Свет
Кршење на табуата за глобалното затоплување

Дали намалената сончева активност ќе го поништи глобалното затоплување во наредните децении? Токму тоа го тврди директорот на едно од германските електрокомпании во заминување, Фриц Варенхолт, во својата нова книга.
Дали намалената сончева активност ќе го поништи глобалното затоплување во наредните децении? Токму тоа го тврди директорот на едно од германските електрокомпании во заминување, Фриц Варенхолт, во својата нова книга. Тој во интервјуто за SPIEGEL тврди дека официјалните предвидувања на Обединетите нации за жестокоста на климатските промени се претерани и базирани на слаби научни докази.
Варенхолт (62), е типичен пример за генерацијата која созреа со студентските протести од крајот на 1960-те години и која се бореше против германските токсични хемиски постројки во текот на 1970-те години. Неговата партија, центар-левата Социјалдемократска партија (СПД) го именуваше на функцијата сенатор за екологија во градот-држава Хамбург, каде што го привлече гневот на еколошкото лоби со градењето на инценератор за ѓубре, поради што го доби прекарот Feuerfritze (Огнениот Фриц). Потоа тој работеше во индустријата, првин за меѓународната нафтена компанија Shell, а потоа за произведувачот на ветерници RePower, компанија која и самиот ја градеше. Сега, како Извршен директор во заминување на групата за обновлива енергија RWE Innogy, се подготвува да отпочне нова голема битка. „Ќе си направам непријатели на сите страни“, вели тој.
Целта му е да скрши едно од најголемите табуа. „Климатските промени не се случуваат“, пишува тој во својата книга Die Kalte Sonne (Студеното сонце), која деновиве се појави во книжарниците во издание на Hoffmann & Campe. Пред печатењето, Варенхолт книгата ја дал на читање само на еден стручњак, директорот на Институтот за метеорологија „Макс Планк“ од Хамбург, Јохем Мароцке. Оценката на Мароцке е јасна: Варенхолт ги застапува ставовите на климатските скептици. „Голем број од хипотезите во книгата одамна се отфрлени“, тврди Мароцке, но додава – со доза на самокритика – дека неговата професија пропуштила да истакне оти глобалните температури нема униформирано да се зголемуваат. Наместо тоа, вели Мароцке, може да има фази на стагнација, па дури и помали падови на температурите. „Ова не изложи на потенцијални критики“, вели тој.
И додека книгите од „климатските еретици“ најчесто не привлекуваат големо внимание, во случајот на Варенхолт, најверојатно, ќе биде поинаку. „Неговата слава ќе осигура серија дебати на оваа тема“, вели Мароцке.
Книгата стана и извор на непријатности внатре во партијата на Варенхолт. Никој во раководството на СПД не сака да ги коментира теориите на нивниот проминентен сопартиец. Исто така, едно предавање кое Варенхолт неодамна требаше да го одржи на Универзитетот во Оснабрик, беше откажано.
SPIEGEL: Господине Варенхолт, пред неколку седмици неочекувано ја најавивте вашата оставка како Извршен директор на RWE Innogy. А сега се појави и вашата книга „Студеното сонце“, во која ја негирате климатската катастрофа. Дали ве присилија да си дадете оставка затоа што вашите идеи можат да му наштетат на новиот зелен имиџ на RWE Innogy?
Варенхолт: Не. Мојот договор истекуваше на крајот на годинава. Покрај тоа, останувам член на Надзорниот одбор на компанијата уште три години.
SPIEGEL: Како и да е, вашата избрзано повлекување од раководството на RWE потсетува на скандалот околу Тило Сарацин, кој беше присилен да се повлече од Управниот одбор на германската Централна банка во 2010 година, по објавувањето на неговата контроверзна книга за имиграцијата и интеграцијата.
