Македонија
Конференција на шефовите на воено-разузнувачките служби од Западен Балкан

Конференција на шефовите на воено-разузнувачките служби од Западен Балкан (WEBDIAC 3), од 23 до 26 април се одржува во Скопје, во организација на Министерството за одбрана на Република Македонија.
На отворањето на конференцијата се обратија Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски и Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески.
Државниот секретар Стефаноски во обраќањето до учесниците на Конференцијата, потенцираше дека Република Македонија од нејзиното осамостојување и формирање како независна и суверена држава воспостави политики, развива стратегии и изгради систем кој ќе овозможи целосна НАТО и ЕУ интеграција.
Генералот Котески во излагањето ја истакна одличната соработка на полето на одбраната и безбедноста во регионот, каде таа е посебно интегрирана во рамките на Јадранската група, како модел за сеопфатна соработка и поврзување во сите сегменти на безбедносната политика во регионот.
При тоа, тој посебно се осврна на соработката во рамките на военото разузнување во услови на постоење на современи закани по безбедноста, при што нагласи дека размената на разузнувачки информации ќе помогне во јакнењето на заедничките напори во борбата против сите видови и облици на тероризам и закани против државите, но и во зачувувањето на безбедноста на граѓаните.
Конференцијата на шефовите на воено-разузнувачките служби од Западен Балкан е трета по ред која се одржува во земјите од регионот на Западен Балкан, а годинава покрај претставниците на Министерството за одбрана од Република Македонија, учествуваат и претставници од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Италија, Косово, Црна Гора, Словенија, Турција, САД, Штабот на НАТО од Брисел, Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Здружената разузнувачка ќелија на НАТО, Команда на силите на САД во Европа и Националниот разузнувачки Универзитет од Вашингтон. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ем шуто, ем боде“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ има одговор до СДС за овие нивни обиди за спас на нарачателите и организаторите на следењето на опозицијата, и за дефокус на јавното мислење од нивните злодела, недемократско и забегано однесување на власт“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ.
„Тоа е власт која додека крадела и пљачкала, правела предавства и ги уништувала институциите како што правеа тие и ДУИ, ја држела опозицијата тогашна ВМРО-ДПМНЕ под присмотра и ја следеле базирано на фабрикувани основи.
Одговорот е, ем шуто ем боде. Македонија нема да ви прости! Македонија памети и нема да ви заборави“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Најголеми виновници за Вардариште и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници“, велат од СДСМ

„Скопје денеска буквално се гуши поради неспособноста на власта и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Најголем симбол на таа неспособност е дивата депонија Вардариште, извор на загадување и закана по здравјето на над 150 илјади граѓани од Аеродром и Гази Баба“, велат од СДСМ.
„Виновни за оваа катастрофална состојба и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници. Четири години двајца градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, не ги исполнија ветувањата и не најдоа решение за една дива депонија. Четири години ветувања кои се покажаа како големи лаги, а резултатот е чад и опасност за здравјето за скопјани.
Орце Ѓорѓиевски, наместо решенија ги манипулира скопјани.
Доста беше лаги и неспособност. Време е за вистински решенија кои ги има СДСМ и Каја Шукова, време е Вардариште да стане безбедна локација а не еко-бомба под прозорите на скопјани“, соопшти СДСМ.
Македонија
Нема активни пожари низ државата, под контрола е еден

Во последното деноноќие, до 07:00 часот утрово на територијата на Македонија имало вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни нема, под контрола е еден пожар, а изгаснати се седум пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Како што извести ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гевгелија – планина Кожуф (приземен пожар).