Македонија
НВО бараат измени за Предлог законот за здруженија и фондации
Во Собранието на Република Македонија денеска се одржа јавна расправа по Предлог законот за здруженија и фондации на која беше оценето дека истиот дава можност за унапредување на слободите и правата за здружување, но беа побарани амандмански измени за некои одредби.
Во Собранието на Република Македонија денеска се одржа јавна расправа по Предлог законот за здруженија и фондации на која беше оценето дека истиот дава можност за унапредување на слободите и правата за здружување на граѓаните, но дека постојат и одредби кои не се јасно дефинирани, за кои беа побарани амандмански измени.
Амандманските измени беа побарани од страна на невладините организации кои беа дел од јавната расправа во организација на Националниот совет за евроинтеграции.
„Основна цел на законот е да обезбеди слобода на здружување согласно европските стандарди и практики. Текстот на законот е подготвен од работна група која е формирана во 2007 година, со учество на претставници на повеќе министерства и на НВО-секторот и со користење на компаративните искуства од повеќе соседни и европски земји. Воведена е можност за финансиска поддршка на НВО-секторот од буџетот на Владата, на општините, на општините на Скопје, и од буџетот на Град Скопје“, објасни Министерот за правда Михајло Маневски.
Она што е воведено како новина во Предлог законот е овозможувањето за основање на организации од јавен интерес кои би добивале поддршка преку царински, даночни или други олеснувања.Невладините организации на јавната дебата изразија загриженост за одредбата со која Владата ќе го овозможи основањето на таквите организации.
Ана Медарска од ФИООМ изрази сомнеж во имплементирањето на оваа одредба на законот бидејќи царинските и даночни олеснувања не се директно уредени со овој закон, туку се остава да се регулираат со прописите од даночната и царинската материја.
Кети Јандриевска -Јованова од Хелсиншкиот комитет смета дека е непотребна оптеретена процедура за основање здруженија од страна на малолетни лица и за нивно членување во организации со барањето тие да достават заверена изјава на нотар за согласност од нивниот правен застапник, а кое како што рече е во спротивност со Конвенцијата за правата на детето.
Како што истакна претседателката на Советот Радмила Шеќеринска јавната расправа беше организирана со цел донесување на квалитетен закон./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