Варенхолт: Не беше избрзано повлекување. Покрај тоа, мене не ми е потребен Тило Сарацин како пример. Како што не ми беше потребен пример и кога го свртев вниманието кон ризиците од хемиската индустрија во мојата книга од 1978 година Seveso ist überall („Севесо е насекаде“, референца кон озлогласеното излевање на хемиски материјал од компанијата „Севесо“ во 1976 година во Италија). Денес сакам новите научни откритија да бидат вметнати во дебатите за климата. Тогаш ќе стане јасно дека простото поистоветување дека ЦО2 и другите стакленички гасови произведени од човекот се речиси единствени одговорни чинители за климатските промени е неодржливо. На планетава не е зголемена температурата цели 14 години, наспроти постојаниот раст на емисиите на ЦО2. Етаблираната наука за климата треба да излезе со одговор за тоа.
SPIEGEL: По професија сте директор на електрокомпанија. Што ве поттикна да се занимавате со климатологија?
Варенхолт: Во моето искуство како експерт по енергетика, сфатив дека Меѓувладиниот панел за климатските промени (ИПЦЦ) е повеќе политичко, отколку научно тело. Како известувач за обновлива енергија, бев сведок на тоа колку е тенка фактичката база на која се засновани предвидувањата кои ги прави ИПЦЦ. Во еден случај, едно апсурдно тврдење на активист на Greenpeace дека 80 проценти од глобалното снабдување со енергија наскоро би можело да доаѓа од обновливи извори, беше прифатено без детална проверка. Тоа ме поттикна извештајот на ИПЦЦ да го проучам повнимателно.
SPIEGEL: И кој беше вашиот заклучок?
Варенхолт: Во долгата верзија на извештајот на ИПЦЦ се споменати и природните причини за климатските промени, како што е сонцето и осцилирачките струи на океаните. Но, во скратената верзија за политичарите, тие се, едноставно, исфрлени. До ден – денес законодавците не знаат дека новите студии сериозно ја ставаат под знак на прашање доминацијата на ЦО2. Сам по себе, ЦО2 никогаш нема да предизвика затоплување поголемо од два степена Целзиусови до крајот на овој век. Само со помош на претпоставените ефекти на засилувачите, особено водената пареа, може да дојде до драстичните зголемувања на температурите кои ги пресметаа компјутерите. Јас велам дека глобалното затоплување ќе остане под два степена до крајот на веков. Ова е претежно политичка порака, но исто така е и добра вест.
SPIEGEL: Вие давате и конкретни изјави за тоа колку човековата активност придонесува кон климатските промени, а колку природните фактори. Зошто вашите прогнози не ги објавивте во некое стручно списание?
Варенхолт: Затоа што ова не е мое лично климатско истражување. Покрај тоа, јас во подрумот немам суперкомпјутер. Во најголемиот дел од книгата, јас и мојот коавтор, геологот Себастијан Лунинг, едноставно го сумаризираме она што научниците веќе го имаат објавено во разни научни списанија – исто како што прави и ИПЦЦ. Книгата исто така претставува и платформа за оние научници со добри аргументи кои се разликуваат од гледиштата на ИПЦЦ. Воспоставените климатски модели насекаде се покажаа како неуспешни, затоа што не можат когнитивно да го објаснат отсуството на затоплувањето. SPIEGEL: Вие тврдите дека застојот во затоплувањето е поврзан со сонцето. Зошто сте толку сигурни?
Варенхолт: Кажано со јазикот на климатологојата, ние гледаме циклично спуштање и качување во последните 7.000 години, долго пред човекот да започне да емитува ЦО2 во атмосферата. На секои 1.000 години доаѓа до фаза на затоплување, вклучувајќи ги и римскиот, средновековниот и тековниот период на затоплување. Сите овие топли периоди постојано коинцидираат со силна соларна активност. Згора на овие огромни флуктации во неговата активност, постојат уште и 210-годишен и 87-годишен природни циклуси на сонцето. Да се игнорира ова е голема грешка…
SPIEGEL: Но, соларните истражувачи се уште не можат да се согласат меѓу себе дали овие циклуси навистина постојат. Какво значење има ова за иднината?
