Македонија
Груевски ги покани холандските инвеститори да ја посетат Македонија
Премиерот Никола Груевски, во среда, заедно со министерот за привлекување на странски инвестиции, Џери Наумоф и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекероски, се обратија на бизнис форум во Хаг, Кралството Холандија.
На бизнис форумот кој се одржа во соработка со Светскиот трговски центар на Холандија и Холандскиот совет за промоција на трговијата беа промовирани поволностите за инвестирање во Република Македонија и добрата бизнис клима за водење на бизнис во државата.
Премиерот Груевски истакна дека унапредување на бизнис климата и отворањето на работни места е меѓу најважните задачи на Владата, за која цел се спроведоа многу реформи, а тоа беше признаено и од Светската банка во извештајот Дуинг бизнис, кој ја рангираше нашата земја во групата топ 30 држави за водење бизнис во светот. Тој додаде дека на овој извештај во последните 7 години 4 пати сме рангирани меѓу топ 10- те реформатори во светот.
Светската банка ја рангираше државата на третото место по брзината за регистрирање на фирма, за што се потребни 4 часа, а сме на 21 – то место во светот по заштита на инвестиции и на второ место по лесните процедури за плаќање на даноци, изјави Груевски.
Тој истакна дека со цел надминување на хендикепот на мал пазар државата склучи договори за слободна трговија со сите земји од Европа, и сега кога компаниите доаѓаат да произведуваат, може да произведуваат и извезуваат за 660 милионски пазар, а ваквите добри можности за инвестирање веќе ги искористија големи компании како Џонсон Контрол, Џонсон Мети, Анфенол, Ван хол, Кромберт и Шуберт, Дрекслер Маер, Текнохозе и многу други. Премиерот Груевски ги покани холандските инвеститори да ја посетат државата и ги упати да разменат искуства со компаниите кои веќе инвестирале во државата.
Министерот Џери Наумоф истакна дека Владата има издвоено околу 400 капацитети од поранешни фабрики кои се погодни за реализација на браунфилд инвестиции, што е дополнителна предност која се нуди на компаниите
„Тоа го искористија неколку големи компании како Џонсон Мети од САД кои одлучија да градат фабрика во слободната економска зона, но не сакајќи да чекаат додека таа се гради 15 до 16 месеци, искористија една таква празна фабрика каде ги сместија своите капацитети со што немаа застој во производството. Тоа е мoжност за сите потенцијални инвеститори“, изјави Наумоф.
Директорот за Македонија на тур-операторот од Холандија ТУИ, Јакис Кријнен истакна дека како резултат на добрата соработка и поддршка од владата постојано расте бројот на туристи кои нивниот тур оператор ги носи во Република Македонија.
„Благодарение на таа поддршка во последните години бројката на туристи од Холандија во Република Македонија е зголемена за 10 пати. Ние сме најголемиот тур оператор од Холандија и работиме со Македонија од 2011 година. Работевме и порано во Македонија во раните деведесетти, но се вративме во 2011 година. Започнавме со само 2000 клиенти туристи и секоја година го зголемувавме бизнисот, а оваа сезона, 2015 година планираме да обезбедиме околу 11 до 12 илјади холандски туристи во Македонија. Во изминатиот период инвестиравме во туристичките капацитети во Македонија, изградивме хотел, а оваа година градиме нови два. Исто така настојуваме во подобрување на постојната инфраструктура со хотелите со кои соработуваме. Сето ова е возможно заради поддршката од владата затоа што овозможуваат субвенции и така можеме да го зголемуваме бизнисот во Македонија, без тоа ништо од ова не е возможно. Се надевам со таквата поддршка ќе го зголемуваме и развиваме бизнисот и во иднина“, изјави Кријнен.
Директорот на холандската компанија Антура која се занимава со производство на семенски материјал и растенија и која започна со изградба на капацитет во Кочани, Иван ван дер Кнап изјави дека уште пред година ипол постоеле планови за инвестирање во Република Македонија, а сето тоа сега се реализира.
„Бевме среќни што можевме да започнеме со изградба на крајот од минатата година и сме задоволни што за 12 месеци сме пред крајот на нашиот проект за изградба на капацитетот. Првите растенија веќе растат во Македонија и веќе стотина луѓе се вработени. Можам да соопштам дека планираме да ја отвориме официјално фабриката на 6 ти мај. Многу сме задоволни што го запазивме временскиот план за реализација на инвестицијата и сме среќни за целата поддршка која ја добивме и што имаме можност да работиме во Македонија. Се надевам уште на многу успешни години работа“, изјави Ван дер Кнап.
На маргините на бизнис форумот се потпиша и меморандум за соработка со холандската агенција ПУМ како дел од проектот за ангажирање на странски експерти за потребите на домашните компании кој го спроведува Владата како поддршка за домашниот бизнис. Холандската агенција ПУМ располага и нуди консалтинг услуги на експерти за развој и менаџирање на компании и е предвидено во наредниот период најмалку триесетина експерти да ја посетат Македонија нудејќи помош и совети за развој на домашните бизнис компании. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.

