Македонија
Вељаноски: Решение кое нема да задира во идентитетот
Македонскиот народ секогаш успевал да го зачува својот национален идентитет, својот јазик, својата самобитност.
Македонскиот народ секогаш успевал да го зачува својот национален идентитет, својот јазик, својата самобитност. Токму тоа историско искуство, историско памтење верувам кај сите нас влева оптимизам дека и оваа битка која ја водиме во преговорите со името ќе резултира со решение кое нема да задира во нашиот национален идентитет и ќе овозможи наша целосна интеграција во европското семејство.
Ваква порака упати претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељаноски пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот во Скопје на државниот празник Илинден.
„За жал, иако ги исполнивме условите за членство во НАТО, иако уште минатата година добивме препорака за отпочнување на преговори со Европската унија(ЕУ), ни се случуваат блокади, а причината за ова е само една. Националниот културниот и јазичниот идентитет на македонскиот народ. Во нашата историја ова не е првпат некој да се обидува да го негира нашиот национален и културен идентитет“ рече во своето обраќање Вељаноски.
Свеста за државотворност, која во себе ја носеше Ченто, според Вељаноски, треба да се следи, особено сега, кога Македонија е на патот кон ЕУ.
„Ченто беше демократ и достоинствен, но бескомпромисен национално определен Македонец. Со овие свои вредности останува засекогаш во историјата на Македонија, но во исто време, ни остави обврска нам и на идните генерации како треба да се брани државотворноста и националниот идентитет, затоа е потребно постојно да се навраќаме и да учиме од него“ рече Вељаноски.
Претседателот на Собранието, министерот за одбрана, Зоран Коњановски, претседатели на политички партии во понеделник наутро положија свежо цвеќе на новиот споменик на Методија Андонов – Ченто на плоштадот во Скопје.
Ченто е роден во 1902 година во Прилеп и цел свој живот се борел за националната кауза. Иако на првото заседание на АСНОМ бил избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, тој брзо се судрил со партискиот врв. На југословенскиот партиски врв јасно им ставил до знаење дека се залага во Уставот да биде внесено правото на самоопределување, правото на осамостојување, као и поголема економска независност на федералните единици.
Десет години поминува во затвор, за во 1955 година тогашната власт да го ослободи. Умира на 24 јули 1957 години бранејќи ја државотворноста на Македонија до крајот на животот./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