Варенхолт: Во втората половина на 20-от век, сонцето беше поактивно од кога и да е во изминатите 2.000 години. Овој „голем соларен максимум“, како што го нарекуваат астрономите, придонесе кон глобалното затоплување барем колку и стакленичкиот гас ЦО2. Но, сонцето станува послабо од 2005 година наваму и ќе продолжи да слабее во наредните неколку децении. Последично, од сонцето во иднина можеме да очекуваме само ладење.
SPIEGEL: Не е спорно дека флуктуациите во соларната активност влијаат врз климата. Повеќето експерти претпоставуваат дека невообичаено долгиот соларен минимум, евидентиран преку многу малиот број на сончеви дамки во тој период, довел до „малото ледено доба“ во 1645 година. Во тоа време имало многу жестоки зими, при што реките целосно замрзнувале. Но, астрофизичарите се уште не знаат до која мера соларните флуктуации, всушност, влијаат врз температурите.
Варенхолт: Многумина научници претпоставуваат дека температурите се менуваат за повеќе од еден степен Целзиусов во тек на илјадагодишниот циклус, а за 0,7 степени Целзиусови во тек на помалите циклуси. Климатолозите би требало да вложат многу поголеми напори во изнаоѓањето начини попрецизно да ги утврдат ефектите на сонцето врз климата. За ИПЦЦ и политичарите врз кои преку него се влијае, ЦО2 е, практично, единствениот фактор. Битноста на сонцето за климата систематски се запоставува, додека битноста на ЦО2 систематски се презголемува. Како резултат на тоа, сите климатски предвидувања се базирани на погрешни основни факти.
SPIEGEL: Но, вие го правите токму тоа за што ги критикувате климатолозите – користите „тенка“ основа од податоци за да креирате егзактни предвидувања. Во вашата книга, вие го проценувате влијанието на сонцето врз климата се до 0,1 степен. Никој не може да го стори тоа.
Варенхолт: Јас не тврдам дека можам прецизно да утврдам дали сонцето е одговорно за 40, 50 или 60 проценти од глобалното затоплување. Но, нонсенс е тоа што ИПЦЦ тврди дека сонцето нема никаква врска со тоа.
SPIEGEL: Се на се, вие предвидувате глобално ладење од 0,2 до 0,3 степени Целсзиусови до 2035 година, Зошто толку ризично предвидување?
Варенхолт: Ако сакате да ревитализирате една заглавена дебата, мора да имате храброст да истапите со бројки. А ние овие бројки ги добивме од историјата на климатските истражување до денес.
SPIEGEL: Значи вашата убеденост дека не сме во право за глобалното затоплување е, всушност, само провокација?
Варенхолт: Не. Го мислам тоа многу сериозно и знам дека уште дузина соларни истражувачи се согласуваат со мене. Совршено сум свесен за плукањата кои ќе мора да ги слушам во блиска иднина. Климатските дебати поседуваат некои од замките на инквизицијата. Многу сум љубопитен да видам кое министерство за вистината сега ќе покрене спор против мене. Можеби тоа ќе биде Институтот за истражувања на влијанијата врз климата од Потсдам, на чие чело е Ханс Јоаким Шелнубер, советник на канцеларката.
SPIEGEL: Вие тврдите дека застојот во глобалното затоплување од 2000 година наваму во голем дел е предизвикан од истовремениот пад на соларните активности. Но, всушност, сонцето се однесуваше релативно нормално се до средината на векот, па дури потоа стана помирно. Како се вклопува ова заедно?
Варенхолт: Постојат два ефекта: падот на соларната активност, како и флуктуациите на струите на океаните, како што е 60-годишната осцилација на Тихиот океан, која беше во позитивната, затоплувачка фаза од 1977 до 2000 година, а оттогаш дојде до ладење како резултат на опаѓањето на оваа фаза. Нивниот придонес кон промените на температурите исто така – погрешно – му се препиша на ЦО2. Но, најбитно е тоа што последниот циклус на сончеви дамки беше послаб од претходниот. Затоа и магнетното поле на сонцето постојано слабее од 2000 година наваму. Како разултат на тоа, ова магнетно поле не не штити најдобро од космичките зрачења што, од своја страна, води до поголема формација на облаци и, оттаму, до ладење. Што уште треба да се случи пред ИПЦЦ воопшто да ги спомене овие соодноси во своите извештаи?
