Македонија
СДСМ: Зделките на Груевски со „Филип Втори“ и „Систина“ ги плаќаат граѓаните

Матните зделки на Груевски со „Филип Втори“ и кардиохирургијата во „Систина“ се повеќе од очигледен пример.
Матните зделки на Груевски со „Филип Втори“ и кардиохирургијата во „Систина“ се повеќе од очигледен пример. Најстрашно е што заради вашата неспособност македонските граѓани почнаа да плаќаат со својот живот.
Вака реагираше опозициската СДСМ на прекинот на оперативната програма на приватната кардиохирургија „Филип Втори“.
„Завчерашниот прекин на редовната оперативна програма на приватната кардиохирургија ,,Филип Втори“ затоа што само за два месеци не биле подмирени средствата од ФЗО, уште еднаш покажува, зошто СДСМ бараше и бара отворање на државна кардиохирургија“ изјави Добрила Андоновска хирург во Градска хируршка болница Скопје.
„Дали раководител на новата приватна кардиохирургија ќе биде почитуваниот професор од Израел Д-р Салис Таџер, истиот тој што пред само две години, за Никола Груевски и Министерството за здравство, не ги исполнуваше условите и не му дозволивте да ја отвори државната кардиохирургија во состав на Клиниката за Торако-васкуларна хирургија“ прашува опозицијата, околу отворањето на втората приватна кардиохирургија во состав на болницата „Систина“.
Наместо операциите да се изведуваат во државните установи, опозицијата обвинува дека граѓаните, односно ФЗОМ ќе им плаќа на приватните болници, наместо на државните.
„Само за потсетување, ФЗО на ,,Филип Втори“досега му исплаќа 5.000 или 8.000 евра по операција, или околу 10 милиони евра за 1500 операции само во 2009 година. За споредба, сите 6 хируршки клиники каде се изведуваат и најсложени хируршки интервенции имаат вкупен буџет од 10 милиони евра за изминатата година“ изјави Андоновска. /крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавна расправа за ГУП за Гази Баба и Шуто Оризари, граѓаните може да дадат свое мислење

Град Скопје во рамки на постапката за изработка на новиот Генерален урбанистички план ГУП 2022–2032 година организира jавна дискусија со цел вклучување на граѓаните во процесот на планирање и уредување на просторот.
Јавната дискусија за просторот во урбаниот опфат на Генералниот урбанистички план на град Скопје за територијата на Општина Гази Баба и на Општина Шуто Оризари ќе се одржи на 21 август 2025 (четврток) во салата на Советот на Град Скопје (барака број 13), во периодот од 9 до 11 часот за Општина Гази Баба и во периодот од 11 до 13 часот за Општина Шуто Оризари.
Граѓаните можат да дадат свои предлози мислења и забелешки за време на јавната дискусија, а истите можат да ги достават и писмено во архивата на Град Скопје (барака број 16) или електронски на адресата [email protected].
Град Скопје ги повикува сите заинтересирани граѓани и претставници на заедницата активно да се вклучат во овој процес од јавен интерес.
Македонија
УЈП со повик: Избегнете стрес и дополнителни трошоци, навреме поднесете ДДВ-04 пријави

Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници: поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг за изминатиот даночен период навреме и одговорно за да избегнете стрес и дополнителни трошоци.
Крајниот рок за поднесување на пријавите и плаќање на данокот е понеделник, 25 август 2025 година.
Од УЈП велат дека до овој момент, само 11% од вкупниот број даночни обврзници ја имаат исполнето оваа законска обврска.
„Поради тоа, УЈП апелира до сите обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители без одлагање, со цел да се избегнат последични казни и дополнителни финансиски трошоци. Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавата и плаќање на даночниот долг е клучно за: усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на деловните субјекти, поттикнување на стабилен и развиен економски систем“, соопшти УЈП.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: Е-пошта: [email protected] и на телефонските броеви: од фиксна линија: 0800 33 000 и од мобилен телефон: 02 3253 200.
Македонија
Го добивме арбитражниот спор со рудникот Казан дол и заштедивме 115 милиони евра

Успеавме да заштедиме 115 милони евра откако го добивме арбитражниот спор со дел од инвеститорите од рудникот Казан дол во Валандово, истакна на денешната прес конференција вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој е и претседател на координативното тело на Владата за арбитражни спорови.
“Државата беше тужена од страна на неколку инвеститори во рудникот Казан дол во Валандово. Нивното барање беше оштета од 115 милиони евра и можам со гордост да кажам како претседател на координативното арбитражно тело на Владата, дека овој случај го добивме. Сите 11 основи по кои што беше тужена државата се одбиени, и заштедени се 115 милиони евра, потенцијална оштета која што требаше државата да ја плати во овој случај” – истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцираше дека претходната влада овој случај го затворила во 2023 година и истата се согласила државата да ја плати оштетат кон инвеститорите од 115 милиони евра.
“Морам да потенцирам дека случајот не беше лесен, имајќи предвид дека претходната Влада веќе го имаше затворено случајот со завршни зборови кои што се случиле на 18. јануари 2023 година. Но по доаѓањето на оваа Влада, ние побаравме случајот повторно да се отвори и истиот беше отворен на 28 јануари оваа година. Кога тужителите сфатија дека не им се добри работите, понудија спогодба со Владата на помала сума, таа варираше од 35-48 милиони евра. Ние таа спогодба ја одбивме, затоа што бевме убедени во нашите аргументи и тоа излезе точно, односно го добивме овој случај и Македонија нема да плати ниту евро во случајот “Казан дол”- потенцираше Николоски.
Тој изрази сомнеж дека арбитражните спорови во изминатите години се решавале на штета на државата.
“ Откако го предводам ова тело, во координација со премиерот Мицкоски и со членовите на Владата, доста активно работиме на отворените арбитражи против државата и би сакал да изразам сомнеж, затоа што немам повеќе од сомнеж во моментов! Дали овие арбитражни спорови против Македонија биле отворани само затоа што така мислеле инвеститорите или имало некаков договор со одредени членови во Владата и како тоа наеднаш успеваме ние да ги добиваме, а претходно беше убедувана јавноста дека истите ќе бидат изгубени” – се обрати вицепремиерот Николоски.