Македонија
Треневски: Го потценив ризикот од медиумски интерпретации
Новоименуваниот македонски амбасадор во НАТО, Мартин Треневски вели дека тој го потценил ризикот од различни медиумски интерпретации и можноста на дел од искажаните ставови да им се даде поинаков контекст.
Новоименуваниот македонски амбасадор во НАТО, Мартин Треневски, чиј настап пред Комисијата за надворешна политика, дел од јавноста и опозицијата го оцени како скандалозен, вели дека тој го потценил ризикот од различни медиумски интерпретации и можноста на дел од искажаните ставови да им се даде поинаков контекст. Во интервју за Макфакс Треневски зборува за неговата агенда како амбасадор во Алијансата. Макфакс: Г-не Треневски, при претставувањето на вашата платформа за дипломатски активности во НАТО пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика се заложивте за промената на заклучокот од самитот во Букурешт, со кој се бара надминување на спорот со цел активирање на поканата за членство на Македонија во алијансата, нарекувајќи го „чиновничко размислување“. Сметате дека е ова можно?Треневски: Сосема е јасно дека заклучокот од Букурешт е релевантен документ, но сепак, тоа не значи дека треба да престанеме да се обидуваме, заедно со нашите пријатели во НАТО да издејствуваме модификација на самата содржина на заклучокот. Таа промена треба да биде базирана на принципот на заемно почитување на реалните критериуми за интегрирање во Алијансата, а тоа се доброволното пристапување, подготвеноста и способноста на една земја да го даде својот придонес во остварувањето на целите на Северно-атлантската организација. Свесен сум дека ова нема оди лесно, но и максимално посветен на реализацијата на нашата стратешка цел – достоинствена Република Македонија во НАТО. Пред членовите на комисијата се заложивте и за промена на принципот на солидарност во алијансата, кој во однос на македонско-грчкиот случај, гоокарактеризиравте како политичка и економска агресија на земја-членка врз земја-кандидат. На кој начин овој став ќе го претставите пред вашите колеги во алијансата? Излегува дека сакате да ја промените политиката на функционирање на НАТО која,пак, е дефинирана во документите уште од нејзиното формирање?- Неспорен факт е дека принципите на НАТО ги дефинираат самите-земји членки, јас немам никакви дилеми во однос на системот на функционирање на Алијансата. Но, дозволете истовремено да ја истакнам постојаноста на Република Македонија во долгогодишното вложување во мисиите на НАТО ширум светот, несебичноста со која македонските војници го споделуваат високиот ризик при овие операции и континуираноста во спроведувањето на реформите. Сметам дека ова е аргументот што треба да биде погласно презентиран во Брисел. Освен меѓу самите земји-членки, солидарноста треба рамноправно да се применува и кон земјите чии војници рамномерно ги ризикуваат своите животи, рамо до рамо со војниците од САД, Велика Британија, Полска. Очекувам, партнерскиот, сојузнички однос меѓу Република Македонија и НАТО да биде верификуван со одлука од која полза ќе имаат сите – нашата земја, Алијансата, Република Грција и стабилноста во регионот.
Претставувањето на вашата платформа за дипломатски активности во НАТО во јавноста беше протолкувано како скандалозно, бевте наречен анти-НАТО амбасадор, а опозицијата ве обвини за употреба на „дипломатски недозволена реторика“. Дали тоа беше ваш личен настап или ново дефинирање на позициите на македонската надворешна политика?
– Јас сум искусен дипломат и мојот дипломатски ангажман е целосно вклопен во рамките на стратешките определби на Владата на Република Македонија и приоритетите на државната надворешна политика во која НАТО интеграцијата зазема врвно место. Дел од тезите и квалификациите кои ги изнесов пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика беа мои лични перцепции за кои во тој момент ценев дека нема да биде лошо ако јавно ги споделам. Но, она што го потценив е ризикот од различни медиумски интерпретации и можноста на дел од искажаните ставови да им се даде поинаков контекст. Без разлика на правот кој се крена во јавноста, уверувам дека Мисијата на Република Македонија во Брисел ќе биде конструктивен чинител и отворен, активен партнер на НАТО со кого заеднички ќе работиме на остварување на заложбите за приклучување на нашата држава во семејството на Алијансата.
Кој е вашиот личен став за приклучувањето на Македонија во НАТО, но и за алијансата како целина?- Нашето место во НАТО не е прашање на припадност, зашто ние таму веќе припаѓаме доколку се земат предвид сите параметри кои ги дефинираат земјите-членки. Вистинското прашање се однесува на создавањето поповолни околности кои ќе овозможат продолжување на стратегиската определба на НАТО за проширување. Со една постојаност, со добронамерност, во тесна соработка со пријателските НАТО-земји, мислам дека не е неможно да се надмине оваа моментна состојба на попречување на планот на Алијансата да ги интегрира земјите кои сакаат и можат да бидат корисен член на Северноатлантската организација.Пред членовите на комисијата изразивте оптимизам за добивање на покана за членство на ноемврискиот самит во Лисабон. На што се темели овој ваш оптимизам и колку е реален?
– Сопирачката, пречката за добивање покана за членство на сите ни е многу добро позната. Таа не е ниту од дипломатска природа, ниту од техничка, туку е олицетворена во долгогодишниот спор што го наметна нашиот јужен сосед. Оттаму, одлуката за доделување на поканата не зависи од нашата подготвеност или степенот на остварените реформи, нејзиното ефектуирање е, пред се, политички условено. Во секој случај, морам да потенцирам дека високо ја ценам заложбата на првите луѓе на Организацијата прашањето за неспорно заслужената и брза интеграција на Македонија во НАТО да се актуелизира, како во функција на непречено реализирање на операциите во кои Македонија учествува со свои сили, така и за зајакнување на регионалната безбедност. /крај/макфакс/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

