Македонија
Кисела Вода доби нова спортска сала

Нова спортска сала „Архиепископ Доситеј“ е пуштена во употреба во среда во Основното училиште „Круме Кепески“ во скопската општина Кисела Вода.
Нова спортска сала „Архиепископ Доситеј“ е пуштена во употреба во среда во Основното училиште „Круме Кепески“ во скопската општина Кисела Вода. Салата е со капацитет од 500 седишта и е опремена со најсовремена спортска опрема, со што се овозможуваат натпревари во повеќе спортови, како мал фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг и гимнастика. „Ќе продолжиме со изградба на вакви спортски објекти зошто сме задолжени од спортското минато на оваа општина…Наша цел е да направиме вистинска преродба во спортот за да добиеме спортисти за кои со гордост ќе можеме да кажеме дека се од Македонија“, рече на отворањето на салата премиерот Никола Груевски. Директорот на Агенцијата за млади и спорт Драган Ѓурчевски истакна дека со градењето на вакви објекти се создава здрава младина. Салата „Архиепископ Доситеј“ е прва сала во Кисела Вода, а шеста во Скопје, од планираните 35 сали низ целата земја. На отворањето присуствуваа и градоначалникот на Кисела Вода Марјан Ѓорчев, поглаварот на МПЦ-Охридска архиепископија г.г. Стефан, потпретседателот на републичкото Собрание Светлана Јакимовска, како и повеќе граѓани и ученици. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.
Македонија
Голема акција на Финансиската полиција: уапсени седум лица за даночни измами и перење пари, го оштетиле буџетот за 430 милиони денари

По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Македонија
Утре сончево време, со температура до 34 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.