Македонија
Јанкулоска: Стојам зад секој збор што сум го кажала за акцијата „Монструм“
Зошто министерката за внатрешни работи не ја почитувала презумпцијата на невиност, ги осудила сите Албанци дека се радикални исламисти, не постапила правилно при приведувањето на осомничените во акцијата „Монструм“.
Ова се дел од прашањата и обинувањата кои денеска ги изнесе пратеникот на Демократската партија на Албанците Имер Алиу до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на пратеничките прашања во Собранието, во врска со акцијата „Монструм“, кога беа приведени 20 лица осомничени за петкратното убиство што се случи кај Смилковското езеро.
„На 1 мај, министерката за внатрешни работи и заменикот министер од редот на ДУИ и другата раководна структура од МВР одржа прес-конференција за масакрот кај езерото. Првата реченица што ја искажавте беше дека МВР ги откри убијците за масакрот кај езерото, приведени се 20 лица кои се радикални исламисти и кои се бореле против НАТО земјите во Авганистан. Министерке, вие сте правник по професија, но и ако не сте правник треба да знаете што подразбира презумпцијата на невиност бидејќи ова е уставна категорија. Вие на тој прес ги осудивте Албанците и им определивте максимална затворска казна, а потоа излезе и јавниот обвинител кој рече дека приведените ќе ја добијат максимална затворска казна“ рече Алиу.
Министерката за внатрешни работи, Јанкулоска одговори дека стои зад секој збор што го кажала во врска со акцијата, и на 1 мај и после тоа.
„Во однос на мојата изјава и на 1 мај и секој ден по 1 мај и денеска, стојам зад секој збор што го кажав. МВР спроведе обемна и сериозна истрага, користејќи ги сите механизми кои законот ги става на располагање и поднесе кривична пријава против лицата кои ги сомничиме за сторено кривично дело тероризам. Би сакала да ја искористам приликата да апелирам до вас и сите групи кои се обидуваат да етикетираат цели етнички групи, групи на граѓани, да се воздржат од таквото однесување бидејќи за криминал се одговорни лица поединци, а не припадници на една, друга или трета етничка или религиозна група“ рече Јанкулоска.
Таа додаде дека Македонија треба да биде свесна за предизвиците со кои се соочува светот, односно дека тероризмот е закана за целиот свет.
„Македонија е земја која не може да биде изолиран остров на светот. Сите предизвици на новото време, сите проблеми со кои се соочува светот се проблеми за кои мораме да бидеме свесни, тоа не значи дека треба да живееме во страв. Тоа не значи дека граѓаните треба да се постојано преоптоварени со помислата дека нешто лошо се случува. Но сите треба да бидеме свесни дека тероризмот е закана за целиот свет, Македонија е дел од тој свет, дел од коалицијата за мир“ рече Јанкулоска.
Според неа во акцијата „Монструм“ биле испочитувани сите професионални стандарди и правила на полициско однесување и немало ниедна поплака за однесувањето на полициските службеници.
Алиу не доби одговор на неговото прашање каде бил шест дена Хаки Хазири, кој во случајот беше заштитен сведок, а потоа по свое барање го изгуби овој статус и беше приведен.
„Каде го држевте Хаки Хазири шест дена, на ова прашање требаше да ми одговорите, во тајни затвори, викенд куќички?“ праша Алиу./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟥𝟦 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 03.11. до 09.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 134 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Изминатиот викенд 1466 сообраќајни прекршоци, уапсени 14 лица
За време на изминатиот викенд како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1466 издадени платни налози, 786 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 14 лица, од кои 11 за возење под дејство на алкохол, двајца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, еден за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 174 прекршоци за неправилно паркирање, 132 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 91 санкција за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 60 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 20 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а пет заради техничка неисправност“, соопшти МВР.
Од Министерството додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила.
Македонија
Комисијата за историски прашања е алиби за моментно многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, вели Димитров
Комисијата за историски прашања со РСМ е еден вид алиби за моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, оценува Ангел Димитров, копретседател на Заедничката експертска комисија за историски прашања во изјава за бугарски медиуми.
На прашањето до каде е дојдена комисијата, Димитров одговори: „Најкраткиот одговор е никаде, бидејќи по 8 години работа, 38 состаноци, сè уште сме на учебникот за 7-мо одделение, а материјалот за седмо одделение, одговара на 6-то одделение во нашата земја, т.е. во 11-ти век. Гледајте, би можел да кажам дека ова е блокада на работата на комисијата, но ќе употребам повнимателен израз, ќе кажам дека тоа е стагнација, застој, и го користам затоа што ова е и целокупната состојба на земјата таму. Нешто што беше наведено во извештајот од Брисел и нешто што воопшто не го загрижува државното раководство таму. Ова е нешто како алиби во сегашните многу комплицирани односи меѓу нашите две земји, бидејќи формалната активност на комисијата сугерира дека сè уште постои желба да се работи. И морам да нагласам дека ова е единствената комисија што работи, создадена според Договорот за пријателство и добрососедство и единствената форма на негово спроведување. Но, бидејќи нема резултати, тогаш можеме да размислиме каков е ставот кон самиот договор.“
„Секако, првиот ден од нашата работа се совпадна со потпишувањето на овој договор за работа на тунелот, граничниот тунел, кој ќе ја поврзе железничката линија по коридорот број 8. Јас сум многу чувствителен на оваа тема, ми е многу блиска. Значи, тунелот е најмалиот проблем во овој случај, иако звучи симболично. Се шегувам дека ако изградбата на железничката линија таму не оди добро, ќе мора да направиме дополнително гранично обезбедување на европската граница на тунелот. Гледајте, го кажувам ова на шега. Искрено се надевам дека овој страв, да го наречеме, од поврзување на двете земји е веќе надминат во РСМ. И е надминат не само поради свеста за сопствениот интерес, бидејќи ова е европски проект од „големо значење за НАТО“. Го споменав овој случај бидејќи е мала светлина, да не влегуваме во тунелот, но добро е да се сфати дека работите нема да се случат брзо.“
Составот на комисијата е променет од страна на РСМ, но тоа не го промени начинот на кој работи.
„И претходниот состав на комисијата се фокусираше на Охридската архиепископија како тема на професионални дискусии. Главната работа што ја сакаат нашите колеги е да не се навестува ни најмалку дека таа е продолжение на Бугарската патријаршија, дека постои овој континуитет, оваа историска врска. Постои некаков континуум помеѓу институцијата и претходната институција – Патријаршијата на бугарската држава. Иако ова е многу јасно наведено со самите одлуки на царот Василиј II. Главната причина за блокирање на работата на комисијата е неподготвеноста на нашите колеги, во овој случај тие целосно ја следат политичката линија на државата и доктрината за Македонизмот, а да не зборуваме за заедничка историја. Нешто што не е само вградено во Договорот за пријателство и добрососедство, како идеја за создавање на оваа комисија, туку е и во преамбулата како значење на самиот договор. Гледате, резултатот е неверојатен парадокс.“, додава Димитров.
Фото: принтскрин