SPIEGEL: Она што пропуштате да го кажете е дека се уште не е докажано оти космичкото зрачење, од кое сонцето не штити со помала или поголема ефективност, навистина води до поголема формација на облаци кои ја ладат Земјата. Засега тоа е само хипотеза.
Варенхолт: Тоа е повеќе од хипотеза. „Облачниот експеримент“, предводен од физичарот Џаспер Киркбај, е во тек во Центарот за истражување на честичките ЦЕРН во близина на Женева уште од 2006 година. Првичните резултати од тестовите направени во комора во која е симулирана атмосферата на Земјата, покажаа дека космичките честички навистина водат до создавање на аеросолни честички, од кои се создадени облаците.
SPIEGEL: Но аеросолите претставени во „Облачниот експеримент“ се премногу мали. Тие треба да пораснат за да можат навистина да послужат како кондензациска основа за создавање на облаци. Дали ова се случува во природата се уште е отворено прашање. А вие го претставувате како факт.
Варенхолт: Во книгата ќе наидете на повеќе корелации помеѓу облачната покриеност и космичкото зрачење. Би сакал да знам зошто ИПЦЦ не го истражи темелно овој механизам. Претпоставувам дека одговорот на ова прашање ќе го загрози самиот темел на предвидувањата на ИПЦЦ.
SPIEGEL: Сепак, би требало да сте попретпазливи со прогнозите за идните соларни активности. Во 2009 година, американските научници предвидоа дека со години нема да има сончеви дамки. Всушност, тие се вратија во 2010 година. Вистината е дека во моментов сведочиме една сосема нормална соларна активност.
Варенхолт: Соларниот циклус е се друго, освен нормален. Научниците од НАСА предвидуваат дека овој циклус ќе биде најслабиот во последните 80 години. Не само што започна со задоцнување од две години, туку исто така е и многу слаб. А, покрај тоа, не можете само да ги броите сончевите дамки. Космичките честички продолжуваат да врнат врз нас затоа што магнетното поле на сонцето одвај не штити.
SPIEGEL: Вистина е дека ќе дојде до голем соларен минимум некаде во наредните 500 години. Но, никој не знае точно кога. Веројатноста тоа да се случи во наредните 40 години е помала од 10 проценти. Но, вие во вашата книга предвидувате: „Јасно е дека сонцето ќе биде одговорно за поладните периоди во првата половина на овој век“. Дали знаете повеќе од сите астрофизичари заедно?
Варенхолт: Веројатноста за голем соларен минимум, каков што се случи за време на Малото ледено доба, навистина е помала од 10 проценти. Но, ние се наоѓаме на почетокот на едно полесно намалување на сончевата активност, какви што се случуваат секои 87 и секои 210 години. Разговарав со многумина соларни физичари кои очекуваат ова да се случи.
SPIEGEL: Ние знаеме за многу други соларни физичари кои се сомневаат во тоа. Уште еден максимум е исто толку веројатен колку и минимумот. Предвидувањата за тоа што ќе стори сонцето во наредните децении се граничи со гатање.
Варенхолт: Знам само еден германски соларен научник кој изрази таков сомнеж. Разни американски и британски соларни истражувачки групи веруваат дека пред нас се слаби соларни циклуси. Јас ова сериозно го сфаќам и очекувам само заладување до 2050 година.
SPIEGEL: И што ќе сторите ако температурите, сепак, продолжат да растат?
Варенхолт: Тогаш во 2020 година ќе дадам интервју за SPIEGEL и јавно ќе признаам дека сум згрешил. Но убеден сум дека до тоа нема да дојде.
SPIEGEL: Дали сериозно верувате дека сите 2.000 научници собрани во ИПЦЦ се во заблуда или се држат до официјалната линија?
