Свет
Ќе одговараат ли судиите за пресудите за „Раштански Лозја“
Ќе се утврдува ли одговорноста за судиите што донеле незаконски и противречени пресуди во случајот „Раштански лозја“? Засега никој од надлежните не сака да се впушти во процена околу можностите да се случи такво нешто.
Ќе се утврдува ли одговорноста за судиите што донеле незаконски и противречени пресуди во случајот „Раштански лозја“? Засега никој од надлежните не сака да се впушти во процена околу можностите да се случи такво нешто.
Претседателот на Основниот суд – Скопје 2, Бекир Шаини, суд кој го водеше овој случај во прв степен, вели дека се’ уште не се официјално известени за одлуката на Врховниот суд, кој неодамна го прифати барањето за заштита на законитоста на Јавното обвинителство на Македонија.
„Она што го имаме како сознание е добиено преку медиумите. Дали има основа за поведување одговорност дополнително ќе одлучиме“, додава Шаини. Инаку, во донесувањето ослободителна пресуда на „Раштански Лозја“ беа вклучени двајца судии, од кои судијката Славица Попчевска (јатрва на Снежана Попчевска од скопска „единица“, за која се води постапка за случајот „Бачило“) во меѓувреме е избрана за апелациона судијка во Скопје, додека Владо Џилвиџиев се’ уште работи во истиот суд. Доколку се постави прашањето за одговорноста на основните судии, по истиот принцип, ќе треба да се утврди и одговорноста на повисоките судии, кои во втор степен одлучувале по истиот предмет и ја потврдиле ослободителната пресуда за четворицата обвинети за „Раштански Лозја“.
Новиот Закон за судски совет ја прошири основата на субјектите кои можат да го иницираат прашањето за утврдување на одговорноста на носители на судска функција. Законот предвидува тоа да може да го иницира член на Судскиот совет, претседателот на матичниот суд, претседател на повисок суд, Општа седница на Врховниот суд. Во составот на Судскиот совет по функција седат и претседателот на Врховниот суд, Дане Илиев, и министерот за правда, Михајло Маневски. Судскиот совет, кој се’ уште не е докомплетиран и работи само со 10 члена, поради блокадата во Собранието околу предлозите на Комисијата за избори и именување и на шефот на државата, се’ уште не почнале со избор и разрешувања судии, кои треба да се изгласаат со двотретинско мнозинство на членовите. За сега, само се констатира престанувањето на судиската функција, кај оние што исполнуваат услови за пензионирање.
Судејќи, барем според првичните изјави, одговорните уште во стартот почнаа да си ја префрлаат топката од едни на други. Претседателот на Судскиот совет, Бекир Исени, го прозва Врховниот суд, првиот човек на највисокиот суд во државата, Дане Илиев, потсети на Законот и рече дека таква можност имаат и пониските судови и член на судски совет. Најсимптоматична беше изјавата на министерот за правда, Михајло Маневски, кој не сакаше да прогнозира дали ќе се побара одговорност за судиите, но рече „не верува дека повредите биле од суштинска природа“.
Додека трае молкот за последиците од одлуката на Врховниот суд за „Раштански Лозја“, во медиумите проструи веста дека еден од четворицата обвинети во овој случај, есккомандантот на „лавовите“ Бобан Утковски, е во комбинација за висока позиција во МВР. Како реакција на ваквите медиумски тврдења, завчеравечер скопската телевизија А1 ја објави веста дека, наводно, стасала писмена порака од Брисел, која била сублимирана во поентата дека Европа не сака да ги види во власта обвинетите за „Раштански Лозја“.
Заедничкиот став, според информации на А1, веќе го испратиле до македонската Влада. Ваквиот став, наводно, бил производ на најавите дека токму Утковски е поставен на висока позиција во Бирото за јавна безбедност, излезена низ полициско хиерархиските пресметки. Телевизијата објави дека Утковски бил експресно разрешен од местото помошник во Бирото. Во извештајот на западните дипломати бил споменат и Љубе Бошкоски, во контекст на заложбите на македонската Влада да го врати предметот од Хрватска.
Од МВР тврдат дека споменатиот Утковски воопшто не бил во комбинација за високо место во Бирото за јавна безбедност. Оттаму, сепак, потврдуваат дека Утковски се појавил пред надлежните од МВР со ослободителната пресуда в раце и барал да биде вратен на старото работно место. Владини извори за „Утрински весник“ негираат дека во каков било пишан документ, за време на формални или неформални средби, воопшто било отворено прашањето на „Раштански Лозја“, како и за преземање на предметот за Љубе Бошкоски од Хрватска.
