Свет
Смиленски ќе се соочи и со гневот на стечајците
Денеска или најдоцна во понеделник Методиј Смиленски треба да се појави пред
истражен судија за да даде исказ за кривичните дела за кои се товари, а веќе од
следната недела во Свети Николе ќе му се суди за злоупотребите во фабриките
„Снитекс“ и „Картонтекс“.
ОСВЕН СО ПРАВДАТА ЗА ИЗВРШЕНИТЕ ПРОНЕВЕРИ
Емил Зафировски
Денеска или најдоцна во понеделник Методиј Смиленски треба да се појави пред
истражен судија за да даде исказ за кривичните дела за кои се товари, а веќе од
следната недела во Свети Николе ќе му се суди за злоупотребите во фабриките
„Снитекс“ и „Картонтекс“. Јаким Наумов, неговиот адвокат, вчера потврди дека
Смиленски ќе даде изјава пред истражните органи.
– Денеска е ден за посета и јас ќе се видам со него за да се договориме како ќе
се браниме. Решението од екстрадицијата треба секој миг да го добијам.
Смиленски ќе треба да се соочи со обвиненија за злоупотреба службени
овластувања и фалсификување документи при приватизациите на „Снитекс“ и
„Картонтекс“, како и со обвинението за наводни злоупотреби извршени преку
Бирото за стоковни резерви – изјави вчера Наумов.
Освен со правдата пред судот, Смиленски за една недела ќе се соочи и со гневот
на светиниколци, во градот каде што почна да ја гради криминалната империја
кога со матни приватизации уништи илјадници семејства. Според светиниколци,
Смиленски е „најомразената личност што некогаш чекорела во нивниот град“.
– Тој е најголемиот крвопиец што безмилосно уништи стотици и стотици семејства
доведувајќи ги до работ на пропаста. Крлеж што буквално преку ноќ ја исцица
крвта на луѓето со незаконските преземања на фабриките. Нему не треба да му се
суди, тој треба веднаш да биде обесен и тоа на првата бандера – велат
светиниколци.
Тие велат дека и по две години не можат да ја тргнат од пред очи трагедијата
што му се случи на Страшо Василев, 55-годишен стечаец, кој почина од срцев удар
пред телевизиските камери додека заедно со останатите стечајци си ги бараше
заостанатите плати и неплатениот стаж. „Снитекс“, „Картонтекс“, „Бекон“,
„Зелукс“, „Конагри“, Макоимпекс“, земјоделски комбинат „Мустафино“, краварска
фарма, светиниколска фабрика за сточна храна „Сточарство“, „Македонка џинс“,
десетина конфекциски погони, фирми во Беровско и огромни земјоделски површини
се пустошот од приватизациите што ги спроведе Смиленски.
Вкупната бројка на отпуштените работници во фирмите каде што влегол Смиленски е
5.900 лица.
Фабриката „Снитекс“, некогаш беше една од најголемите фабрики за текстил.
Влегувајќи во „Снитекс“ првото што го направи Смиленски беше ставањето на
имотот на фабриката под хипотека, а парите од добиениот кредит наместо во
„Снитекс“ беа распоредени на сметките на останатите фирми на Смиленски. Иста
судбина доживеаја речиси сите фирми кои беа приватизирани од него.
Случајот со Бирото за стоковни резерви каде беа проневерени 5 милиони долари и
случајот со проневерата на 30 милиони долари од државните резерви на НБМ преку
Експорт – импорт, банката на Смиленски, ќе се судат во скопскиот Основен суд.
Ванчо Пеловски, поранешниот директор на Бирото, веќе изјави дека Бирото никогаш
не зело кредит од Експорт – импорт и обвини дека 5 милиони долари од НБМ биле
проневерени со фалсификувани документи за наводен кредит. Тој обвини дека
фалсификатот бил направен по налог на поранешниот гувернер на НБМ, Љубе Трпески
и на Смиленски. Според Пеловски, со тие пари се покриле претходни кредити што
НБМ и ги одобрувала на Експорт-импорт банката.
– Тие пари никогаш не се излезени од НБМ. Со лажни документи се префрлени во
Експорт – импорт банката за наводен кредит за Бирото, за потоа банката веднаш
да ги врати во НБМ. Тоа е направено за да можат да се покријат кредити што НБМ
и ги одобрувала на банката на Смиленски без одлука и одобрение на Владата –
вели Пеловски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

