Македонија
СДСМ со ново раководство
Гордан Георгиев, Зоран Заев и Зоран Јовановски се новите потпретседатели на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија(СДСМ), а Андреј Петров е избран
Гордан Георгиев, Зоран Заев и Зоран Јовановски се новите потпретседатели на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија(СДСМ), а Андреј Петров е избран за нов секретар на партијата.
На вонредниот 10. конгрес на СДСМ што денеска се одржа во Охрид, партијата преку своите 530 делегати ги избра новите членови на Централниот и Надзорниот одбор, каде веќе не членуваат некои истакнати партиски имиња.
Според јавното гласање, од вкупно 90 членови во Централниот одбор, над 80 проценти се нови имиња со просечна возраст под 38 години.
Портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ информираше дека дека во Централниот одбор веќе ги нема истакнатите партиски членови Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, Никола Поповски, Горан Минчев, Ѓорѓи Спасов, Никола Ќуркчиев, Благој Ханџиски, Илинка Митрева, Димитар Бузлески, Илија Илоски, Горан Зечевиќ, градоначалниците на Охрид и Куманово, Александар Петрески и Зоран Дамјаноски.
Во Централниот одбор на партијата, покрај Станковиќ, од актуелните високи партиски членови се уште и доскорешниот в.д. лидер на партијата Зоран Заев, Игор Ивановски, Јани Макрадули, Љубомир Јанев и Андреј Петров, а меѓу избраните е и Наташа Савова, соработник на лидерот Црвенковски од периодот кога тој ја извршуваше претседателската функција.
Во Централниот одбор влегуваат и амбасадорите Александар Тавчиовски, Виктор Димовски и Тихомир Илиевски и докторите на науки, универзитетскиот професор Рената Дескоска, Људмил Спасов, Ана Павловска – Денева и Татјана Прентовиќ
Избрани се и 17 членови на Извршниот одбор на партијата – Дане Талевски, Драган Тевдовски, Наташа Савова, Виктор Димовски, Игор Ивановски, Емилијан Станковиќ, Магдалена Несторовска, Јово Деспотоски, Јани Макрадули, Рената Дескоска, Људмил Спасов, Пецо Стојановски, Орце Јордановски, Виктор Цветкоски, Марија Костова, Наташа Петровска и Митре Велјаноски. /крај/ме/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од утре следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на утрешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

