудирајќи на унгарскиот премиер.
Украинскиот претседател во истиот говор го критикуваше и поширокиот европски одговор на руската агресија, оценувајќи дека Европа, наместо единствен настап против Русија и градење вистинска глобална моќ, останува „фрагментиран калеидоскоп од мали и средни сили“.
Фото: ЕПА
Свет
Tрамп испрати порака до Путин
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата порака до рускиот лидер Владимир Путин е дека војната во Украина мора да заврши, по, како што рече, „добри“ разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Давос во четвртокот.
Американски и украински претставници веќе со недели интензивно водат шатл-дипломатија, додека Киев се соочува со притисок од Трамп да обезбеди мир во речиси четиригодишната војна, и покрај малите знаци дека Москва сака да ги прекине борбите.
По средбата со украинскиот лидер, која траела околу еден час, Трамп изјави дека разговорот бил „добар“, но не изнесе дополнителни детали за неговата содржина. Во средата, Трамп рече дека договорот е „разумно блиску“.
„Мислам дека средбата со претседателот Зеленски беше добра. Тоа е процес што трае“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи дека американските пратеници денес патуваат на разговори во Москва. На прашањето каква е неговата порака до Путин, Трамп одговори: „Војната мора да заврши.“
Зеленски претходно оваа недела изјави дека ќе отпатува во Давос само ако може да потпише договори со Трамп за американски безбедносни гаранции и финансирање на повоената обнова на Украина, но по средбата немаше индикации дека е постигнат напредок.
Двајцата лидери се сретнале лице в лице околу шест пати откако Трамп минатата година се врати во Белата куќа и ја смени американската политика кон Украина, прифаќајќи дипломатија со Русија.
Свет
Трамп сака промена на режимот во Куба до крајот на годината
Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да поттикне промена на режимот на Куба до крајот на годината, охрабрена од недамнешното апсење на венецуеланскиот лидер Николас Мадуро, пишува „Волстрит џурнал“. Белата куќа се надева дека преку пронаоѓање сојузници внатре во кубанската власт може да се постигне договор што брзо би довел до смена на раководството на островот, со кој од 2019 година владее Мигел Дијас-Канел.
Американски претставници одржуваат состаноци со кубански емигранти и претставници на граѓанското општество во Мајами и Вашингтон, со цел да идентификуваат можни соработници во кубанскиот систем. Притоа укажуваат дека акцијата во Венецуела на 3 јануари била овозможена од агент од најтесниот круг на Мадуро и дека тоа треба да биде предупредување за Куба.
Трамп изразил намера за повторно воспоставување американска доминација во Латинска Америка, што неговите сојузници го нарекле „Донро доктрина“, алузија на Монроовата доктрина од 1823 година. По апсењето на Мадуро, Трамп ѝ се закани на Куба преку социјалните мрежи, порачувајќи дека „нема да има повеќе нафта и пари“, но САД јавно не се заканиле со воена интервенција.
Куба се соочува со сериозни економски проблеми, недостиг од основни производи, масовно иселување и енергетска криза. Економистите предупредуваат дека земјата, која сега зависи од нафта од Мексико и Русија, може да остане без резерви за неколку недели.

