Македонија
Стојанче Ангелов повторно пред дисциплинска комисија

Претседателот на здружението на бранителите „Достоинство“, Стојанче Ангелов, е пред дисциплинска комисија бидејќи одржувал прес – конференции додека бил на боледување.
„На 3. и 12. ноември полицискиот службеник, Стојанче Ангелов заедно со членови на здружението „Достоинство“ одржал прес-конференција на која ги застапувал интересите на членовите на здружението. Со тоа што иако официјално бил на боледување , одржувал прес-конференции полицискиот службеник ја прекршил работната дисциплина, злоупотребувајќи го боледувањето“ се велело во актот кој му го доставиле, на којшто имало ознака строго доверливо, што за Ангелов е направено со цел да се скрие од новинарите за каква банална работа е пред дисциплинска комисија.
„Во последните неколку години како претседател на „Достоинство“ сум одржал најмалку 20 прес конференции, додека сум бил на боледување и сум учествувал во речиси сите телевизиски емисии. Никој досега не ми укажал дека со одржувањето на прес – конференции додека сум на боледување ја кршам работната дисциплина и го злоупотребувам боледувањето. Не знам зошто сега е ова направено“ изјави Ангелов.
Според него, ова е направено за да го спречат да одржува прес – конференции додека е на боледување.
„Нема да успеат во тоа, следниот пат кога моето здравје нема да биде добро, кога мојот доктор ќе процени дека не треба да одам на работа јас повторно ќе земам боледување и ако додека сум на боледување се појави потреба повторно да ги штитам интересите на здружението јас повторно ќе направам прес – конференција“ рече Ангелов.
Тој наведе дека за овие две години досега четирипати бил сослушуван од инспектори на секторот за внатрешна контрола, за само една година двапати против него била покрената дисциплинска постапка, го казниле со намалување на платата за 15 проценти во период од 6 месеци и бил осуден на шест месеци условно.
Откако беше поставен за редар во автобус, последен пат бил пратен во пешачка патрола во Козле. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пијан Турчин приведен во Охрид, со нож влегол во угостителски објект

Охрдиската полиција приведе пијан Турчин. Викал и непристојно се однесувал на улица, а потоа влегол во угостителски објект каде што полицијата забележала дека носи нож.
„На 27.06.2025 година во 07.50 часот, во угостителски објект лоциран на булеварот „Македонски просветители“ во Охрид, приведен е Г.А.(32) од Фалса, Република Турција. Тој претходно, во алкохолизирана состојба, го нарушил јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување а потоа влегол во угостителскиот објект каде, при извршен преглед, полициските службеници, кај него забележаа и му одзедоа нож“, извети МВР.
Против него се поднесени пријави по Законот за оружје и Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Македонија
Муцунски: Одлуките донесени во Хаг без водството на Трамп и САД, немаше да бидат можни

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на маргините на НАТО Самитот во Хаг, имаше интервју со етаблираниот американски тинк-тенк „Атлантик кансл“, соопштинија од Министерството. Во интервјуто говори за одлуките од Самитот, улогата на САД и претседателот Доналд Трамп во глобалната безбедност, како и за придонесот на Република Северна Македонија во Алијансата и одржувањето на регионалната и светската стабилност.
На прашањето околу НАТО Самитот, Муцунски кажа дека одлуките донесени во Хаг се „многу повеќе од успех“:
„Јас лично го нарекувам генерациски самит. Мислам дека одлуките што ги донесовме ќе имаат позитивни историски последици за идните генерации. Мислам дека беше клучно да се донесе одлука, особено за идните инвестиции потребни за членките и Алијансата“, рече Муцунски.
Тој посебно ја нагласи и важната улога на САД во донесувањето на овие одлуки.
„Сакам да нагласам дека без водството на администрацијата на Трамп и САД, никогаш не би ги донеле овие тешки одлуки. Значи, заслугата треба да оди таму каде што припаѓа. Но и одлично водство меѓу сојузниците, отвореност за дискусија и дебата, и фокус на тоа дека вложувањето во одбрана не е само за тврда одбрана, туку и за инвестиции во индустриската база, инфраструктурата, сајбер-отпорноста и слично. Затоа, повторно би го нарекол генерациски самит. Минатите беа историски, но одлуките овде се многу повеќе од историја. Станува збор за нашата иднина. Генерациски самит. Тоа е навистина моќно“, рече министерот Муцунски.
Заборуваше и за нашиот придонес како една од поновите земји членки на НАТО.
„Ние сме нација која сериозно го сфаќа членството во НАТО. И веќе планираме како да го достигнеме прагот од 5%. Покрај инвестирањето во армијата, за НАТО мисиите сме присутни од Балканот до Балтикот, со нашите храбри војници кои ја претставуваат нашата горда нација и придонесуваат за колективната безбедност. Американците треба да знаат дека македонските сојузници се со нив. Рамо до рамо – од Балканот до Балтикот. Тоа е добар начин да се каже“, рече министерот Муцунски.
„Атлантик кансл“ е американски тинк-тенк во областа на меѓународните односи, кој застапува атлантистички пристап и е основан во 1961 година. Управува со шеснаесет регионални центри и програмски единици кои се фокусираат на меѓународната безбедност и глобалниот економски просперитет.
Македонија
ДУИ укажува на дискриминација во МВР: Полицајци Албанци со 20 години искуство не уживаат право на унапредување

Демократската Унија за Интеграција изрази загриженост за јавните изјави на Независниот полициски синдикат, кои, според партијата, потврдуваат една горчлива реалност: систематската дискриминација на албанските полицајци и неможноста за нивен напредок во полициската хиерархија.
„Според претставници на Синдикатот, и покрај тоа што многу албански службеници имаат над 20 години работно искуство и ги исполнуваат сите професионални услови, тие не уживаат право на унапредување. Во населените места со албанско мнозинство, раководното претставување е изедначено со македонското, додека во средини каде што Албанците се малцинство, речиси и не постојат во раководните структури. Ова е јасен пример за прекршување на принципот на правична и соодветна застапеност и дополнителен доказ дека оваа влада дејствува на етничка основа, спротивно на Уставот, Охридскиот договор и европските стандарди за еднаквост и инклузивност.
ДУИ оценува дека оваа постојана дискриминација не само што го поткопува моралот и мотивацијата на албанскиот кадар во полицијата, туку сериозно ја нарушува и довербата на албанските граѓани во државните институции“, соопшти ДУИ.
Партијата упати апел на сите надлежни институции итно да ги истражат овие дискриминаторски практики и да преземат конкретни мерки за обезбедување еднаквост во унапредувањата, вработувањата и одлучувањето во рамките на Министерството за внатрешни работи и пошироко.