Македонија
Борба против семејното насилство

Медиумската кампања за борба против семејното насилство, во која се вклучени врвни македонски спортисти започнува денеска во Скопје.
Медиумската кампања за борба против семејното насилство, во која се вклучени врвни македонски спортисти започнува денеска во Скопје.Кампањата е дел од тригодишната програма на агенциите на Обединетите нации (УНДП, УНИЦЕФ, СЗО, УНФПА и УНИФЕМ) и Министерството за труд и социјална политика, насловена „Зајакнување на националните капацитети за превенција на семејно насилство 2008-2011″.Целта на програмата е да ги поддржи напорите на Владата и на граѓанското општество за подобрување на националниот систем на превенција на семејното насилство, но и обезбедување соодветни услуги за поддршка и заштита на жртвите.Во тој процес неопходно е да се подигне општата јавна свест за исклучително негативните последици врз здравјето, развојот и целокупната психо-физичка состојба на членовите на семејството во кое се применува насилство, и кое како основна клетка на општеството имплицира поткопување на социјалното ткиво во целина, генерирајќи подалекусежни и посериозни последици. Целта на оваа широка едукативна кампања, во која без никаков надомест и со голем ентузијазам се вклучија врвните македонски спортисти Кирил Лазаров, Артим Шаќири и Примислав Димовски, е да им се обрати пред сé на припадниците на машката популација кои посегнале по насилство во домот; да се обиде да придонесе кон промена или модификација на нивните убедувања и делувања, како и на општествено прифатените стереотипи, се наведува во соопштението./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Карајанова Димитрушева: Град Скопје мора да биде гарант дека лицата со попреченост нема да бидат оставени сами пред бирократијата

Носителката на листата за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина, Ана Карајанова Димитрушева, најавува конкретни мерки за пристапни здравствени услуги и системска поддршка за лица со хронични состојби во главниот град.
„Како личност која долго се бори со хронична болест, знам дека вистинската грижа значи достапни услуги, предвидливи процедури и пристап до помош кога е потребна. Ќе инсистирам на воспоставување брзи канали за пристап до специјалисти и мобилни тимови за поддршка“, истакнува Карајанова Димитрушева.
Таа најавува и проактивна улога на градот во превенцијата и рехабилитацијата.
„Град Скопје ќе финансира редовни превентивни прегледи, психосоцијална поддршка и програми за рехабилитација. Градот мора да биде гарант дека пациентите нема да бидат оставени сами пред бирократијата“, порачува Карајанова Димитрушева.
Карајанова Димитрушева додава дека не станува збор за милост, тука за основно човеково право.
„За достоинство. Ќе создадеме мрежа за поддршка што ја разбира реалноста на животот со хронични состојби“, порачува Карајанова Димитрушева, притоа упатувајќи повик до граѓаните ако сакаат грижата да стане дел од локалната политика да го заокружат бројот 8 на гласачкото ливче.
Македонија
Андоновски: Македонија добива современ и сеопфатен план за дигитален развој

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што, како што кажа, Македонија, по осум години, конечно добива современ и сеопфатен план за дигитален развој.
„Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија и потреби“, истакна министерот Андоновски.
„СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година: дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти, безбедна и поврзана инфраструктура, дигитализирани јавни услуги и дигитално интегрирани бизниси.
„Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми, и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа, стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации“, рече министерот Андоновски.
Додаде дека оваа стратегија е резултат на широк и инклузивен процес. Се одржаа десетици јавни расправи и online консултации. Во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.
„Секоја препорака, секоја мерка и секој приоритет произлегува од заеднички консензус – како да изградиме дигитална Македонија што ги обединува сите општествени сектори“, рече Андоновски.
Македонија
ЕУ ја одобри втората транша средства за Македонија во рамките на инструментот за реформи и раст за Западен Балкан

Со Одлука за спроведување на Европската комисија, Европската Унија го одобри второто ослободување на средства за Република Северна Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, соопшти Министерството за европски прашања.
Со оваа одлука, како што е појаснето, се одобрува вкупен нето износ од 16 милиони евра, како комбинирана поддршка: дел неповратни средства и дел заем.
Од овој износ, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за финансирање на инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Вкупниот износ е утврден по одземањето на средствата кои се користат за порамнување на претфинасирањето, односно на авансно исплатените средства во рамките на инструментот.
Одлуката, се истакнува во информацијата,која претставува признание за реформите што Владата ги спроведе во насока на усогласување со стандардите на Унијата, следува по позитивната оценка на Европската комисија за барањето доставено од министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како национален координатор за Инструментот за реформи и раст.
Комисијата утврди дека Северна Македонија ги исполнува предусловите и општите услови за ослободување на средствата, кои се однесуваат на демократското владеење, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии.
Со оценката на Европската комисија се опфатени чекорите од Реформската агенда 2024-2027 со рок на реализација до јуни 2025 година.
Од вкупно 16 чекори, Република Северна Македонија пријави како исполнети девет, врз основа на процената направени од надлежните институции. Европската комисија, во рамките на сопствената техничка проценка, оцени дека четири од овие чекори се задоволително исполнети: три од областа на дигитализацијата и еден во делот на деловната средина кој се однесува на инспекциските надзори.
Реализираните активности се однесуваат на усвојување на нов закон за безбедност на мрежи и информациски системи, усогласен со европската Директива за сајбер-безбедност (NIS2), на нов закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се воведува европскиот дигитален идентитет, како и на закон за архивски материјал со кој се воспоставува рамка за електронско архивирање во јавната администрација. Дополнително, Комисијата потврди значителен напредок во борбата против неформалната економија преку зголемен број инспекции од страна на трудовата и пазарната инспекција.
За чекорите кои не се целосно реализирани, Европската комисија утврди продолжен рок (грејс период) за нивна имплементација до јуни 2026 година.