Македонија
Дебата: Европската интеграција по Европскиот Совет од 17-ти јуни
Каде се движи Македонија по Европскиот Совет на 17-ти јуни беше основното прашање на кое денеска се обидоа одговор на дадат членовите на Националниот Совет за евроинтеграции.
Каде се движи Македонија по Европскиот Совет на 17-ти јуни беше основното прашање на кое денеска се обидоа одговор на дадат членовите на Националниот Совет за евроинтеграции.
Опозицијата со критика дека има застој во реформскиот процес во земјата, додека позицијата со став дека прашањето со името е единствената пречка до одредувањето на датум за старт на пристапните преговори. Според шефот на дипломатијата Антонио Милошоски, неодредувањето на датум за старт на преговорите со Македонија на последниот Европски Совет е недостаток на волја од една земја членка да даде конструктивен придонес и Европската Унија политички да ја верифицира препораката на Европската Комисија. Тој смета дека оваа ситуација може негативно да се одрази кон севкупното расположение за Европската Унија во земјава. „Ќе треба да вложиме дополнителни напори да се бориме со одредената доза на разочарување, фрустрации и демотивираност кои се јавуваат кај општествените, политичките и другите чинители во Република Македонија како резултат и последица на ваквиот третман или одреденото статус-кво што не соодветствува со заслужената можност за исчекор напред“, рече Милошоски. Вице-премиерот Васко Наумовски рече дека Македонија работи на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение со Грција што нема да ги загрози националните интереси на земјата. Вели дека исполнувањето на критериумите за членство е приоритет на Владата. „Свесни сме дека по последните циклуси на проширување, критериумите за членство можеби се затегнати, односно, можеби, од сегашните држави кандидати се бара многу повеќе отколку тоа што било случај со државите на дел од Унијата во 2004-тата и 2007-та година. Но ние како држава сме подготвени да ги исполниме и тие дополнително затегнати критериуми“, рече Наумовски. Шпанскиот амбасадор во земјава, Хозе Мануел Паз и Агерас, на крајот од шпанското претседателство со Унијата ја повтори декларираната заложба за продолжување на проширувањето кон земјите од западниот Балкан. „Сметам дека мапата на Европа нема да е комплетна без вас“, рече Агерас. Опозицијата со став дека Македонија на 17-ти јуни доживеала неуспех поради тоа што воопшто не се нашла во заклучоците на Европскиот Совет. Бараат конкретна работа на потребните реформи, но и во процесот за надминување на проблемот со името. „Ако продолжиме со реформите како во изминатите шест месеци, тогаш не ни бега и фактички да ја изгубиме препораката за преговори, затоа што степенот на реформи е недоволен, слаб и уназадувачки. Мора Македонија навистина да излезе од дупката во која што, како и самата, да се закопува, заради тоа што ги изгуби пријателите, го изгуби реформскиот залет и сега се наоѓа во извонредно неповолна состојба“, рече Радмила Шеќеринска од СДСМ. „Цел свет знае дека Македонија е во право. Едноставно, сите разумни луѓе коишто рационално размислуваат говорат дека ова е апсурдна состојба во која што не доведува Грција. Меѓутоа, тоа е тоа. Така функционира Европската Унија. Ако сакаме да бидеме членки на тој клуб, ние едноставно мора да се привикнеме на условите што ги диктираат тие членки“, рече пратеникот Тито Петковски од НСПД. За пратениците од позицијата, прашањето со името е единствената пречка за отпочнувањето на пристапните преговори со Унијата. „Никој освен Македонија нема ваков, сега видлив критериум, да го промени своето уставно име. Сите земји имаат проблеми од различна природа, но не од таква природа, поврзана со идентитетот, јазикот, културата и се што значи одбележување на културата и постоењето на овој народ“, рече Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. „Немаме никаква нова состојба. Состојбата по 17-ти јуни едноставно е едно продолжување на состојбата што се случи во 2008-ма година на самитот во Букурешт, каде што беше констатирано дека Република Македонија ги исполнува сите неопходни критериуми за полноправно членство во НАТО, но алијансата едноставно ја стави својата блокада“, рече Петар Поп Арсов од ВМРО-ДПМНЕ. Претставниците на партиите на Албанците, побараа, како што рекоа, носење на историски одлуки, што на земјата ќе и овозможи напредок во евро-атлантските интеграции. „Ова е неправедно и импонирано прашање, но тоа е и одлука без која нема членство ниту во Европската Унија, ниту во НАТО“, рече Џевад Адеми од ДУИ. „Мислам дека ова не треба да биде само декларативна заложба, туку треба да имаме конкретни заложби во пракса“, рече Флора Кадриу од Нова Демократија. Дебатата на Националниот Совет за евро-интеграции доаѓа пред јулскиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, кога, според дел од пратениците, ќе биде упатена политичка порака до каде е Македонија во однос на исполнувањето на критериумите за членство во Унијата. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

