Свет
Маргелов не исклучува дека САД воено ќе го соборат режимот на Гадафи
Претседателот на комитетот на Советот на Руската Федерација за меѓународни работи, Михаил Маргелов, не исклучува почеток на воени дејствија од страна на САД против режимот на претседателот на Либија, Моамер ал-Гадафи и неговите поддржувачи
Американскиот претставник во Обединетите нации, Сузан Рајс во вторникот изјави дека САД ќе разговараат со партнерите во НАТО за можноста за воена интервенција во ситуацијата во Либија. Претходно, премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, изјави дека тој не ја отфрла можноста за употреба на воена сила против режимот на Моамер ел-Гадафи, а претставници на Пентагон изјавија дека САД вршат прегрупирање на поморските и воздушните сили во регионот околу Либија. „Токму сега во близина на либискиот брег се групираат воени бродови на САД, а Вашингтон е подготвен да започне борба против силите на Гадафи, без одобрение на некој од сојузници во НАТО или Русија“, изјави Михаил Маргелов за РИА Новости во вторникот. Во тој случај, смета рускиот сенатор, ако почнат непријателствата, може да се случи „еден вид ширење на демократијата како во Ирак“, што може да ги уништи зачетоци на демократијата во регионот. Маргелов, исто така, ги обвини САД и Европа за политиката на двојни стандарди во однос на режимот на Гадафи. „Во однос на Либија се раководат само од сопствените интереси, особено нафтените, таков е впечатокот, како да никој во релевантни кругови во Европа и во САД не беше свесен за терористичките предзнаци на Гадафи или за мрачните особености на неговиот режим“, вели Маргелов. Според него, нафтата и природниот гас продолжуваат да ја обеспокојуваат Европа и Америка многу повеќе од човековите права и демократијата во Северна Африка и на Блискиот Исток. Тоа, вели Марелов, ја објаснува леснотијата со која се наложуваат санкции на Белорусија, кои немаат резерви на јаглеводороди и добија „нож во грбот“ во смисла на соборувањето на диктаторите во Северна Африка.
„Во однос на нив во политиката на САД и на Европската унија дејствува срамната попустлива формула според која „секој народ си го заслужува водачот“, додава Маргелов.Според него, Европа во овој контекст може да биде спокојан, затоа што нафтата и природниот гас од Северна Африка и Блискиот Исток ќе и бидат доставени „дури и ако до власта се доближи Ал Каеда“, бидејќи нема таков режим што ќе се откаже од петро доларите“. Претседателот на Меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, изјави дека сегашниот имиџ на Европа и САД меѓу обичните Арапи е значително поткопан, а дополнително конфузија меѓу арапските елити внесува фактот дека Европа и САД „почнаа силно да ги поддржуваат бунтовниците.“. „Сето тоа заедно го отвора патот за екстремистите“, заклучува. Маргелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: САД ги притискаат Русија и Украина да ја прекинат војната пред летото
САД сакаат Москва и Киев да најдат решение за тоа како да се стави крај на војната во Украина пред летото, изјави претседателот Володимир Зеленски. Неговата изјава ја пренесе „Ројтерс“.
Во изјава за новинарите објавена од неговиот кабинет денес откога Украина и Русија одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, Зеленски рече дека Вашингтон предложил разговори во Мајами за една недела и дека Киев се согласил со тоа.
Зеленски, исто така, ја критикуваше Русија поради нападот врз украинските енергетски постројки извршен преку ноќ, велејќи во коментарите објавени на „X“ дека на Москва мора да ѝ се одземе можноста да го користи студеното зимско време како средство за влијание против Киев.
Фото:Депоситотос
Свет
Франција ги истражува поранешниот министер за култура и неговата ќерка за измама поврзана со Епштајн
Француските финансиски обвинители соопштија дека отвориле истрага против поранешниот министер за култура Џек Ланг и неговата ќерка Каролин Ланг под сомнение за „перење пари поврзано со сериозна даночна измама“ во случај поврзан со починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, објавија француските медиуми.
Се зголемува притисокот врз Ланг да поднесе оставка од функцијата претседател на Институтот за арапски свет во Париз, откако документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела покажаа дека Епштајн и Ланг повремено се допишувале помеѓу 2012 година и смртта на Епштајн во затвор во 2019 година.
Француските медиуми, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Медиапарт“, објавија дека прелиминарната истрага е отворена откако документите на Министерството за правда на САД открија години преписка и финансиски врски меѓу Ланг и Епштајн, вклучително и оние во странство.
Канцеларијата ја потврди истрагата, но не даде дополнителни детали.
Џек Ланг, кој негира какво било кривично дело, е повикан на сослушување од Министерството за надворешни работи, надзорниот орган на Институтот за арапски свет, културна и истражувачка институција која промовира разбирање на арапскиот свет.
„Џек Ланг беше државен министер, тој ќе донесе одлука со чиста совест“, изјави неговиот адвокат Лоран Мерле за француските медиуми, одговарајќи на повиците Ланг да ја напушти институцијата.
Името на Ланг се појавува повеќе од 600 пати во досиејата на Епштајн, според прегледот на документите од страна на Ројтерс.
Пред шест дена, ќерката на Ланг, Каролина, поднесе оставка од функцијата раководител на Францускиот синдикат на независни продукции откако се открија нејзините врски со Епштајн. Ланг вели дека тоа е неправда
„Џек Ланг верува дека презентирањето на фактите е многу неправедно, но тој е борец и ќе ги даде сите потребни објаснувања на неговото надзорно тело и на судовите за да докаже дека не бил вмешан во никакво недолично однесување или кривично дело што може да му се припише“, рече неговиот адвокат.
„Немаше трансфер на средства… Но, мислам дека е нормално судијата да сака да го испита тоа“, рече тој, додавајќи дека се надева оти обвинителот ќе дејствува брзо.
Објавувањето на документите ја интензивираше истрагата за глобалните врски на Епштајн со јавни личности, вклучувајќи го Британецот Ендрју Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс, и Питер Манделсон, поранешниот британски амбасадор во Соединетите Држави.
Фото:ЕПА
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.

