Македонија
Писмо на премиерот Груевски до челниците на ЕУ
„Во контекст на билатералниот спор за името со Грција, сакам да Ве уверам дека активно и конструктивно ќе продолжиме со разговорите под покровителство на ОН со цел да се најде заеднички прифатливо решение“, се вели во писмото од четврток на премиерот Груевски до лдиерите на членките на ЕУ
Искажувајќи ги изразите на високо почитување и уважување за помагањето на процесите на интеграција на земјата во Европската Унија, Премиерот Никола Груевски ги информира европските колеги дека усвоената Резолуција за проширувањето на Европската Унија од страна на Европскиот парламент, претставува силна потврда за реформските потфати во Република Mакедонија и силен поттик за продолжувањето со реализација на интегративните цели. Премиерот Груевски коментирајќи го значењето на препораката на Европската комисија за почеток на пристапни преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија, потенцира дека истата претставува “обврска и дополнителен мотив за забрзано исполнување на стандардите и критериумите за членство во ЕУ”. Упатувајќи молба за поддршка на препораката на Европската комисија за почеток на преговори за членство, Претседателот на Владата истакнува дека “…овозможувањето на секоја земја-кандидат или потенцијален кандидат да напредува кон членството во ЕУ на индивидуална основа, согласно степенот на исполнување на познатите Копенхашки критериуми за членство, е чекор што директно влијае врз внатрешните реформски процеси од една страна, и ги мотивира останатите држави од Западниот Балкан од друга страна, и истовремено тоа е чекор што води кон комплетирање на Европа”…„.. Свесна за важноста на предизвикот да се промовираат добрососедските односи и регионалната соработка, Република Македонија, исто така, ќе продолжи да биде проактивно ангажирана за унапредување на односите со сите соседи и активно да учествува во иницијативите за регионална соработка. Во контекст на билатералниот спор за името со Грција, сакам да Ве уверам дека активно и конструктивно ќе продолжиме со разговорите под покровителство на Обединетите нации со цел да се најде заеднички прифатливо решение“, пишува Груевски во своето обраќање. Акцентирајќи го фактот дека пред Република Македонија е долг и тежок пристапен процес, но процес што води кон нејзината европска иднина, претседателот на Владата Груевски изразува надеж “дека Европскиот совет во декември 2009 година ќе потврди дека Република Македонија е подготвена да го започне овој историски процес за нашата држава и регионот, одредувајќи датум за почеток на пристапните преговори.”Истакнувајќи го големото значење на продолжетокот на “ширењето на зоната на слободата, демократијата и просперитетот на Европскиот континент”, на крајот на своето писмо Премиерот на Република Македонија, се заблагодарува на досегашната поддршка за евроинтеграциите на Република Македонија и убеденоста дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина “во духот на воспоставеното партнерство и взаемната соработка” преку поддршката на препораката на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

