Македонија
Ангелов: МВР селективно поднесува кривични пријави
Претседателот на здружението „Достоинство“, Стојанче Ангелов го обвинува МВР за селективно поднесување на кривични пријави против испитувачите кои биле вработени во Комората за обезбедување на Ангеле Јовановски, против кого е покренато обвинение.
Претседателот на здружението „Достоинство“, Стојанче Ангелов го обвинува МВР за селективно поднесување на кривични пријави против испитувачите кои биле вработени во Комората за обезбедување на Ангеле Јовановски, против кого е покренато обвинение.
Тој обвинува дека од вкупно 31 испитувач МВР поднеле кривични пријави против 15 лица, а против останатите 16 лица, кои и сега вршат високи функции во МВР, нема покренато кривични пријави.
„Бараме од министерот за внатрешни работи да види кој тоа во Министерството за внатрешни работи поднел таква кривична пријава и како може кога на еден записник за полагање се потпишани десет лица, против пет да има, против пет да нема кривична пријава. „Дали тоа што некој е помошник директор или началник во МВР го амнестира од одговорност, а другите треба да одат да се влечат по судовите“ вели Ангелов.
Исто така, Ангелов рече дека ги иритира односот на Јавниот обвинител Јован Цветановски, на кого по секое судско рочиште му ја укажувале неправдата што е направена против нив.
„Доколку обвинителот вели дека ние не сме го почитувале законот, тогаш зошто не покрене обвинение против другите 16 лица. Затоа бараме и од министерот за правда и од државниот Јавен обвинител да ја испитаат работата на овој јавен обвинител кој што го води процесот и да го повика на одговорност“ бара Ангелов.
Тој обвинува дека некој сака да го извалка неговото име во јавноста.
„Неколку пати ме распрашувала внатрешна контрола, бев на дисциплинска комисија, казнет сум, бев на вонреден лекарски преглед, ми поднесоа кривична пријава, значи не можам да го сокријам чувството дека некој намерно се обидува да го извалка моето име во јавноста“ вели Ангелов.
Според него, меѓу оние кои не се обвинети има помошник на директорот на јавната безбедност, началник во управата за внатрешно обезбедување, дел од нив се вработени во управата за обезбедување, двајца се вработени во агенцијата за разузнавање, еден е професор на ФОН, еден е професор на Факултетот за безбедност.
Ако до вторник, односно до наредното судско рочиште не биде повлечено обвинението против нив, Ангелов најави дека ќе се жалат до евроамбасадорот Ерван Фуере.
Од МВР велат дека се работи за елементарно непознавање на законот.
„МВР поднесе кривични против сите лица за кои имало докази. Обвинителството ја прифати пријавата и истражниот судија постапуваше според неа. МВР ниту има право, ниту смее да се меша во работата на Обвинителството и истражниот судија. Доколку Ангелов има сознанија и за други инволвирани, треба да пријави бидејќи прикривањето е исто така кривично дело“ велат од МВР.
Претседателот на Комората за обезбедување лани беше уапсен, а МВР го товари дека три години незаконски издавал лиценци. Тогаш МВР поднесе кривични пријави и за членови на испитната комисија, кои ги товари дека му помагале во извршувањето на кривичното дело. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

