Македонија
За казнено-поправните домови 52 милиони евра
Банката за развој при Советот на Европа и одобри заем на Македонија од 46 милиони евра за реконструкција на казнено-поправните установи, чиј имплементатор ќе биде Управата за извршување на санкции при Минстерството за правада
„Вкупниот износ за реализација на Проектот за реконструкција на казнено-поправните установи изнесува 52 милиони евра, од кои 46 милиони евра се кредит од Банката за развој при СЕ, околу 2,5 милиони евра се обезбедени од Буџетот, а останатите средства се обезбедени од ИПА програмата за 2009 и 2010, како и од Фондот за инфраструктурни проекти и норвешката Влада“, рече, министерот за финансии, Зоран Ставрески, на денешната прес-конференција.
Средствата што Банката за развој при СЕ и ги доделува на Македонија, според Ставрески, се уште една потврда дека реформите во овој сегмент и напорите на Македонија се потврдени од страна на највисокото управувачко тело на оваа Банка и се уште една потврда дека европските банки ја изразуваат поддршката на Македонија во процесот на евроинтеграциите.
„Условите под кои се добини средствата се исклучително поволни. Рокот за отплата на кредитот е до 20 години, со грејс период до пет години. Каматната стапка е исклучително ниска околу 1,2 проценти. Тоа се надобрите можни услови што може да се добијат на пазарот во вакви кризни времиња“, рече министерот Ставрески.
Според, министерот за правда, Михајло Маневски, реализацијата на овој проект ќе придонесе до промена на изгледот на затворите во Македонија, ќе се обезбедат услови за функционирање на затворите според европски стандарди, ресоцијализација и хумано постапување со осудени лица и создавање оптимални услови за престој и работа на осудените и вработените во затворите, јакнење на здравствените служби и грижа за здрaвјето, вработување на нови кадри и нивна едукација.
Проектот за реконструкција на КПУ во Македонија опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во КПД Идризово, воспитно-поправниот дом Тетово, како и во затворите Скопје и Куманово.
„Со Проектот се предвидува проширување на КПД Идризово со изградена површина од 43.000 метри квадратни, а сегашниот капацитет од 900 места ќе се зголеми за 1.510 лица. Ќе се изгради нов воспитно-поправниот дом Тетово со површина од 2.640 метри квадратни со капацитет од 84 малолетни лица. Во затворот Скопје ќе се изградат нови објекти со површина од 12.235 метри квадратни, а вкупниот капацитет на установата ќе биде 634 осудени и притворени лица. Ќе се доврши и изградбата на затворот Куманово со објекти од вкупна површина од 5.500 метри квадратни и капацитет од 250 лица“, рече Маневски.
За реализација на Проектот веќе е подготвена архитектонско-урбанистичка документација и изработени се урбанистички и идејни проекти за четирите установи. Градежните работи во четирите установи ќе започнат во првата половина на 2011 година, а предвидено е Проектот да се реализира до 2015 година.
Владата го реализира проектот за да ги исполни стандардите утврдени во Европските затворски правила на Советот на Европа, минималните правила за постапување со затвореници на ООН и Конвенцијата за спречување од тортура и нечовечко однесување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.
Македонија
Филипче го повика Жан Митрев да оди кај обвинител и да поднесе кривична, најави и тужби: „Ова не е политика, сега ќе ги тужам“
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ спроведува, како што рече, јавен линч против него преку лаги, манипулации и црна кампања.
Филипче изјави дека секојдневно е цел на неосновани обвинувања, вклучувајќи тврдења за имот, патувања и споредби со убијци, оценувајќи дека ваквите напади ги надминале сите граници на политичка борба. Особено реагираше на обвинувањата поврзани со доктор Жан Митрев, нагласувајќи дека станува збор за тешки и невистинити наводи и најави тужби.
„Вчера, отидоа дотаму, да преку Жан Митрев, за кого како лекар не можам да кажам што мислам, ме обвинија за рекет за цела болница. Претераа. Ова веќе ги поминува сите можни граници. Што ќе смислат следно, утре ќе ме обвинат и за силување, за убиство? За што следно? Доста е веќе. Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот“, рече Филипче.
Го повика Жан Митрев да отиде кај обвинител и да поднесе Кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон.
„Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави. ВМРО ја помина секоја граница и јас преку ова нема да поминам. Ова не е политика. Веројатно дефинитивно во Македонија на сите им се јасно што прават“, додаде Филипче.
Во обраќањето, обвини дека власта намерно дефокусира од, како што ги нарече, вистинските проблеми – буџетскиот дефицит од две милијарди евра, ниските плати и пензии, прашањето со мигрантите, корупцијата, тендерските постапки и исплатите преку државни институции.
Тој оцени дека ваквата политика ја турка државата кон изолација и создава одбивност кај граѓаните кон политиката, наместо да се зборува за подобар животен стандард, европска иднина и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.

