Македонија
АРМ се одликува со патриотизам, постојаност и професионалност
Армијата на Република Македонија е важен столб на македонската независност, а во изминатите 20 години покажа капацитет и постојан напредок во општеството и донесе афирмација на Република Македонија на меѓународен план, порача претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов, на свечената академија по
„Како претседател и како врховен командант на вооружените сили, ве уверувам дека АРМ, била, е и ќе остане да биде гарант на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Нејзината професионалност, пак, останува клучен двигател на патот на Република Македонија кон членството во Северноатлантското семејство на народи, што е наша стратешка цел“, додаде Иванов.
Според него, 20-годишното постоење на Армијата на Република Македонија, може да се сублимира во три збора -патриотизам, постојаност и професионалност.
„Патриотизмот, љубовта кон татковината е најважната придобивка што АРМ ја наследи од нашите илинденци и борци во Народноослободителната војна. Љубов која Армијата ја покажа од самите мугри на нашата независност, чувајќи ги нашите граници, нашиот мир и нашата безбедност за нас и за нашите деца“, рече шефот на државата.
Според Иванов, за пофалба е постојаноста на Армијата во одржувањето на високиот степен на борбената готовност, и покажаната професионалност во справувањето со сите предизвици во нашата држава и пошироко, особено справувањето со безбедносните кризи во земјата, како и учеството во меѓународните операции предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации.
„Делата зборуваат сами за себе. Со напорна работа и пожртвуваност, АРМ ги достигна и вредностите, и стандардите и критериумите за членство во НАТО. До постигнувањето на членството ќе продолжиме да работиме, според трите вредности кои ги одбележаа овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам кои се предуслов за нашата слобода, правда и достоинство“, рече претседателот Иванов.
Министерот за одбрана Фатмир Бесими кој се обрати на три јазици, македонски, албански и англиски се осврна на реформските процеси во АРМ со кои таа стана високо професионална и почитувана институција не само меѓу партнерите надвор туку и меѓу своите граѓани во РМ.
„Ќе создадеме модерна армија посветена на мирот и армија поблиска до граѓаните, високопрофесионална, мултиетничка и армија која е меѓународно признаена. Ќе работиме на три столбови – приоритети: Македонија на меѓународен план да биде целосно подготвена за членство во НАТО, на државен план АРМ да биде гарант на мирот и стабилноста, на армиско ниво да направиме армија која ќе биде престижна, високопрофесионална и модерна, а војници со достоинствен стандард. Посветени сме на модернизацијата и опремувањето на Армијата користејќи нови концепти како „паметна одбрана“, развој на професионалниот менаџмент, регионалната соработка и евроатлантските интеграции. За ова секако треба да се соочиме со предизвиците – глобалната економска криза, ограничените ресурси за развој и постигнување на овие цели на Армијата“, рече Бесими.
Тој посака македонското знаме наскоро, веќе следната година да се вее пред седиштето на Северноатлантската алијанса во Брисел.
Мајор Горанчо Котески, началникот на ГШ на АРМ рече дека оваа млада, мала, обучена и храбра армија учествуваше со 3.000 мировници во мировните мисии предводени не само од НАТО , туку и од ЕУ и ОН.
„Припадниците на АРМ веејќи го гордо македонското знаме ја афирмираа Република Македонија. Причина да се гордееме повеќе на успесите на македонските мировници се над 1.900 одликувања кои им се доделени од високите авторитети и командни структури на НАТО, ОН и ЕУ“, рече Котески.
Претседателот Ѓорге Иванов на свеченоста ги одликува со Орден за воени заслуги генералот во пензија Митре Арсовски, Полкот за специјални операции на АРМ, Националната гарда на Вермонт и Турската воена академија.
Иванов соопшти дека донел одлука и на сите припадници на АРМ кои во изминатите 20 години ги дале животите при извршувањето на воените обврски и учеството во мировните мисии, постхумно да ги одликува со Медал за храброст./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

