Македонија
Јанкулоска не ги коментира судските пресуди

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска не ги коментира судските пресуди за предметите против организираниот криминал кои паднаа на апелација
„Јас не би ги коментирала судските одлуки бидејќи тоа е неупатно да го прави министер за внатрешни работи. Ние и понатаму интензивно ќе работиме во соработка со обвинителството на подготвување на случаите и обезбедување на документација врз основа на која судовите ќе може да донесат објективна одлука. Кога станува збор за комплексни случаи неретко се работи за материјали од стотици и стотици страници доказен материјал и во изолиран број на случаи, јас би рекла многу мал, имаше одлуки на судовите каде што заради процедурални пропусти предметите беа вратени на повторно судење. Меѓутоа мислам дека е најдобро да го почекаме финалниот исход од овие предмети, а потоа би можеле да дадеме сопствено мислење дали сме или не сме задоволни од пресудите. Сепак најдобро е да се почека правосилноста на пресудите или нивната конечност за да може да се даде квалификација“ изјави Јанкулоска. Таа истакна дека министерството за внатрешни работи продолжува со борбата против организираниот криминал. Денеска во касарната „Ѓорче Петров“ беше пуштен во употреба реконструиран објект за потребите на Одделот за борба против трговија со дрога. За реконструкцијата на овој објект американската амбасада донираше скоро 400.000 американски долари. „Со пуштањето во употреба на оваа зграда ја продолжуваме нашата заедничка борба против трговијата со дрога и ги зголемуваме вашите способности за апсење на шверцерите на дрога. Тоа ќе ги направи нашите улици и нашите деца побезбедни“ изјави американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер. На пуштањето во употреба на објектот, беа присутни и скопскиот Јавен обвинител, Марко Зврлевски и Јован Илиески јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата. И покрај инсистирањето на новинарите Илиески да одговори зошто паѓаат обвиненијата за организиран криминал, тој не се појави да даде изјава. Во последнава година паднаа повеќе пресуди за организиран криминал. На апелација падна случајот „Изгрев“, „Змиско око“ како и пресудите за Владо Бучковски и Васил Тупурковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Најновите економски податоци се алармантни, денеска ќе ги објавам за граѓаните да ја знаат вистината

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во објава на социјалните мрежи најави дека на прес-конференција во 12 часот ќе ги објави најновите економски индикатори кои, како што вели, не се само загрижувачки, туку навистина алармантни.
„Денес ги добив најновите економски индикатори – и тие не се само загрижувачки, туку навистина алармантни. На денешната прес-конференција во 12:00 часот ќе ги објавам, граѓаните да ја знаат вистинската состојба со економијата. Бројките се фрапантни и јасно укажуваат на сериозни ризици за буџетот и економската стабилност на државата“, стои во објавата на претседателот Филипче.
Македонија
Салиу: Промена во Шуто Оризари мора да има

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Шабан Салиу, во предизборно видео обраќање повикува за промена и за враќање на локалната власт во Шуто Оризари кон реални резултати и отчетност.
„Осум години слушаме едно исто: големи зборови, мали дела“, порачува Салиу.
Осврнувајќи се на политичката недоследност на актуелното раководство, тој додава дека „Курто Дудуш денес не знае ни од која партија е. Те СДСМ, те ЛДП, те ДОМ, те ДУИ и која уште не.“
Во видео пораката, Салиу нагласува дека промена во Шуто Оризари мора да има, промена за подобра инфраструктура и урбан развој.
„Промена за подобро образование, култура и идентитет. Промена за подобро здравје и социјална заштита. Промена за подобра локална економија и нови работни места. Промена за зелено и транспарентно Шуто Оризари“, додава Салиу.
Салиу нагласи дека неговата кампања е заснована на мерливи цели и институционална одговорност.
„Нашата понуда е едноставна — работа што се гледа и отчетност што се чувствува. Општината мора да стане сервис на граѓаните, а не приватна сцена на поединци“, порачува Салиу.
Завршувајќи ја видео пораката со повик за граѓанска мобилизација на изборниот ден, Салиу апелира: „На 19-ти октомври заокружете го бројот 24 – НЕ ВЕТУВАМЕ, ОСТВАРУВАМЕ.“
Македонија
Венецијанската комисија преглага јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието

Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права на Советот на Европа препорачуваат јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието, а Уставот да се измени за да се ограничи неговиот реизбор.
Во мислењето се нагласува потребата при изборот да се вреднуваат и менаџерските и организациските способности.
Комисијата препорачува и поголема транспарентност при изборот на членовите на Советот на јавни обвинители, суспендирање на функцијата на обвинителите додека се членови на Советот, како и дополнителни заштитни мерки за автономијата на обвинителството.
Актуелните членови, според предлогот, би ја завршиле својата функција до истекот на мандатот.