Македонија
Доцнењето на градбите ќе се казнува
Изведувачот на работите при градење на еден објект ќе мора да ги заврши работите во предвиден рок, во спротивно ќе се соочи со казни
Ова е една од новините на новиот Закон за градење, што ја презентираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски. За објектите од прва и втора категорија рокот за завршување на работите е десет години од денот кога одобрението за градба стапило во сила, за објектите од трета категорија рокот е шест, а за објектите од четврта и петта категорија, во кои спаѓаат станбените згради и куќи, рокот е четири години, изјави Јанакиески.Притоа тој потсети на искуствата од минатото, кога одредени објекти остануваат со години незавршени, за што најдобар пример е Скопје.Истовремено со новиот Закон на сопствениците на куќи или згради без фасади им се дава рок од една година да стават фасада, во спротивно ќе се соочат со мандатна казна од најмалку илјада евра, рече Јанакиески.Тој информираше дека со новиот закон се воведува и одредбата „молчење на администрацијата“. Тоа значи дека доколку на одреден инвеститор од општината не му биде одговорено во рок од пет дена на барањето, тој може да се жали до ресорното министерство, кое ќе го разгледа неговото барање, а за вработеното лице во општината ќе следи казна од илјада до две илјади евра.Јанакиески истакна дека со новиот закон е предвидено издавање на лиценци за вршење работи во градежната дејност, додавајќи дека овие лиценци нема да важат за занаетчиите и за лицата што се занимаваат со внатрешно уредување на објектите.Новиот закон за градба, кој деновиве доби зелено светло од владата, треба наскоро да влезе во Собраниска процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со оружје, стотици парчиња муниција и импровизирани направи во возилото, Италијанец се обидел да ја помине границата на Табановце – приведен е
На Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го привеле С.В. (45) од Италија.
При гранични проверки и контрола на возило со италијански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени осум импровизирани направи со игла за активирање на непозната муниција, пиштол калибар 22, шест кутивчиња со по 100 парчиња муниција, едно кутивче со 200 парчиња муниција, едно кутивче со 60 парчиња муниција, како и други предмети.
По наредба на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.

