Регион
Ердоган: Уличните безредија во Украина ја поделија земјата
Уличните насилства коишто избувнаа за време на февруарските протести во украинската престолнина Киев, го отворија патот за поделба на земјата, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, споредувајќи ги протестите кои започнаа од истанбулскиот парк Гези минатото лето за чие задушување беше остро критикуван од западните сојузници.
Според мислењето на турскиот претседател, кој претходно единаесет години беше премиер, доколку Турција „не ги ставеше под контрола“ антивладините протести во Истанбул кои се проширија и на другите градови низ државата, земјата ќе ја доживеала судбината на Украина во која по соборувањето на прорускиот претседател Виктор Јанукович и доаѓањето на прозападните сили на власт избувнаа протестите на рускојазичното население што доведе до присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим кон Русија и вооружениот конфликт во југоисточните региони на земјата и самопрогласување на ткн Народни републики во Донецк и Луганск. Ердоган, исто така, ја спореди и ситуацијата во Египет каде што со уличните протести во февруари 2011 година беше соборен претседателот Хосни Мубарак кој на чело на земјата беше од 1981 година и оттогаш земјата е сцена на масовни протести со илјадници жртви, прво на секуларните партии, а потоа по отстранувањето од власта на исламистичкиот претседател Мохамед Морси и на исламистите.
„Што ќе се случеше доколку протестите на Гези не беа ставени под контрола, и ние се повлековме пред лицето на уличното насилство? Одговорот на тоа прашање беше даден во Египет и во Украина. Уличните протести во Украина го отворија патот за поделбата на земјата“, изјави Ердоган говорејќи во Истанбул на состанокот на Сојузот на турските бизнисмени, пренесува весникот Hurriyet.
Протестите започнаа во паркот Гези во Истанбул кон крајот на мај 2013 година поради одлуката на владата да исече дрвја во паркот пред познатиот плоштад Таксим, како и поради дислоцирањето на Културниот центар на основачот на Турската република Мустафа Кемал Ататурк, поради негово преуредување односно изградба на трговско-забавен комплекс. Протестите се проширија на многу градови во Турција, најмалку во половината од покраините во земјата, претежно во урбаните средини, а ги поддржаа и Турците кои живеат во странство. Протестите ескалираа во бран безредија, во кои имаше најмалку шест жртви и стотици повредени, против политиките на владата која тогаш ја предводеше Ердоган обвинувајќи го за исламизација на земјата.
Ердоган ја пофали турската полиција, велејќи дека таа не применувала прекумерна сила во текот на минатогодишните протести, иако за тоа беше критикуван од Европската унија и од Вашингтон. Турскиот претседател истовремено пред бизнисмените потсети на протестите против полициската бруталност во САД, каде што, како што вели Ердоган, „полицијата ги соборува луѓето од нозе, им ги удира главите од асфалтот и убива невооружени луѓе“./крај/мф/сн
Извор: Hurriyet
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Силно невреме во Грција – тешко погоден туристичкиот остров Крф
Силно невреме со обилни врнежи предизвика големи поплави и штети на северозападот од Грција. Поплавени се подруми и приземја, а патиштата се блокирани поради свлечишта. Во регионот на Јањина наврнале околу 280 милиметри дожд за неколку часа.
Најтешко е погоден островот Крф. Селото Карусаѓес е целосно отсечено, а полициската станица е блокирана од кал. Многу патишта се уништени, а училиштата ќе бидат затворени во понеделник.
Κέρκυρα: Εικόνες καταστροφής από την κακοκαιρία – Κλιμάκιο της ΕΜΑΚ στο νησί – Καστοριά: Υπερχείλισε ο Αλιάκμονας στο Νεστόριο #OPENnewe pic.twitter.com/dOrDKC1Ax4
— OPEN News (@OpenNewsGr) November 21, 2025
Очекувањето е врнежите да продолжат, но со послаб интензитет. Метеоролозите предупредуваат дека штетите се поголеми поради пожарот на северен Крф во 2023 година, кога изгоре голем дел од вегетацијата.
Регион
Припаѓате во ЕУ со полнo правo: Кос до земјите од Западен Балкан
Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос, наведувајќи дека државите од регионот имаат место во Европската Унија (ЕУ) како полноправни членки, пренесуваат медиумите во регионот.
