Македонија
Јавно ќе се именуваат институциите и партиите кои прават хаос во медиумите
Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Македонскиот институт за медиуми се заканија дека јавно ќе ги именуваат институциите, партиските или бизнис круговите кои создаваат хаос во медиумскиот простор и го убиваат новинарството
„Партиите да престанат да се мешаат во работата на медиумите и да ги остават слободно да работат. Сопствениците на медиумите да не ги претвораат во мегафони на партиските и бизнис центри на моќ. Уредниците да застанат во одбрана на професијата и на новинарите и да се придржуваат кон професионалните стандарди и етиката. Во спротивно, јавно ќе ги именуваме тие кои ја убиваат смислата на новинарството“, порачуваат тие во заедничката изјава, по повод Светскиот ден на медиумите.Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ рече дека македонското новинарство никогаш не го дочекало денот на медиумите во полоша состојба. „Медиумите како да ја губат и онаа претходно освоена слобода. Клучната основа во која се крши слободата на медиумите се токму работничките права. Мнозинството медиумски работници живеат во сиромаштија во услови на корупција и страв“, рече таа и додаде дека во одредени медиуми новинарите со месеци не примиле плата.Насер Селмани, Претседател на ЗНМ рече дека уредниците на медиумите се наоѓаат под силен притисок од политиката и сопствениците.„Ние ако дозволиме овој притисок да продолжи и ако еднаш не кажеме не и не се обединиме заедно да ја повлечеме таа црвена линија за тоа до каде може да оди овој притисок, ова ќе ни се случува постојано. Затоа е неопходно да се обединиме како еснаф и да ги поставиме работите на здрави нозе“, рече тој.Билјана Петковска, директорка на МИМ, истакна дека државното рекламирање сериозно ја поткопува независноста медиумите.„Постои нефер позиција на пазарот во која регулативата и правилата многу селективно се применуваат. Станува збор за пристапот до средства кое влијае врз финансиската кондиција на медиумите, аспектот на државното рекламирање кое се спроведува по прилично нетранспарентни услови и кое сериозно ја поткопува независноста на медиумите и отвора простор за таканаречена озаконета корупција во медиумите“, рече таа и додаде дека на пазар од два милиони луѓе, постојат над 150 електронски медиуми, од кои засега ниеден не прогласил стечај.Денешниот втор обид на Здружението на новинари на Македонија да ги собере уредниците на медиумите за заедно да дебатираат за медиумското покривање на претстојните избори, беше повторно неуспешен. Иако уредно поканети, ниту еден од уредниците не се појави на закажаната дебата.Македонија е на 99-то место во светот според слободата на печатот, сместена меѓу делумно слободните земји, покажува денешниот извештај на Freedom House, објавен по повод светскиот ден на слободата на медиумите. На листата Македонија е во друштвото со Босна и Херцеговина, Коморските острови и Лесото, распоредени на 96-то, 97-мо и 98-мо место, како и Танзанија, Хаити и Албанија распоредени од 100-то до 102-ро место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