Извори на „Утрински весник“ од правосудните кругови тврдат дека актуелната власт не крие дека е заинтересирана за враќање на овој предмет од Хрватска и интензивно се проучуваат можностите за такво нешто во меѓународните договори што ја регулираат правната помош и предавањето предмети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Виткоф: Мировниот договор за Украина е 90 отсто готов, утре ќе одам кај Путин
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни мисии, неговиот пријател и магнат за недвижности Стив Виткоф, денес изјави дека мировниот договор што би ставил крај на војната меѓу Русија и Украина е „завршен 90 проценти“.
Виткоф го изјави ова во интервју за „Блумберг“ и „Си-ен-би-си“ на маргините на Светскиот економски форум во Давос. Тој изјави дека се согласува со проценките на украинската страна дека договорот е речиси склучен, додавајќи дека неодамна е постигнат дополнителен напредок.
„Мислам дека постигнавме уште позначаен напредок“, рече Виткоф.
Според него, во последните шест до осум недели е постигнато повеќе отколку во претходните три или четири години. Тој нагласи дека преговорите влегле во фаза на забрзан напредок.
Виткоф треба да отпатува за Москва утре, каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, како дел од понатамошните разговори за евентуално завршување на војната во Украина.
Свет
Европските лидери го напуштаат Давос
Се поголем број европски лидери го напуштаат или го избегнуваат Светскиот економски форум во Давос, дури и пред очекуваното пристигнување на Доналд Трамп и дебатата за Гренланд. Францускиот претседател Емануел Макрон замина откако наводно не успеал да обезбеди средба со американскиот претседател, пишува „Телеграф“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, истотака нема да се сретне со Доналд Трамп во Давос бидејќи веќе го напушти швајцарскиот град по вчерашниот говор. Оваа информација ја потврди Европската комисија, пишува „Гардијан“.
„Претседателката на Комисијата направи стратешка и политичка проценка дека најдобриот начин да ја искористи својата енергија е да се врати во Брисел за да се фокусира на подготовките за многу важниот состанок на Европскиот совет“, рече портпаролот.
На прашањето дали е планирана средба меѓу фон дер Лајен и Трамп во блиска иднина, одговорот беше: „Колку што знам, поканите не се испратени во ниту еден правец“.
Истовремено, средбата на Трамп со германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така беше откажана, објави Ројтерс. Технички проблеми во претседателскиот авион беа наведени како причина.
Гардијан забележува дека ќе биде интересно да се види кого Трамп сега ќе го приоритизира за состаноците, со оглед на тоа што ќе помине помалку време во Давос од планираното.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги откажа плановите за присуство, велејќи дека морал да остане во Киев поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина. Неговото отсуство ги намали надежите дека западните сили ќе го искористат Давос за да потпишат пакет за финансирање на воздушната одбрана и енергетскиот сектор на Украина.
Зеленски сепак изјави дека „сè може да се промени во секој момент“. Шпанскиот премиер Педро Санчез, исто така, ја откажа својата посета, по железничката несреќа во јужна Шпанија во која загинаа 42 лица.
Италијанските медиуми објавија дека е малку веројатно премиерката Џорџа Мелони да дојде во Давос. Ројтерс во средата објави дека Мелони ќе му се придружи на Макрон во одбивањето да го потпише планот на Трамп за Газа.
Фото: ЕПА
Свет
Стармер до Трамп: Велика Британија нема да попушти
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека нема да попушти пред Доналд Трамп во врска со иднината на Гренланд и најави дека ќе биде домаќин на данската премиерка Мете Фредериксен во четврток.
За време на сесијата за прашања на премиерот, лидерката на конзервативците Кеми Баденох изјави дека таа и Сер Кир се согласуваат дека „иднината на Гренланд треба да ја одлучат исклучиво луѓето од Гренланд“. Потоа таа го праша премиерот: „Кога премиерката го покрена ова прашање со претседателот Трамп во понеделник, дали претседателот се согласи или не?“
Сер Кир одговори дека „конструктивниот ангажман за меѓународни безбедносни прашања е исклучително важен, особено кога станува збор за безбедноста на Арктикот, и тоа е контекстот во кој се одвива оваа дебата во врска со Гренланд“.
„Додека конструктивно се ангажираме, јасно го искажав мојот став за нашите принципи и вредности. Првиот од нив е дека иднината на Гренланд им припаѓа исклучиво на луѓето од Гренланд и Кралството Данска“, рече Стармер.
Тој додаде дека верува оти „заканите со царини за притисок врз сојузниците се сосема погрешни“.
„Ќе продолжиме конструктивно да се ангажираме. Имав многу меѓународни разговори во последните денови, а данскиот премиер утре доаѓа во Обединетото Кралство на билатерални разговори“, рече тој.
„Но, сакам да бидам јасен. Нема да попуштам, Велика Британија нема да попушти, во однос на нашите принципи и вредности во врска со иднината на Гренланд и заканите со царини. И тоа е мојот јасен став“, заклучи премиерот.