Кос изјави денес во Тирана, на состанокот со лидерите на Зaпаден Балкан посветен на Планот за раст, дека денес безбедноста е една од најважните теми.
„А Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан“, истакна Кос.
Како што изјави, ова е една грешка од минатото што ЕУ мора да ја исправи.
„Европа ве чека, вие веќе сте дел од Европа, но сега тоа треба да се постигне во институционална смисла преку членство во ЕУ“, рече Кос.
Зборувајќи за спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан и плановите за следниот период, таа рече дека има многу причини за славење.
„Но, во исто време, мора да бидеме искрени и да кажеме дека две од шесте земји сè уште не почнале да ги усвојуваат реформите“, рече Кос.
Како што наведе таа, двете земји кои најдобро спроведуваат реформи постигнаа околу 50 проценти.
Според Кос, овие примери најдобро покажуваат јасна врска помеѓу напредокот во процесот на пристапување и реформите.
Таа рече дека Европската комисија сака Планот за раст да успее, наведувајќи дека е важно соседите од ЕУ да се интегрираат што е можно повеќе во различни области и политики на Унијата, во делови од единствениот пазар, во енергетскиот пазар, но и во делот поврзан со европските вредности.
„Сакаме ЕУ да стане реалност за вашите граѓани“, рече Кос, додавајќи дека сака таа да донесе просперитет, безбедност и стабилност на целиот европски континент во време кога има надворешни противници кои би сакале да видат како таа пропаѓа.
Таа рече дека во ЕУ сакаат сите земји од Западен Балкан да напредуваат и никоја да не заостанува, додавајќи дека сите земји од регионот имаат место во ЕУ како рамноправни членови.
„И ги нагласувам членовите со полни права, бидејќи тоа е препорака за целосно усогласување со законите и вредностите на ЕУ“, истакна Кос.
Таа рече дека е потребно да се фокусираме на втората половина од спроведувањето на Планот за раст, наведувајќи дека ова е важно за граѓаните на сите земји.
Кос рече дека е важно да се работи на проекти за подобрување на транспортот, инфраструктурата, дигиталните иновации, заштитата на потрошувачите и туризмот.
„Се соочивме со недостаток на напредок во регионалната економска интеграција. Ова резултира со помал економски раст“, рече Кос, наведувајќи дека целосно заеднички регионален пазар би ги зголемил економиите за околу десет проценти.
Таа рече дека знае дека реформите не се секогаш лесни, но дека тие овозможуваат забрзување на пристапувањето кон ЕУ.
Кос рече дека земјите од Западен Балкан треба да ги подготват своите економии за единствениот пазар.
„Тие ви даваат пристап до третманот на земја-членка во некои политики на ЕУ. Покажете им на земјите-членки дека сте подготвени за поголема и подлабока интеграција во ЕУ“, рече Кос.
Фото: принтскрин
Регион
Поплави, лизгање на земјиште, проблеми во сообраќајот: обилните дождови предизвикаа проблеми во западна Грција
Поплавите и лизгањето на земјиштето предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, како и материјална штета во западна Грција и на островот Крф, објавија денес грчките медиуми.
Поради ситуацијата на Крф, регионалните власти побараа од државните власти да прогласат вонредна состојба во северниот дел од островот, објавува Катимерини.
Како што е наведено, спортските настани закажани за викендот на Крф беа откажани поради бурата. Селото Карусадес на тој остров беше блокирано поради лизгање на земјиштето, а се урна и двокатна ненаселена зграда во центарот на тој град, додека патиштата во Сидари беа поплавени.
Спасувачки екипи со два чамци и водни пумпи беа испратени во областа. Карусаде, Велонадес и Сидари беа најтешко погодени, каде што екипите за цивилна заштита се обидуваат да го вратат сообраќајот.
Во таа област, на местото каде што се наоѓа полициската станица се урна рид, а неколку патролни возила беа сериозно оштетени. Во исто време, во Теспротија и Јанџина веќе трет ден има обилни дождови, а реката Каламас се излеа, поплавувајќи ги плантажите со мандарини.
Поплавите го погодија и регионот Трикала, каде што националниот автопат помеѓу Кожани и Лариса, на делницата од Ливадеру до Сарантапоре, беше целосно затворен поради одрони на карпи.
Фото: принтскрин