Варенхолт: Не е баш така. Јас сум критичен кон улогата која ја одиграа една шака водечки автори кои ја направија конечната верзија на извештајот. Тие тврдат дека користеле 18.000 публикации оценети од луѓе на нивен ранг. Но, 5.000 од тие публикации се таканаречена „сива“ литература, што не е извор оценет од професионалци од нивен ранг. Оваа грешка излегува во конечната верзија, исто како и апсурдното тврдење дека за 30 години на Хималаите повеќе нема да има глечери. Таквите претерувања не ме изненадуваат. Од 34-те, наводно, независни членови на ИПЦЦ кои ја напишаа синтетизираната верзија за политичарите, речиси една третина се поврзани со еколошки организации како што се Greenpeace или WWF. Чудно, нели?
SPIEGEL: Зошто се нафативте на улогата на климатски бунтовник со таква страст? Од каде доаѓа тој бес?
Варенхолт: Со години детално ја разгледував хипотезата на ИПЦЦ и се чувствувам измамен. Обновливата енергија ми е драга и блиска и се борам за нејзина поголема примена повеќе од 30 години. Мојата загриженост доаѓа од тоа дека ако граѓаните откријат оти луѓето кои ги предупредувале за климатската катастрофа кажувале само половина од вистината, тие повеќе нема да сакаат да плаќаат поголеми сметки за струја за енергијата добиена од сонцето и од ветерот. Тогаш конверзијата на нашето снабдување со енергија нема да ја има потребната поддршка.
SPIEGEL: Ако извадиме логички заклучок од вашата книга, тогаш воопшто не треба да се трудиме да ги намалиме емисиите на ЦО2.
Варенхолт: Не. Дури и покачување на температурата од само еден степен ќе предизвика значителни промени. Јас велам дека климатските промени можат да се менаџираат затоа што ефектите на ладење предизвикани од сонцето и од океанските струи ни даваат доволно време да се подготвиме. Во секој случај, нам во Германија ќе ни биде лесно да се прилагодиме.
SPIEGEL: Значи, грешка е да се концентрираме само на намалувањето на емисиите на ЦО2?
Варенхолт: Да. Згора на јаглерод двооксидот, ние во загадувањето имаме и црн прав, на пример. Тој предизвикува 55 проценти од затоплувачкиот ефект на ЦО2, но може да се исфилтрира со многу мал напор и за неколку години, особено во земјите во раст. А ако го сториме тоа ќе имаме огромна придобивка за здравјето на луѓето.
SPIEGEL: Ќе напредуваше ли толку бргу развојот на енергијата од ветерници да не постоеше загриженоста од климатските промени?
Варенхолт: Таа беше движечка сила. Но, единствено вештината на инжењерите ја доведе енергијата од ветерниците на профитабилно ниво. Повторувам, сакам да продолжиме да ја истакнуваме обновливата енергија, која мора да ја направиме конкурентна. Само, сметам дека треба да продолжиме почувствително: ветерниците и биомасата се во ред во Германија, но никако соларни панели, ве молам! Ним им е местото во Африка и во Јужна Европа. Лудост е 50 проценти од светската количина на соларни панели да инсталирате во „Соларната земја Германија“ поради страв од климатска катастрофа и згора за тоа да трошите по осум милијарди евра годишно!
SPIEGEL: Но, нели си пукате самите в нога кога велите дека климатските промени не се навистина толку лоши? Како намеравате да продолжите да ја оправдувате трговијата со емисии на ЦО2, ако сметате дека стакленичките гасови се нерелевантни?
Варенхолт: Она што јас го велам е дека ЦО2 е климатски гас, но неговиот ефект е само половина од она што го тврди ИПЦЦ. И покрај тоа, ние мораме да ги намалиме глобалните емисии на ЦО2 преку трговијата со емисии. А постојат и други причини да се намали согорувањето на фосилни горива. Во светот повеќе нема останато толку многу јаглен, нафта и гас и затоа мораме повеќе да економизираме. Исто така, мораме да ја намалиме зависноста од увоз од тоталитарните држави.
