Македонија
Да му помогнеме на Емил да живее
Малиот Емил Новески од Кавадарци кој боледува од леукемија бара помош од сите хумани луѓе да му помогнат за да ја надмине болеста
Единаесетодишниот Емил и неговите родители ги замолија сите добри луѓе да им помогнат за Емил да преживее и велат дека помошта е бесценета само ако е добиена навреме, а времето е кратко.Само неколку часа пред на единаесетгодишниот Емил Новески од Кавадарци да му се влоши состојбата и пред да биде приклучен на апарат за дишење, тој и неговите родители побарале преку дневниот весник „Вест” да ги замолат сите добри луѓе да му помогнат на ова момче.Потресната приказна на единаесетгодишното момче започнала во мај оваа година, кога поради висока температура било испратено на клиника, каде што се открило дека боледува од леукемија. Веста за болеста родителите ја примиле во шок, но по четирите макотрпни хемотерапии во октомври лекарите ги израдувале дека болеста целосно се повлекла. Радоста кратко траела. На редовната контрола во средината на ноември, со ужас било констатирано дека леукемијата повторно се вратила, и тоа во многу посилна форма. Сега единствена опција за спас на животот на Емил е трансплантацијата на коскена срцевина во најбрз можен рок на некоја од клиниките во Европа. Првичната сума за лекување би изнесувала над 100.000 евра, родителите се во паника.Емил има и своја група на facebook „За помош на Емил Новески“, каде што во еден од своите коментари вели „Јас сум силен, а вие ќе ми помогнете да бидам уште повеќе“.Неговите родители се вознемирени затоа што немаат доволно пари за лекувањето на Емил. Емил со своите единаесет години се бори и со болеста и се грижи за проблемите со кои се борат неговите родители.„Добрите луѓе многу и помогнаа на малата Мартина Димитрова којашто исто така е болна од леукемија и заедно со мене лежи во болницата во Скопје, па се понадевав дека ќе има луѓе кои ќе сакаат и мене да ме спасат. Знам дека од оваа болест се умира, затоа помогнете ми да живеам, вечно ќе сум благодарен“ -се потресните зборови што малиот Емил кои ги кажа за медиумите, а тоа како што вели е единствениот начин да стигнат до јавноста.Сега животот на емил е во рацете на Бог и на хуманите луѓе.Сите оние кои што сакаат да му помогнат на Емил можат да донираат парични средства на жиро сметката на Стопанска Банка200-002-018-470-082, за Емил Новески.
-Да и подадеме рака на Мартина!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

