Македонија
Утре се очекува читање на обвинението за „Пајажина“
Главниот претрес за случајот „Пајажина“ е одложен за утре во 10, часот кога се очекува да се чита и обвинението на 80 страници.
Главниот претрес за случајот „Пајажина“ е одложен за утре во 10, часот кога се очекува да се чита и обвинението на 80 страници.
Неколку часа траеше тензичната атмосфера во судот, додека адвокатите се договараа со судијката под кои услови да започне главниот претрес. Адвокатите бараа одлагање на главниот претрес, но судскиот совет на чело со судијката Павлина Христова не попушташе.
Најжолчна беше расправата меѓу судијката и адвокатот Мирослав Вујиќ. Судијката неколку пати го опомена адвокатот да се однесува со почит кон судот и му се закани дека ќе биде исфрлен од судењето.
„Јас не се плашам од мајка ми и од татко ми, а не од вас. Не дозволувам некој да ме силува, ова е почеток на силување“ беа дел од репликите на Вуиќ. Оваа расправија кулминираше со исфрлање на Вујиќ од судницата со полициско обезбедување пред паузата што ја даде Христова, поради како што рече непочитување на судот.
Адвокатите на одбраната изнесоа неколку предлози, поради кои, според нив, главниот претрес треба да се одложи.
Причина за реакцијата на Вуиќ беше што судијката рече дека на дел од предлозите ќе одговори дополнително и предложи да започне главниот претрес. Вуиќ се спротистави на нејзиниот предлог и побара да биде одговорено на сите предлози кои ги дале бидејќи од тоа ќе зависела и нивната одбрана, по што беше исфрлен.
„Доколку се уважат предлозите, ќе продолжи една парадоксална ситуација во целиот предмет, каде што ќе немате предмет. Ние сме тука да предлагаме она што е во согласност со законските одредби и со тоа ќе продолжиме и понатаму. Ако минатиот пат судот имаше еден коректен однос, очигледно тој коректен однос беше поради предизборието и предизборната кампања . Сега се демонстрира сила“ изјави адвокатот Вуиќ по излегувањето од судницата.
Одбраната најпрвин побара, да се одложи главниот претрес, поради здравствената состојба на една од обвинетите Ѓултен Џемаили, на која што, според адвокатите и требало понатамошно болничко лекување, но судот го одби овој предлог.
Едниот од предлозите беше да се уништат списите од разговорите кои што биле водени помеѓу адвокатот Вуиќ и неговата колешка Лујза Стаиќ со образложение дека тие не требало да бидат следени со посебни истражни мерки со оглед на тоа што ниту еден од нив не е обвинет.
Одбраната укажа и дека дел од документите кои се доказ се неразбирливи, бидејќи се пишани на неколку странски јазици.Според нив сите докази кои се обезбедени од компјутерските фајлови се прибавени на незаконит начин. Дел од забелешките на одбраната беше и присуството на специјалци во судницата и побараа овие лица да ја напуштат судницата.Но судијката не го прифати овој предлог и рече дека тие само и асистираат на затворската полиција.
Претходно на почетокот на судењето судскиот совет донесе одлука за издвоено судење на обвинетата Жаклина Ѓорѓиевска од останатите обвинети поради нејзината здравствена состојба.
Нејзиниот адвокат рече дека ова претставува преседан во македонското судство и е крајно противзаконска одлука и дека ќе го искористи правото на заштита на законот пред јавниот обвинител.
Судот донесе одлука да им суди во отсуство на петмината обвинети кои се во бегство, вклучително и на синот на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски. Велија и неговата ќерка Емел, на почетокот на една од паузите од судењето негодуваа, поради тоа што за време на судењето беа разделени.
„Не ми дозволуваат да се доближам ни метар до татко ми. Луѓе без душа, тие немаат душа“ рече Емел. За разлика од минатото рочиште, кога Рамковски ги поздравуваше сите денеска беше смирен.
По паузата судењето продолжи, но по читањето на личните податоци беше одложено за утре, поради лошата здравствена состојба на Ѓултен Џемаили. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

