Свет
Најголемиот дел од спорните пари се од времето на претходниците на Пановски
Зошто побарувања од 2002 и 2003 година од претходни тендери се вметнуваат во извештајот за 2004 година, прашува Пановски
По објавениот извештај на државната ревизија за здравствениот фонд
Зошто побарувања од 2002 и 2003 година од претходни тендери се вметнуваат во извештајот за 2004 година, прашува Пановски
Најголемиот дел од парите за кој Државниот завод за ревизија го обвини Фондот за здравствено осигурување дека ги потрошил без да спроведе постапка за јавна набавка, се платени пред да дојдам за директор. Ова го тврди директорот на Фондот за здравствено осигурување, проф. д-р Никола Пановски, кој вели дека околу 80 отсто од 57,9 милиони денари за кој државната ревизија утврдила дека се незаконски потрошени, не само што се платени по претходно распишани тендери, туку тие се намирени во 2002 и 2003 година, кога директори биле неговите претходници Војо Михајловски и Рубинчо Зарески. Остануваат околу 17 милиони денари, кои Пановски ги потпишал да се намират, како стасани обврски по претходните тендери, кои биле законски и морале да се платат. Затоа првиот фондовец прашува зошто државниот завод не направи ревизија на 2003 година и зошто во извештајот за 2004 година се вметнуваат набавките и наплатите од 2002 и 2003 година.
Во одбрана на своите тврдења, Пановски на вчерашната прес-конференција приложи докази за поголемите тендери за заштитниот бункер и софтверот и ласерите за акцелераторот, за печатење на бандеролите, за сините картони, за одржување на фондовскиот компјутерски систем. “Не е точно дека старите договори биле дополнувани со анекси со што вредноста на набавките ја надминала основната за неколкупати, и дека се набавувале лекови и потрошен медицински материјал што не биле споменувани во старите договориии, вели проф. д-р Пановски, кој додаде дали ревизорите повторно не мислат на претходните години, а извештајот го правеле за 2004 година.
Единствената дилема била околу лековите и потрошниот медицински материјал кои се набавувале по стари тендери од 2001, 2002, па и 1997 година. “Дилемата беше дали болните да се остават без потребните лекови, дијализери и да се води законска постапка или и натаму да се набавува по старите тендери додека не завршат новите за кои секако е потребно време”, потенцира Пановски кој додаде дека додека да заврши тендерот во меѓувреме бил распишан уште еден помал тендер се со цел да се намалат цените на лековите. За вакви ситуации кои не се предвидени во законот, ревизорот треба да даде препораки, додава Пановски дали да се остават осигурениците без лекови или да се продолжи да се крши Законот за јавни набавки.(Ј. Ј.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Француската агенција за храна: Електронските цигари носат ризици по здравјето
Француската агенција за храна, животна средина и здравје при работа (ANSES) денеска соопшти дека електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучувајќи кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, иако го признава нивниот потенцијал како привремена алатка за откажување од пушење.
По анализа на околу 3.000 научни студии и извештаи, ANSES заклучува дека ризиците по здравјето се поврзани со вдишување на токсични супстанции, присутни во течностите за е-цигари или создадени при нивното вдишување.
Според агенцијата, електронските цигари со никотин можат да предизвикаат кардиоваскуларни ефекти, како што е покачен крвен притисок, додека ризикот од респираторни и канцерогени ефекти постои и кај производите без никотин.
ANSES истакнува дека корисниците мора да бидат подобро информирани за здравствените ризици, а истовремено е потребно да се обесхрабрат непушачите и младите лица да почнуваат со употреба на електронски цигари.
Агенцијата заклучува дека овие производи можат да се сметаат за преодна опција во рамки на програми за откажување од пушење, но тој период треба да биде краток.
Според Барометарот за јавно здравје на Франција за 2024 година, околу три милиони луѓе во земјата користат електронски цигари.
Свет
Украина и Русија почнаа втор круг мировни преговори во Абу Даби
Украински и руски преговарачи денеска во Абу Даби почнаа втор круг преговори за завршување на војната, со посредство на САД.
Дводневните трилатерални средби следат по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Русија го искористила минатонеделниот „енергетски“ прекин на огнот — договорен со помош на САД — за да натрупа муниција, при што во вторникот нападнала со рекорден број балистички проектили.
„Во Абу Даби започна уште еден круг преговори. Преговарачкиот процес започна во трилатерален формат — Украина, САД и Русија“, соопшти на Телеграм главниот украински преговарач Рустем Умеров.
Тој додаде дека тимовите ќе се среќаваат и во одвоени групи за да разговараат за специфични теми, по што ќе следи заедничка средба за усогласување на ставовите.
Изминатата година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабруваше и Киев и Москва да најдат компромис за ставање крај на четиригодишниот конфликт, кој започна со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Но, двете страни остануваат на различни позиции околу клучните точки и покрај неколкуте рунди разговори со американски претставници.
Најчувствителни теми се: Барањето на Москва Киев да се откаже од територии кои сѐ уште ги контролира, судбината на нуклеарната централа Запорожје — најголемата во Европа — која се наоѓа на територија под руска окупација. Русија бара повлекување на украинските сили од целата источна област Доњецк, вклучително и утврдените градови кои претставуваат силни упоришта на украинската одбрана. Украина, пак, предлага конфликтот да се замрзне долж сегашната линија на фронтот и одбива какво било еднострано повлекување.
Свет
Повеќе од една третина од случаите на рак во светот можеле да се спречат, покажува нова анализа
Речиси 40 отсто од случаите на рак во светот во 2022 година биле поврзани со причини кои можеле да се спречат, според глобална анализа објавена во вторникот во списанието Nature Medicine.
Анализата е објавена во пресрет на Меѓународниот ден за борба против ракот, кој се одбележува на 4 февруари.
Истражувањето го водела Изабел Сориоматарам од Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC) во Лион, а утврдено е дека тутунот, алкохолот и инфекциите биле најчестите ризик-фактори.
„Околу 30 отсто од карциномите кај жените и 45 отсто кај мажите можеле да се избегнат“, покажува анализата.
Вкупно, од 18,7 милиони нови случаи на рак регистрирани на глобално ниво во 2022 година, околу седум милиони биле потенцијално спречливи, што претставува приближно 38 отсто од вкупниот број.
Истражувачите користеле глобални податоци за да ги поврзат новите случаи на рак со фактори на ризик за кои постои докажана причинско-последична поврзаност со болеста. Истражувањето ги вклучувало и однесувачките ризици како пушење, како и изложеност на еколошки и професионални ризици.
Во субсахарска Африка, 38 отсто од случаите на рак кај жените биле потенцијално спречливи, во споредба со околу 25 отсто во северна Африка и западна Азија. Во тие региони, инфекциите биле водечки спречливи причини.
Во Европа, САД, Канада и Австралија, тутунот бил најдоминантен ризик-фактор.
Коавторот на истражувањето, Андре Илбави од Светската здравствена организација (СЗО), изјавил дека овие наоди даваат прв глобален увид во уделот на случаите на рак кои може да се припишат на ризици што можат да се спречат. Тој истакнал дека разбирањето на регионалните модели може да им помогне на владите и на поединците да преземат насочени мерки за намалување на ризикот од рак.
Изабел Сориоматарам додала дека справувањето со причините кои можат да се спречат е еден од најефикасните начини за ограничување на растечкиот глобален товар од рак, за кој, според податоците на СЗО, се предвидува дека би можел да порасне за 50% до 2040 година, ако сегашните трендови продолжат.

