Македонија
Доделени 11 медали на припадниците на СЕЕБРИГ
Вкупно 11 припадници на АРМ денеска беа одликувани со Медал за постигнување на СЕЕБРИГ (Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа).
Вкупно 11 припадници на АРМ денеска беа одликувани со Медал за постигнување на СЕЕБРИГ (Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа). Припадниците на македонската армија се одликувани за својот придонес во оваа мировна иницијатива, чија цел е јакнење на добрососедските односи на полето на одбраната и безбедноста. „Напорите на бројниот воен и цивилен персонал за време на овие години, значително придонесоа за збогатувањето на историјата на СЕЕБРИГ. Како признание за нивните одлични резултати и со цел промоција на СЕЕБРИГ во пошироката граѓанска и воена средина, нашите земји одлучија да го воведат Медалот за постигнување. Овој Медал се добива за оние што работат повеќе од една година како членови на персоналот на СЕЕБРИГ“, изјави бригадниот генерал Зибер Шутку, командант на СЕЕБРИГ. Македонија, заедно со Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Романија и Турција е еден од основачите на СЕЕБРИГ во 1998 година. „Со вашата успешна работа, дадовте голем придонес во развојот на регионалната безбедност испишувајќи ја историјата на СЕЕБРИГ, заедно со вашите браќа по оружје од останатите армии со кои го градевте препознативлиот заеднички дух и ентузијазам“, порача Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал-потполковник Мирослав Стојановски. Досега, во рамките на силите на СЕЕБРИГ, учествувале над 100 припадници на АРМ. „Овој чин е само уште едно признание за напорите на нашата земја и нејзината Армија за вклучување и активно делување во Евро-Атлантските асоцијации. СЕЕБРИГ е одличен пример како армиите на повеќе држави успешно и здружено една до друга ја подготвува оваа мировна бригада со единствена цел – обезбедување и одржување на мирот и стабилноста, пред се во регионот и секако, пошироко во светот“, изјави полковник Златко Ончевски, заблагодарувајќи се од името на одликуваните. Се очекува во периодот од 2011 до 2013 година да биде назначен командант на СЕЕБРИГ од Армијата на Република Македонија. /крај/ач
Фото:Филип Поповски/Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО со обвинение за две лица по мачењето и убиството на кучето Феликс, го влечеле со жица и го тепале до смрт
Основното јавно обвинителство Скопје, имајќи ја предвид пред се вознемиреноста што во јавноста ја предизвика видео снимка од мачење на куче во Момин Поток, веднаш по поднесувањето на кривичната пријава презеде дејствија и го прибра целокупниот доказен материјал и денеска поднесе обвинение против две лица за кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 1 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители на 19.11.2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс, мажјак, црна боја, на возраст околу една година. Првообвинетиот со тврд дрвен предмет во облик на стап и без оправдана причина започнал да го удира со повеќе удари кучето во пределот на главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди. Потоа, заедно со второобвинетиот го врзале со жица и така врзано го влечеле по дворот до контејнер, каде го фрлиле мислејќи дека кучето е мртво. Како последица на повредите, кучето угинало на 07.01.2025 година.
Јавниот обвинител достави и предлог за определување мерка на претпазливост – задолжително јавување во Судот за двајцата обвинети, имајќи го предвид пред се објектот на инкриминацијата на ова кривично дело изразено преку заштита на животните од нехумано постапување.
Македонија
Спасовски: Гаши го крши Деловникот – не се доставуваат законите навреме до пратениците
Претседателот на Собрание Африм Гаши, наместо да ги почитува деловничките одредби, тој го крши Деловникот, упоро не се доставуваат законите навреме до пратениците, реагираше пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница.
– Ние вчера, како пратеници, ги добивме законските решенија во 17 часот. Денес претседателот на Собранието Гаши, ги става повторно на дневен ред. И сега, кога зборуваме за двојни стандарди и начин на функционирање на Деловникот, овде единствено одговорен е Африм Гаши и никој друг во ова собрание. Не може за некој законски текстови да кажува дека тој има право на интерпретација на деловникот, да ги интерпретира, како и кога сака. А, кога го прашувавме за законските текстови коишто беа доставени до собрание, Гаши, чекаше скоро 15 дена без да ги достави, иако според деловникот тој е должен во рок од 3 дена да ги достави до пратениците, Гаши бараше милион изговори тоа да не го направи. Денес продолжува на ваков груб начин да го крши деловникот и не дава никакво одобрение, освен што вели ‘ имам апел до пратениците‘, рече Спасовски.
Спасовски повика Гаши да застане со апелите и да почне конечно собранието да работи, така што ќе бидат усогласени законските текстови и навреме доставни, а не да се крши правато на дебатата со тоа што законските текстови набрзина ќе се ставаат на дневен ред на собраниската седница.
Македонија
Мицкоски: И Апелација докажа дека СДСМ е лажно клеветничка партија
Апелациониот суд како неоснована ја одби жалбата на СДСМ во случајот во кој партијата беше тужена од премиерот Христијан Мицкоски за нанесување штета на угледот и честа со невистинити содржини преку социјалните мрежи.
„И Апелација докажа дека СДСМ е лажно клеветничка партија. По којзнае кој пат откако сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но овој пат по судски пат, се докажа дека сум предмет на континуиран измислен и клеветнички напад, јас и моето семејство од страна на политичките противници. Не очекувам да престане оваа методологија, но секогаш кога политичка партија ќе изнесе лажно тврдење, конструирано со невистини и клевети, а не во прашална форма, како што често го прават на кукавички начин, ќе ја барам правдата по легален судски пат. Пресудата е јасна, клеветничкиот СДСМ треба на свој трошок да ја објави пресудата и да се извини за лагите што се изнесени. Ова е уште една потврда дека неколкупати по ред, без исклучок, ги губат судските случаи затоа што клеветат, дури и ваквото судство не може да ги испере“, објави премиерот Мицкоски на „Фејсбук“.