SPIEGEL: Истражувањата покажуваат дека се намалува стравот од климатска катастрофа. Зарем не придонесувате и вие кон тоа?
Варенхолт: Поттикнувачите на стравот се уште ја обликуваат политичката дебата. Според германскиот Советодавен совет за глобалните промени, еколошки настроените земји мора да наметнат намалена потрошувачка во име на заштита на климата. Ова не води кон еколошка диктатура. А и поттикнувањето на страв тукушто започнува вистински да влијае. Кога неодамна бев во еден ресторан, наслушнав една жена на соседната маса како им вели на своите деца дека е грешно да се јаде аргентински стек – заради климата! Тогаш се запрашав: Како ли успеавме да дојдеме до ова дереџе? /крај/spiegelonline/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: ЕУ е подготвена да воведе построги санкции кон Русија доколку нема напредок во преговорите

Европската унија е подготвена да воведе построги санкции против Русија доколку оваа недела не се постигне напредок во преговорите за прекин на војната во Украина, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц, наведувајќи дека веќе е подготвен нов пакет санкции.
Мерц на прес-конференција по разговорите со својот грчки колега Киријакос Мицотакис во Берлин изјави дека Брисел чека рускиот претседател Владимир Путин да се вклучи во преговорите и дека санкциите ќе бидат заострени доколку нема вистински напредок во преговорите оваа недела, објави Ројтерс.
Германскиот канцелар изјави дека ЕУ ќе разгледа и воведување нови санкции против Русија во областа на енергетиката и финансискиот пазар. Мерк оцени дека би било неразумно доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласи на нови компромиси во врска со преговорите и изјави дека се согласува Зеленски да се сретне со руските претставници во четврток.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека подготовките на Русија за преговорите со Украина во Истанбул продолжуваат. Песков истакна дека Кремљ не планира да дава други коментари за планираната руско-украинска средба во Истанбул, објави Тасс.
Путин предложи продолжување на директните преговори со Украина без предуслови, кои беа прекинати во 2022 година, и дијалогот да започне на 15 мај во Истанбул.
Зеленски се согласи на разговорите во Турција на 15 мај, но од самиот почеток рече дека сака лична средба со Путин. Русија сè уште не објавила на кое ниво ќе учествува, пренесува Танјуг
Свет
Калас: Русија не е навистина заинтересирана за воспоставување мир во Украина

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека не мисли оти Русија е навистина заинтересирана за воспоставување мир во Украина.
„Не мислам дека тие се заинтересирани за мир. Тие сè уште ја бомбардираат Украина. Ако беа заинтересирани за мир, можеа веднаш да престанат“, изјави Калас пред новинарите во Копенхаген, пренесува Ројтерс. Според неа, Русија очигледно игра игри, обидувајќи се да купи време.
Рускиот претседател Владимир Путин во неделата предложи директни мировни преговори меѓу Москва и Киев.
Помошникот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинскиот лидер ќе присуствува на разговорите за Украина оваа недела само ако таму биде и Путин, предизвикувајќи го Кремљ да покаже дека е искрен во намерата да постигне мир, пренесува Танјуг.
Свет
Хаос на аеродром во Белгија: дојава за бомба во авион

Летовите од вториот најголем аеродром во Белгија се прекинати поради дојава за бомба во авионот на „Рајанер“. Според последните информации, авионот полетал од Порто, пренесуваат медиумите во регионот.
Како што изјави компанијата што управува со аеродромот, малку пред 11 часот по локално време во авионот што слета на аеродромот „Шарлроа“ беше активирана закана за бомба, соопшти компанијата што управува со аеродромот.
„Околу авионот е воспоставен безбедносен периметар, што бара затворање на пистата и прекин на сите операции“, рекоа тие.
Патниците сè уште не се евакуирани, објави локалната РТЛ, без да прецизира дали станува збор за патниците во авионотили за патниците на аеродромот.