Македонија
Нимиц: Се надевам дека наредните месеци ќе видиме решение на проблемот со името
Се уште верувам, иако знам дека поминаа многу години, дека ако се направи обид на лидерствата и во Скопје и во Атина и ако се покаже добра волја од обете страни може да се дојде до решение за името.
Мојата намера е да продолжам да работам на оваа прашање, и со помошта на обете страни се надевам дека за наредните неколку месеци, ќе видиме решение на овој проблем.
Ова го истакнува посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц во интервју за Гласот на народот на ТВ Сонце.
Прашан за случувањата во последниот период и дали грчкиот предлог меморандум значат загревање на односите меѓу двете страни и дека има поволна политичкка клима, Нимиц вели дека во оваа фаза не е најдобро да дава конкретни оценки туку ќе сочека да види како ќе се развиваат работите.
„Како што знаеме сегашната грчка Влада приложи меморандум што е значаен чекор. Знам дека Владата во Скопје го разгледува ова сериозно и мислам дека треба да ги оставиме двете страни внимателно да го анализираат развојот на настаните и да видиме како ќе продолжат од сега понатаму. За мене е најмудро во оваа фаза да не говорам ништо повеќе во врска со тоа. Јас немам намера да навлегувам во тоа, се што сакам да кажам е дека кога една влада предлага нешто треба да се почека на одговорот од другата страна и да се види дали тоа е начин со кој што може да се направи прогрес“, изјави посредникот на ОН.
За тоа дали може да се дојде до решение без да се посегне по македонскиот идентитет, Нимиц истакнува дека секогаш верувал оти постои решение што се поистоветува со достоинството и идентитетот на народот и кога не би верувал во тоа, тогаш не би се ангажирал како медијатор.
„Целта е да се најде решение што ќе ги задоволи аспирациите на вашиот народ, достоинствено решение со кое што се зачувува идентитетот додека во истовреме, ја задоволува и другата страна во смисла на нивните барања. Ние, веќе подолго време бараме решение, кое се уште не е најдено. Јас сум вклучен во ова веќе подолго време преку Владата на САД и преку ОН, и би бил неискрен ако не кажам дека може да се изнајде решение, што би значело дека обете страни ќе бидат конечно задоволни. Морам да ја пофалам вашата посветеност да ја разберете другата страна и да постигнете нешто што е прифатливо за вашиот народ“, вели Нимиц.
На забелешката дека не се почитува и спроведува пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, правно тело на ООН, кои и него го наименува како посредник во спорот за името, Нимиц одговара:
„Секоја одлука на Судот посебно на Меѓународниот суд на правда треба да биде земена сериозно. И затоа јас не ја исклучувам. Процесот на медијаторство меѓу двете страни според резолуциите на ООН, и според привремената спогодба е билатерален разговор со кој се бара политичко решение. И се разбира дека треба да се обрне внимание на одлуката на судот. Но, ние сепак треба да најдеме решение што е потребно за двете страни ако сакаме да го решиме овој проблем, во оваа форма во која се обидуваме да го решиме”./крај/гн/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

