Свет
Во Колумбија убен водач на ФАРК

Еден од главните водачи на марксистичките бунтовници во Колумбија, Рубен Гарсија, е убиен во воздушен напад на колумбиските вооружени сили. Во нападот биле убиени и неговите девет телохранители, пренесоа светските агенции
Рубен Антонио Гарсија Гомес познат и под прекарот Данило, и телохранителите биле убиени при бомбардирање на нивниот камп крај градот Сан Роке, во северозападната планинска провинција Антиокија, соопшти колумбискиот министер за одбрана Габриел Силва. „Го сметавме за еден од најтврдите и најкрвави водачи на оваа нарко-терористичка група“, изјави министерот пред новинарите во Богота. Овие напади се перцепираат како завршна фаза од борбата за уништување на ФАРК, која како и другите помали екстремни организации во Колумбија се финансира од продажби на кокаин. ФАРК е формирана во 1964 г. од страна на Комунистичката партија на Колумбија. Аналитичарите велат дека досега најмоќната бунтовничка организација во Колумбија од 2002 г. претрпува силни порази од владините сили а во последно време се забележани масовно дезертирање од нејзините редови.Успехот во борбата против ФАРК му се припишува на претседателот Алваро Урибе кој е на власт веќе седум години,а чиј татко во 1983 г. беше киднапиран и убиен од оваа организација. Урубе го сметаат за херој во Колумбија, бидејќи им нанесе големи загуби на бунтовници и притоа привлече странски инвестиции во земјата, која со децении е поделена од граѓанска војна. Неговата политика добива значителна поддршка во воена помош и парични средства од САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.