Свет
Во Холандија уапсен Газда Језда
Јездимир Васиљевиќ, обвинет за големи финансиски малверзации со неговата банка „Југоскандик“, бил уапсен во Холандија со фалсификуван српски пасош
Белградски Блиц пишува дека пасошот кој го користел Јездимир Васиљевиќ, бил на извесен Јањиќ, а Газда Језда бил идентификуван со споредување на отисоците од прстите во базата на Интерпол, кој по него има распишано потерница од април 2006 г. Според сознанијата на Блиц, Васиљевиќ бил откриен кога под лажно име поднесувал документи за азил во Холандија. На Васиљевиќ во Амстердам му е одреден екстрадициски притвор и е покрената постапка за негово предавање на српските власти. Се’ уште не е познато каде Језда се криел од 2006 г. Српските медиуми шпекулираа дека со неговата жена Сара која има потекло од Јужна Америка, побегнал во Еквадор, а дури и дека се крие во околината на Чачак. Адвокатот на Васиљевиќ, Драгољуб Ѓоргевиќ, за Блиц изјавил дека и тој е во Холандија, но не заради овој клент, туку заради друг случај кој се води пред Хашкиот трибунал за воени злосторства. Тој изјавил дека имал договор со својот клиент да не контактираат, и дека од 2006 г. ниту се слушнале ниту се виделе. Адвокатот смета дека екстрадициската постапка на Васиљевиќ може да потрае подолг период. Приведувањето пред суд на Газда Језда е главниот фактор да продолжи судењето за милионските малверзации во „Југоскандик“ банката, кое почна веднаш по неговото бегство од Србија, од што српските медиуми ја извлекуваат претпоставката дека тој бил известен. Васиљевиќ со неговите соработници Љубивое Шундиќ, Драган Антонијевиќ и адвокатот Стеван Протиќ, се обвинети за проневерување 58 милиони тогашни германски марки и дека оштетиле граѓани во вредност од 190 милиони германски марки. Во истата афера е обвинет и директорот на Банката на приватното стопанство на Црна Гора, Милорад Вукотиќ.Поради непојавување пред судот, на Васиљевиќ му е одземена куќата што ја положил како кауција уште во октомври 2001 г., која има 524 квадрати и се наоѓа во елитната белградска населба Дедиње, за која адвокатот Ѓорѓевиќ тврдел дека е сопственост на пријателот на неговиот клиент Никола Куталија. Вилата денес е проценета на најмалку милион евра, а во неа во деведесетите се собирале белградските т.н. жестоки момци кои работеле за Службата за државна безбедност на Србија.Инаку, Газда Језда првпат избега од Србија во 1993 г., а во 2001 г. Беше уапсен по враќањето од Кипар. Васиљевиќ тогаш изјавил пред судот дека не е виновен за пропаѓањето на пирамидалната банка „Југоскандик“, обвинувајќи го за тоа Слободан Милошевиќ. Језда тогаш за српските медиуми тврдеше дека доброволно не заминал од Србија, туку дека Радован Стоичиќ Баџа, тогашен шеф на Шестата управа во српската СДБ, подоцна ликвидиран, и Златко Радниќ, координатор на „Црвените беретки“, кои му дозволиле да земе само две торби, го однесле до границата со Унгарија. Васиљевиќ изјави и дека сега црногорските, а тогаш југословенски политичари Момир Булатовиќ, Мило Ѓукановиќ и српските безбедносни шефови меѓу кои Момчило Перишиќ и Јовица Станишиќ за кој сега се покажа дека бил соработник на американската CIA, барале од него 85 милиони марки за набавка на противавионски ракети. Васиљевиќ тврди дека од неговата банка српските служби извадиле меѓу 20 и 30 милиони германски марки за тајните полициски и воени служби, но и за некои политичари кои сега се дел од актуелната српска власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брисел со поддршка за Данска и Гренланд; Фон Дер Лајен порача: Царините на Трамп се закана за трансатлантските односи
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди на опасноста од воведување царини, кои, според неа, би ги поткопале трансатлантските односи.
Во објава на социјалните мрежи нагласи дека територијалниот интегритет и суверенитетот се основни начела на меѓународното право, клучни за Европа и за меѓународната заедница во целина.
Фон дер Лајен исто така истакна дека Европската унија стои во целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Наведе дека дијалогот останува клучен и дека ЕУ е посветена на унапредување на процесот што веќе беше започнат минатата недела меѓу Кралството Данска и САД.
„Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет“, порача таа.
Territorial integrity and sovereignty are fundamental principles of international law.
They are essential for Europe and for the international community as a whole.
We have consistently underlined our shared transatlantic interest in peace and security in the Arctic, including…
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) January 17, 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно најави бран зголемување на царините за европските сојузници додека на САД не им биде дозволено да го купат Гренланд.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
„Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска отидоа во Гренланд со непозната цел. (…) Овие земји, играјќи ја оваа многу опасна игра, презедоа неприфатлив ризик“, напиша американскиот претседател во долг пост на својата социјална мрежа.
„Со години ја субвенциониравме Данска, како и сите земји од Европската Унија и другите, со тоа што не им наплаќавме царински давачки или какви било други форми на компензација. Сега, по еден век, време е Данска да возврати – светскиот мир е во прашање! Кина и Русија го сакаат Гренланд, а Данска не може ништо да направи во врска со тоа. Тие моментално го штитат со два тима кучиња, од кои едниот беше додаден неодамна.
Само Соединетите Американски Држави, под ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ДОНАЛД Џ. ТРАМП, можат да ја играат оваа игра – и тоа многу успешно! Никој нема да го допре ова свето парче земја, особено затоа што националната безбедност на Соединетите Американски Држави и безбедноста на светот како целина се во прашање“, се вели во објавата на Трамп.
Регион
Европската комисија повторно бара истрага за можната употреба на звучен топ на протестите во Белград
Европската комисија уште еднаш ги повика српските власти да спроведат брза, транспарентна и веродостојна истрага за наводната употреба на звучен топ за време на антивладиниот протест во Белград на 15 март 2025 година, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).
Повикот доаѓа откако европските медиуми повторно го покренаа прашањето, а Политико објави дека српските разузнавачки служби, во соработка со руската ФСБ, тестирале звучни уреди на кучиња во обид да утврдат дали е користено звучно оружје врз демонстрантите.
Во извештајот што српскиот претседател Александар Вучиќ го презентирал, се тврди дека уредите не предизвикале реакции кај животните, па оттука било заклучено дека звучен топ не бил користен на протестот. Руската страна не коментираше за извештајот, пренесе РСЕ.
Во изјавата на Европската комисија се нагласува дека „односите со Русија не можат да продолжат како и досега, особено кога се работи за безбедносни прашања“, и се потсетува дека властите имаат обврска да ги заштитат демонстрантите од повреди и насилство.
Српските власти подоцна признаа дека полицијата поседува звучни уреди, но тврдат дека „никогаш не биле употребени“.
Демонстрантите сведочеле за силни и необични звуци, вибрации и здравствени тегоби по протестот – како вртоглавици, несвестица, покачен притисок и нарушувања на слухот.
Настанот го истражува и Европскиот суд за човекови права.
Фото: ЕПА
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.

