Македонија
Димитриев: Македонија е сериозен и кредибилен фактор на регионалната стабилност
Република Македонија во континуитет ја поддржува идејата и работи во насока на развивање и унапредување на регионалната и на билатералната соработка. Најдобар доказ за тоа е активното учество во сите регионални иницијативи и форми на соработка, меѓу кои и во иницијативата ‘SEE Clearinghouse“.
Ова меѓудругото го истакна заменик министерот за одбрана Емил Димитриев на обраќањето на 7-от Состанок на регионалните политички директори во рамките на иницијативата SEEC – Форум за одбранбена соработка на земјите од Западен Балкан, што во среда се одржува во Охрид.
Пред присутните високи претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и меѓународните организации и регионални центри како НАТО, RACVIAC и RCC, заменикот министер Димитриев порача дека нашата држава како функционална мултиетничка демократија е сериозен фактор на регионалната стабилност и, воедно, придонесувач кон глобалната безбедност и светскиот мир.
Во тој контекст, спомена тој, мора да се има на ум дека во време на економска криза вистинскиот пат по кој треба да се движиме се концептите „smart defence“ и „pooling and sharing“, како начин на постигнување поголема ефикасност во одбраната, преку порационално менаџирање со ресурсите, споменувајќи ги и македонските центри како Регионалниот тренинг центар за комуникации, Центарот за медицинска обука, армискиот полигон „Криволак“ и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ на која неколку години наназад настава посетуваат питомци од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Регионалните состаноци на политички директори се на ниво на директори, помошници министри и државни советници за политика и планирање во одбраната. Како постојан и независен регионален форум, тие претставуваат највисоко тело за донесување на политички одлуки од областа на одбраната во рамките на „Clearinghouse“ иницијативата.
На состаноците се даваат насоки за начинот на функционирање на оваа иницијатива, се ажурираат и промовираат идеи за нови регионални проекти и се разгледуваат прашања поврзани со реформите во областа на одбраната на земјите-членки. Регионалните состаноци на политички директори се одржуваат еднаш годишно и се од големо значење за регионот.
„SEE Clearinghouse – Форум за одбранбена соработка на Западен Балкан“ претставува мултинационален одбранбен форум за промовирање и продлабочување на регионалната соработка во духот на добрососедските односи, градење на доверба, меѓусебна соработка, редовна размена на информации и најдобри практики во областа на одбраната и реформите и поддршка на евро-атланските интеграции на земјите од регионот.
Со SEEC раководи копретседателство на ротациона основа составено од една држава која е надвор од регионот и една држава од регионот. За 2012 година Република Македонија и Кралството Норвешка се во улога улогата копретседавачи со SEEC иницијативата. /крај/ач/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

