Македонија
Препораки за здрав начин на живот во првиот Водич за исхрана на населението
Препораки за исхрана и промоција на здравиот начин на живот се содржани во првиот Водич за исхрана на населението во Македонија.
Министерот за здравство, Никола Тодоров, во четврток ја презентираше Нацрт верзијата на првиот Водич за исхрана на населението, во кој се наведени основните и најважни препораки за исхрана, а неговата цел е промоција на подобро здравје и предупредување на ризиците од консумирање на одредена храна.
Водичот е објавен и на веб страницата на Министерството за здравство како драфт документ за јавна расправа, со можност да се менува и дополнува, а се очекува за десетина дена да биде објавен финалниот документ.
Министерот Тодоров изјави дека при изготвување на Водичот се користени искуствата на Германија, Холандија, САД и Франција и во него се содржани препораки базирани на докази за промоција на навики за здрава исхрана и физичка активност.
„Препораките се наменети за здрави лица на возраст над две години. Нашата популација се соочува со зголемени здравствени ризици соодветни за најголем број земји со таканаречен ‘западен стил’ на живот, каде што главно ризиците се поврзани со хроничните незаразни болести. Насоките од Водичот меѓутоа се корисни и за луѓето со зголемен ризик од хронични болести”, рече Тодоров.
Тој додаде дека несоодветната исхрана и слабата физичка активност се главни фактори за дебелеењето кај населението. Бројките во Македонија, додаде, покажуваат дека 60.6 проценти од мажите и 47.8 проценти од жените над 20-годишна возраст имаат зголемена телесна тежина. Исто така, една третина од децата на возраст од 6 до 7 години се со зголемена телесна тежина.
Освен тоа, истакна Тодоров, лошата исхрана и физичката неактивност, се поврзани со разни сериозни болести како што се кардиоваскуларните болести, хипертензијата, дијабет тип 2, остеопорозата и некои видови рак.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

