Македонија
Груевски: Македонија се наметнува на светската инвестициона карта
Премиерот Груевски гледа драстично подобрена бизнис клима во Македонија. За досегашното отсуство на инвестиции, пак, смета дека се должи на глобалната рецесија, во интервјуто дадено за Гласот на Америка непосредно по бизнис-форумот во Мајами.
Како што забележуваат од Галсот на Америка, премирот Никола Груевски не сакал да одговара на прашања за актуелната политичка ситуација во Македонија, образложувајќи дека тема нема да биде коментирана сé додека не се врати во земјата.
Глас на Америка: Премиере, зошто да се инвестира во Македонија?Никола Груевски: Има повеќе причини, јас ќе кажам неколку. Затоа што Македонија има одлична бизнис-клима, на 22-ро место во светот, а пред само шест годни бевме на 96-тото место. Во последните 5-6 години сме меѓу првите 3-4 топ-реформатори во светот, прогласени од Светската банка. Значи, драстично подобрена бизнис-клима, како за домашните, така и за странските инвеститори. Второ, договори за слободна трговија со сите земји во светот и можност Македонија да се одбере како локација за бизнис за да се покрие цела Европа, но и можност да се покријат други континенти. Трето, здрава макроекономска политика. Четврто, најниски трошоци за правење бизнис, најниски даноци, конкурентни трошоци во другиот дел, ретка можност во Европа да најдете толку едуцирани луѓе за толку ниски трошоци, подготвени да се приклучат на некоја компанија, договори за слободна трговија со сите држави во Европа, ниска инфлација, една од најниските задолжености во Европа.
Глас на Америка: Кои области или сфери од македонската економија нудат простор за најголема заработувачка кај потенцијалните инвеститори?Никола Груевски: Најчесто, Македонија ја бираат компании од сектори каде конкурентноста е огромна и каде што бараат колку што е можно пониски трошоци, и, истовремено, висококвалификувани луѓе. Тоа се најчесто од делот на автомобилската индустрија, во делот на електрониката, како што е „Кемет електроникс“ од САД, електронски делови од автомобилската индустрија, има од фармација, заинтересирани компании од ИТ-секторот. Гледате и во Македонија од каде доаѓаат инвеститорите. Доаѓаат за производство на автобуси, автоделови, производсвто од областа на хемиската индустрија.
Глас на Америка: Според Дуинг бизнис, Македонија е лидер не само во регионот, туку и во светски рамки, судејќи според спроведените реформи во бизнис-сферата. Но, истовремено, нема доволен број на странски инвестиции, како кај соседите. Зошто?Никола Груевски: Делумно се должи на глобалната рецесија, пред сé на европската рецесија, делумно затоа што Македонија во минатото ја немаше на инвестиционите карти. Тоа што сега го правиме е во последните неколку години. Ниту Македонија ги имаше овие услови, ниту пак имаше презентација на вакви услови, зато што не беа добри за да се прави презентација. Вие бевте на презентацијата денеска и ако го прегледате Вашиот снимен материјал, ќе видите дека 99 отсто од тоа што го кажаме е направено во последните 4- 5 години. Ниските даноци, Договорите за слободна трговија, ниски трошоци во други делови за водење бизнис. Во последните 5-6 години се воведени низа нови мерки како регулаторна гилотина, намалените комуналии за градење индустриски објекти и хотели, „едно евро“ почетна цена за земјиште за индустриски објекти… Затоа сега почнавме посебна промоција, за информација да допре до многу компании, затоа што ти не знаат. Ние имаме глобално реклами на Си-Ен-Ен, на телевизии во Турција, Холандија и други земји, но тоа се само промотивни клипови од 30 секунди, во (нив, н.з.) нешто може да (се, н.з.) каже, нешто не може, а друго е кога директно ќе дојдете, ќе им го презентирате пред нив и ќе им дозволите да ви постават прашање. Тоа е друга димензија. Прво се создаваат услови за да има што да рекламирате.
Глас на Америка: Како може дијаспората да ѝ помогне на татковината?Никола Груевски: За дијаспората, можат да инвестираат луѓе кои веќе се етаблирани таму каде живеат, каде веќе знаат како се прави бизнис, кои се успешни во тој дел. Вие не можете да очекувате дијаспората да инвестира ако нема добри услови. Ако веќе има добри услови, а тоа веќе сите го препознаваат, вклучително и Светската банка, Форбс и останати, тогаш тоа го препознава и дијаспората. Не можеме да очекуваме дијаспората да инвестира само заради патриотизам, затоа што ја сакаат Македонија. Тие треба да направат профит. Сега се создадени добри услови за правење профит, и оние кои се добро етаблирани лица во бизнисот, можат да го направат тоа. Не може да очекувате секој од дијаспората да инвестира, од некој кој никогаш не водел бизнис или пак тоа го правел на локално ниво. Но, тие можат да ни помогнат на друг начин – за лобирање за Македонија, одржување контакти, но може да инвестираат само оние кои веќе направиле добар бизнис и знаат како да го прават тоа. Најчесто инвестираат луѓе кои пробале да прават бизнис во земјите каде живеат и биле успешни во тоа.
Глас на Америка: Колку финансиската и економска криза со презадолженоста во Грција влијае врз забавувањето на разговорите за името?Никола Груевски: Влијае. Значително. Грција тоа го користи како алиби пред другите меѓународни партнери и тоа е проблем. Едното е алиби, а второто е што реално е дефокусирана. И, трето, затоа што и други знаат дека е дефокусирана и има проблеми, тоа земјата дополнително го користи за одредено алиби.
Глас на Америка: Дали пролонгирањето на преговорите за името меѓу Македонија и Грција негативно се одразува врз привлекувањето на странски инвестиции?Никола Груевски: Ако тоа го ставиме во контекст на членство во ЕУ и НАТО, особено за ЕУ, може да се каже дека неповолно влијае. Меѓутоа, има пак многу компании кои велат дека токму тоа им се допаѓа што не сме членки на ЕУ и НАТО, затоа што знаат дека со влегувањето во ЕУ ќе се зголеми конкуренцијата, ќе има поголем интерес, и за нив нема да биде толку атрактивно да се инвестира со ниските трошоци. Но, генерално, за нас е добро што е можно побрзо да влеземе во ЕУ и НАТО, затоа што продобивките од тоа ќе бидат поголеми./крај/јб/воа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

